Стапот како симбол на слепилото постоел уште во древниот живот на народите. Луѓето без вид го користеле како корисно помагало за снаоѓање и движење во просторот. Таа стварност му е позната секому. Но, сега од година во година постојано се зголемува автомобилскиот сообраќај во градовите и селата, на патиштата во целиот свет. Тој факт подразбира многу опасности при самостојното движење на луѓето без вид. Се зголемиле барањата за сегашната улога на стапот, па тој мора да ја преоформи својата суштина во јасно говорлив симбол.

Уште во почетокот на редовната употреба на стапот, тој морал да добие некакво различно значење за брзо, моментно и вистинско распознавање. За таа важна задача во еден момент е направен стапот со бела боја. Заслугите за овој многу важен факт ги има грофицата Жил Хебермон од Париз, која во 1931 година ја покренала својата иницијатива. Таа тогаш со задоволство им поделила 100 бели стапови на слепите лица.

Славењето на 15 октомври како Меѓународен ден на белиот стап службено започнало во 1964 година.

На иницијатива на многубројни здруженија за рехабилитација во Америка, Конгресот во 1964 година го овластил председателот Lyndon B. Johnson, 15-ти Октомври да го прогласи за ден на белиот стап и да се одбелжува во целиот свет. Истиот ден се одбележува и во нашата земја. Имено, белиот стап како симбол на слепите лица е воведен во 1981 година како би им го олеснил движењето на слепите лица меѓу автомобилите.

Националниот сојуз на слепите на Република Македонија формиран во далечната 1946 година, речиси 7 децении дејствува како национална, инвалидска, непартиска, непрофтина хуманитарна организација од особено општествено значење.

Националниот сојуз на слепите на Република Македонија е единствен легитимен претставник на повеќе од 2500 слепи и слабовидни лица од целата територија на државата, и е единствена чадор – национална инвалидска организација која застапува правата на лицата со целосно или делумно оштетен вид во Република Македонија преку своите 17 општински и меѓуопштински здруженија на слепи лица.

Националниот сојуз на слепите на Република Македонија денес со гордост обзнанува дека не е нескромно ако кажеме дека сме една од најстарите институции во државата и една од ретките институции во државата која може да се пофали со 70 годишен јубилеј.

70 години Мисија и Визија за Светлина, 70 Години Светлина на патот на слепите лица, 70 години традиција, работа, симбол на постојан стремеж на слепите лица за достоинствен живот и рамноправна положба во општеството.

Националниот сојуз на слепите на Република Македонија се обраќа со молба до сите Вас  да секој ден за нас биде како овој 15-ти Октомври – Меѓународен ден на Белиот стап – Симболот на слепиот човек – признат од Органзиацијата на Обединетите нации. Затоа што не постоиме само на овој 15-ти Октомври, тука сме постојано секој ден, заедно. Ги посетуваме истите театри, музеи, кина, одиме во истите кафулиња, ресторани, ги слушаме истите песни, се радуваме на победите и плачеме на поразите заедно со целата нација, подаваме рака секому кој ни ја пружа. Затоа што подадената рака е многу повеќе. Затоа што подадената рака е насмевка на нашето лице.

И не звучи нескромно ако кажеме дека денес го имаме најголемиот повод за насмевки, дека денес генерации и генерации на слепи и слабовидни лица кои своето образование го заокружија во Државното училиште за рехабилитација за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје, се радуваат на отворањето на новата училишна зграда за која генерации и генерации на ученици сонуваа.

Нема поголема среќа од таа да гледате дека Вашиот сон се остварува, нема поголема радост од таа во дворот во кој сте си играле да видите нова модерна современа училишна зграда и нема поголем повод за 15-ти Октомври од овој. Нека секој ден биде како овој 15-ти Октомври.

И не е нескромно ако забележиме дека оваа Влада на Република Македонија има направено повеќе од било која за сите слепи и слабовидни лица, не е нескромно ако спомнеме дека оваа Влада го направи она што другите 20 години се обидуваа.

Оваа Влада придонесе за посреќен, посамостоен и понезависен живот, за 2500 насмевки на лицата на слепите и слабовидни лица.

Бараме ветување дека ќе се залагате сите за укинување на сите облици на дискриминација кон слепите лица во сите општествени сфери на животот како достапност на физичкото опкружување, приспособеност на јавниот превоз на патници, достапност на јавните информации и комуникации во формати кои се пристапни на слепите лица како Брајова (релјефна) техника и звучна техника, како и соодветна примена на новите компјутерски технологии, пристап до образованието и едукација под еднакви услови на децата и младинците, вработување, егзистенција од приходите, социјална сигурност и независност, семеен живот и интегритет, култура, рекреација и спорт, религија, се’ со една цел: подобри услови за сестран и самостоен живот. А бидејќи читањето е човеково право, а не сите луѓе имаат пристап до книги и други материјали, ПРАВО ДА ЧИТАМЕ е називот на кампањата која ја покренавме за нашата држава да го следи примерот на многу други земји и да го потпише и ратификува меѓународниот договор МАРАКЕШ ДОГОВОР на Светската организација на интелектуална сопственост склучен во Мароко, кој овозможува пристапност и достапност до публукуваните материјали на слепите лица.

Затоа што повеќе од 90 проценти од публикуваните материјали не се достапни за слепите лица. Затоа истите треба да бидат изработени во формати достапни за слепите лица како електронски книги, книги изработени во Брајова (релјефна) техника или пак Звучна техника. Затоа што секој има право да чита.

Крајно време е да се согледаат во ново светло и со нови хоризонти од современа перспектива, местото и улогата на слепите лица во општестевната заедница. Затоа што сите ги познаваме Андреа Бочели, Реј Чарлс, Стиви Вондер, Никола Галевски, Луј Брај,… Затоа што секому може да му се случи.

Укажуваме дека треба да се направат посебни тактилни патеки или тротоари со посебни коцки означени за движење на слепите лица. На овој начин им се олеснува движењето на слепите лица и истото се прави безбедно.

Апелираме за посамостојно и побезбедно движење на слепите лица да се постават звучни семафори низ целата држава.

Апелираме да градските автобуси во Скопје се озвучени за слепите лица да бидат известени на која станица застанува автобусот и која е следната дестинација. За ова треба само волја затоа што истото можат да го кажуваат и возачите на микрофон.

Апелираме за пристапност на сите јавни објекти, институции на системот и организации како би се избегнала затвореноста на слепите лица во своите домови и како истите би се охрабриле и би излегле самостојно да се вклучат во општествениот живот.

Исто така апелираме да се подготви Предлог – закон за самостојно движење на слепи лица со куче – водич, кој покрај Белиот стап би овозможил полесно движење на слепите лица.

Барaме менијата во рестораните, кафе-баровите и слично, да бидат испишани на Брајово писмо, како и употреба на истото на сите лекарства, при склучување на договори со физички и правни лица, банки, осигурителни друштва, брокерски друштва, телекомуникациски оператори и слично, звучни банкомати, пристапност до електронско банкарство кое засега е пристапно единствено во Комерцијална Банка АД Скопје која обезбедува и обуки за слепите лица.

Многу значајна работа за нас е личниот потпис кое се’ повеќе добива на актуелност. Тоа треба да значи дека секој слеп човек да може да дојде до можност за валиден личен потпис се’ додека не го оствариме т.н. електронски потпис. Електронскиот потпис е вистинската работа бидејќи ќе се користи и преку мобилен телефон.

Затоа што ние слепите лица сме подготвени заедно со заеднички сили да ја надминеме и секоја и најмала бариера.

Поради специфичноста на нашите потреби и со самото тоа што сме лица со најтешка категорија на инвалидност, одговорите кои ќе ги пронаоѓаме треба да ги имаат предвид различните аспекти на нашиот живот, стремежи, потреби.

Потцртуваме дека општествената изолација со која секојдневно се соочуваме, ние, слепите лица, во ниеден случај не може да се оправда со нашата инвалидност, затоа што слепилото не е болест, туку состојба. Затоа што и јас сакам да му се радувам на животот како и ти. Затоа што секому може да му се случи.

Ние не бараме посебни права. Ние не бараме привилегии. Ние бараме само да ни се овозможат сите оние компензациони права кои се цивилизациска придобивка на модерниот и развиениот свет, прокламирани со многубројни меѓународни документи, а пред се’ со Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност на организацијата на Обединетите нации, ратификувана и потпишана и од Република Македонија.

Нека ова одбележување уште еднаш по којзнае кој пат не’ потсети и нека биде можност за слепите лица да се потврдат во поширокиот политичко и општествен живот на сите нивоа со цел подобар прогрес и напредок. Со надеж дека отсега секој ден ќе биде 15-ти Октомври и дека вниманието кое го добиваме на овој ден, ќе го добиваме и секој следен. Со надеж дека очите на јавноста ќе бидат вперени во нас секој ден.

Нека Република Македонија биде земји без бариери за слепите лица.

Затоа што хуманоста не е доблест, туку обврска на секој од нас. Затоа што ние сме тука меѓу вас. Затоа што ништо за нас – без нас. И затоа што… Секому може да му се случи.