Достапноста до книгите за лицата со оштетен вид води до подобро образование и социјалната интеграција
Јавна расправа за Договорот од Маракеш, со кој се олеснува пристапот до објавени дела за лицата кои се слепи, имаат оштетен вид или на друг начин се оневозможени да користат печатени материјали, се одржа во организација на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост при Владата и Министерството за култура.
Во фокусот на дискусијата, како што информира денеска владината прес-служба, беше значењето на Договорот од Маракеш за слепите лица и за лицата со оштетен вид, бидејќи преку овозможување достапност до книгите, списанијата и до едукативни материјали во соодветен формат ќе се унапреди образованието, нивниот професионален развој, ќе се подобри и нивната социјална интеграција и културно учество.
На настанот на кој беа присутни претставници од издавачките куќи, од Здружението за заштита на авторски музички права, од библиотеките, како и слепи лица и членови на Националниот сојуз на слепи лица, се обратија Спасе Додевски, претседавач со Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост, Валмир Азири, државен секретар во министерството за култура, Фризим Даути, директор на НУБ „Св. Климент Охридски“- Скопје, Афет Јашари, од министерството за култура и Стерја Димов, генерален секретар во Националниот сојуз на слепи лица.