Одбележување на денот на Белиот стап во Тетово

Одбележување на денот на Белиот стап во ТетовоЗдружението на слепи лица-Тетово оваа година за прв пат организира трибина по повод 15-ти Октомври одбележувањето на белиот стап - симболот на слепиот човек. Трибината се одржа во Општина Тетово. Целта на оваа трибина е да ја запознаеме јавноста со нашите потреби и проблеми кои се соочуваме во текот на животот и подигнување на јавната свест кај луѓето. Поканети, а воедно присутни беа: градоначалничката на Општина Тетово  г-ѓа Теута Арифи, неколку претставници од другите Општини во Тетово, претставници од Центарот за социјална работа и Агенцијата за вработување, претставници од повеќе невладини и инвалидски организации во Тетово, како и наши членови од Извршниот одбор и други членови од Здружението на слепи лица - Тетово, и да не ги заборавиме локалните медиуми од Тетово.

На оваа трибина се разговараше за повеќе теми кои ги засегаат слепите лица, најпрво за одбележувањето на 15-ти Октомври - Меѓународниот ден на белиот стап, а потоа се разговараше за вработувањето, персонални асистенти за слепите лица, пристап до непосредна физичка околина, правата на слепите лица, проблеми на локално ниво за оваа категорија, тифло-технички помагала и др. Голема чест на здружението ни беше што нашата трибина ја отвори градоначалничката на Општина Тетово г-ѓа Теута Арифи кој ни посака најпрво добредојде, ни го честита одбележувањето на 15-ти Октомври - Меѓународниот ден на белиот стап и ни вети дека во иднина ќе му се помогне на нашето здружение доколку е во можност со дел од нашите барања, а воедно ни кажа дека со аплицираниот проект кој конкуриравме во Општина Тетово за 15-ти Октомври – неговото одбележување со поедини активности, ни кажа дека е одобрен, а во иднина ќе се реализира. Исто така градоначалничката ни вети дека на нашиот најмлад член кој учи во Државното училиште на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во иднина ќе му се обезбеди за негово понатамошно школување во поглед на неговиот талент кон музиката и свирење на повеќе инструменти. Потоа за збор се јави претседателот на Здружението на слепи лица - Тетово Хамди Џемаил кој кажа за одбележувањето на 15-ти Октомври, и накратко за што ќе се разговара на оваа трибина. Потоа вработената во Здружението на слепи Лидија Андоновска читаше за потребите и за проблемите кои се соочуваат нашите членови од здружението и што апелираме како здружение на граѓани од Општина Тетово. Потоа се отвори дискусија, се разговараше за повеќе теми, за разговор се јавија и претставниците од Центарот за социјална работа и Агенцијата за вработување, од повеќето инвалидски и невладини организации и др. Потоа откако заврши нашата трибина, на сите присутни се претставија нашите најмлади членови од здружението со рецитирање на неколку песни и свирење на музички инструменти. Потоа имавме и изложба на повеќе тифло-технички помагала кои ги добивме благодарение на Министерството за труд и социјална политика. На крајот завршивме со мал коктел по повод на 15-ти Октомври, дававме изјави за повеќе медиуми од нашиот град.

Се надеваме дека во иднина ќе продолжиме со организирање на повеќе трибини и тркалезни маси по повод на 15-ти Октомври -Меѓународниот ден на белиот стап - симболот на слепиот човек.