Одбележување на денот на Белиот стап во Гевгелија

IMAG2318Здружението на слепи лица Гевгелија на ден 15.10.2015година Меѓународниот ден на „Белиот стап“ – 15-ти Октомври, Симболот на слепиот човек - признат од Организацијата на Обединетите нации, го одбележа под мотото „Ништо за нас -без нас, ние сме тука меѓу вас“.

На овој ден слепите лица ширум светот и во нашата замја ја потсетуваат јавноста на своите права и можности, да ја направат почуствителна и со своите инцијативи да придонесат за обезбедувањето на социјална сигурност и унапредувањето на севкупната заштита на слепите.

На овој ден Здружението на слепи лица Гевгелија, со членови - слепи и слабовидни лица, претставник од локалната самоуправа и претставници од Центарот за социјална работа и невладиниот сектор, на тркалезна маса отвори дискусија за:

- Законските прописи и спроведување на истите.

- Пристап за самостојно и побезбедно движење на слепите лица до непосредна физичка околина.

- Потреби на локално ниво со цел да се подобри животот на слепите лица.

- Презентација на права од областа на социјалната заштита. 

Со денешниот предизвик на современо општество слепите лица апелираат за:

- За самостојно  и побезбедно движење на слепите лица.

- За пристапност на сите јавни објекти, институции на системот и организации како би се избегнала затвореноста на слепите лица во своите домови и како истите би се охрабриле и би излегле самостојно да се вклучат во општествениот живот.

- Апелираме да се подготви Предлог - закон за самостојно движење на слепи лица со куче - водич кој покрај Белиот стап би овозможил, полесно движење на слепите лица.

- Укажуваме дека треба да се направат посебни тактилни патеки или тротоари со посебни коцки означени за движење на слепите лица. На овој начин им се олеснува движењето на слепите лица.

- Бараме менијата во рестораните, кафе-баровите и слично да бидат испишани на Брајаво писмо, како и употреба на истото на сите лекарства, при склучување на договори со физички и правни лица, банки и осигурителни друштва, брокерски друштва, телекомуникациски оператори и слично, звучни банкомати и слично.

- Да се постават звучни семафори за посамостојно и побезбедно движење.

- Дрвјата кои надвиснуват над тротоарите и живите огради да бидат искатрени за подобро движење на слепите лица.

- Да нема отворени шахти по тротоарите.

- Личниот потпис на слепите кое се’ повеќе добива на актуелност да добие можност за валиден личен потпис.

Потсетуваме дека општествената изолација со која  секојдневно се соочуваме, ние слепите лица, во ниеден случај не може да се оправда со нашата инвалидност, затоа што слепилото не е болест, туку состојба. Затоа што и ние сакаме да се радуваме на животот како и сите.

Ние не бараме посебни права. Ние не бараме привилегии. Ние бараме само да ни се овозможат сите оние  компензациони права кои се цивилизациска придобивка на модерниот и развиен свет, прокламирани со многубројни меѓународни документи, а пред се’ со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на организацијата на Обединетите  нации, ратификувана и потпишана и од Република Македонија.

Затоа што ние слепите сме подготвени заедно со заеднички сили да ја надминиме и секоја најмала бариера.

Нека Република Македонија биде земја без бариери за слепите лица.

Нека нашиот град биде град без бариери за слепите лица.

Од областа на социјалната заштита преставничките од Центарот за социјална работа го презентираа законот за остварување на додаток на слепило и нега.

За овој ден 15-ти Октомври, ден на Белиот стап од НССРМ добивме и тифло помагала за слепите и слабовидни лица за да ги поделиме на членовите кои имаат потреба од нив.

Како членка на Националниот Сојуз на слепи лица на РМ, НССРМ во текот на наредната година ќе го одбележи  70 годишниот Јубилеј од своето постоење, творење за достоинствен живот на слепите лица на цела Р. Македонија.