Втор републички квиз натпревар за слепи

2Под покровителство на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија и Општина Велес, а во организација на Здружението на слепите лица на Општина Велес, на 25.11.2017 година (сабота), во салата „Бели мугри“ во Велес, се одржа „Вториот републички квиз натпревар за слепи“.

На квиз натпреварот земаа учество 9 екипи на Здруженијата на слепи од Македонија и тоа: Скопје 1, Скопје 2, Велес, Неготино, Куманово, Кочани, Штип, Струмица и Прилеп.

Квиз натпреварот беше составен од 4 игри: Одговори ДА – НЕ, Одговори A, B, C или D, Музички прашања и Брзи прсти. Во првата игра се одговараше со избор на тастери со Брајови ознаки: А за ДА и В за НЕ, а за точен одговор екипите добиваа по 2 поени. Во втората игра се одговараше со избор на тастери со Брајови ознаки: A, B, C или D, а за точен одговор екипите добиваа 4 поени. За третата игра, екипите прво слушаа сегмент од некоја песна, а потоа по принципот „брзи прсти“ одговараа на поставеното прашање. За точен одговор екипата добиваше 5 поени. Четвртата игра беше решавачка во сите натпревари. Се одговараше на поставени прашања по принципот „брзи прсти“. За точен одговор екипите добиваа по 10 поени, а за неточен им се одземаа 5 поени.

Првата квалификациска група ја сочинуваа екипите на Прилеп (во состав: Филип Арсов и Боро Николовски), Струмица (во состав: Горан Мицев и Жанко Станков) и Неготино (во состав: Тони Караев и Стојан Марковачев). Првото место и пласман во финалето го освои екипата на Прилеп со освоени 128 поени, второто Неготино со 51 поени и третото место со 22 поени го освои екипата на Струмица.

Втората квалификациска група ја сочинуваа екипите на Кочани (во состав: Тоше Илиев и Душко Граовац), Велес (во состав: Горан Бошковски и Сашко Митревски) и Скопје 1 (во состав: Беира Салифоска и Ема Ананиевска). Првото место и пласман во финалето го освои екипата на Велес со освоени 83 поени, второто Скопје 1 со 77 поени и третото место со 41 поени го освои екипата на Кочани.

Третата квалификациска група ја сочинуваа екипите на Скопје 2 (во состав: Кристијан Лазарев и Блаже Зафировски), Штип (во состав: Никола Додев и Ѓорѓи Смилјанов) и Куманово (во состав: Христијан Ѓорѓевиќ и Ријад Сулејмани). Првото место и пласман во финалето го освои екипата на Скопје 2 со освоени 83 поени, второто Штип со 73 поени и третото место со 68 поени го освои екипата на Куманово.

Присутните можеа да заклучат дека сите екипи покажаа солидно знаење, но сепак, заслужено во финалниот натпревар се пласираа екипите на Прилеп, Велес и Скопје 2.

Во изедначена борба на знаење се’ до самиот крај, за само 3 поени, првото место го освои екипата на Скопје 2 со освоени 101 поен, второто место го освои екипата на Прилеп со освоени 98 поени и третото со освоени 86 поени го освои екипата на Велес. Остана впечатокот дека смелоста при пријавување за одговор беше пресудна и покрај ризикот за одземање поени што на екипата на Скопје 1 им донесе победа. Дипломите и наградите на трите првопласирани екипи им ги додели претседателката на Здружението на слепите лица на Општина Велес – г-ѓа Јадранка Лазаровска.

Општиот впечаток на натпреварувачите и присутните гости беше дека поминаа 100 забавни, но пред се’ едукативни минути.

Им благодариме на покровителите и волонтерите кои беа вклучени во организацијата и реализацијата на овој проект, кој силно веруваме дека ќе продолжи и во иднина.