Во велешката библиотека промовирани нови седум книги на Брајово писмо

1Здружението на слепите на Општина Велес и велешката Локална библиотека „Гоце Делчев“, на 08.02.2018 година, во медиотеката на библиотеката промовираа седум книги од македонски автори отпечатени на Брајово писмо. На промоцијата беа присутни градоначалникот на Општина Велес - г-дин Аце Коцевски, претседателот на Националниот сојуз на слепите на РМ - г-дин Жарко Селковски, претседателката на Здружението на слепите лица на Општина Велес – г-ѓа Јадранка Лазаровска, бројни членови на нашето Здружение, ученици од педагошката паралелка при ССУ Гимназија „Кочо Рацин“ – Велес, гости и пријатели на Здружението. Проектот е делумно финансиран од буџетот на Општина Велес, како дел од активностите за спроведување на Локалниот акциски план за лицата со инвалидност на Општина Велес.

Беа промовирани книгите: „Силјан штркот“ од Марко Цепенков, „Избор“ од Јоаким Крчоски, „ММЕ кој прв почна“ од Дејан Дуковски, „Така било пишано“ од Сашко Насев, „Млади синови“ од Васил Иљоски, „Антица“ од Ристо Крле и „Грев или шприцер“ од Сашко Насев. Воедно направени се и четири реизданија на веќе објавени книги меѓу кои и антологиската „Бели мугри“ од Кочо Рацин, „Црно Семе“ од Ташко Георгиевски, „Камена перница“ од Ристо Ѓ. Јачев и „Диво месо“ од Горан Стефановски.

Во оваа Брајова колекција во склоп на Брајовата библиотека „Ратко Пајдаков“ при Здружението на слепите лица на Општина Велес, со овие нови седум наслови од денеска брои вкупно 34 наслови.

Првите книги на Брајово писмо во Македонија се отпечатени во 1996 години во Велес со залагање на Ратко Пајдаков претседател на велешкото Здружение на слепи.

Освен НУБ „Климент Охридски“ од Скопје, велешката е прва библиотека во земјава која има Брајово катче во кое можат да се позајмат книги на Брајово писмо наменето за слепите читатели од Велес и сите заинтересирани од другите градови во земјава, кои освен во библиотеката можат да ги позајмат овие книги и во велешкото Здружение на слепи лица кои бесплатно им се доставуваат на домашна адреса со обврска за враќање.

Како што потенцира Игор Крајчев – директор на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ - Велес, задоволството е дотолку поголемо кога делото има можност да внесе зрак светлина во животот на својот читател.

„Задоволството е уште поголемо затоа што денес на овие наши сограѓани, со овие книги им даваме не само зрак туку цели нови сонца, цели нови светови. Ние од нашата мисија не отстапуваме и се додека постои збор на парче хартија кој е недостапен за слепите лица, ние ќе ја сметаме нашата мисија за незавршена и нецелосна. Литературата е наменета за сите и треба да биде достапна за сите. Затоа што слепилото е само состојба и не смее никако да биде пречка за слепите лица да останат посиромашни за целото книжевно наследство на овој свет, за сета мудрост на овој свет акумулирана на белите страници на книгата“, порача Крајчев.

Коце Димов, претставник на Одделението за слепи лица на НУБ „Климент Охридски“ од Скопје, потенцира дека издавањето на овие нови книги на Брајово писмо за слепите лица е многу важно и затоа треба да се печатат во сите општини во земјава.

„Република Македонија се уште нема донесено закон за прифаќање на Брајовото писмо како званично писмо за слепите лица и тоа е обврска која претстои пред сите нас и за која треба да се избориме да го донесе Собранието. Ние имавме среќа, пред неколку години се донесе гласовниот јазик така што по тој принцип и по принципот на повеќето Европски земји ќе мора и тоа да го сториме, затоа што Брајовото писмо е многу значајно за нас слепите и значи отворање на еден прозорец“, потенцира Димов.

Воедно потсети дека во далечната 1996 година тие ги отпечатиле и првите книги за деца од прво до четврто одделение. Потоа преку разни проекти отпечатиле и книги за останатите одделенија.

View the embedded image gallery online at:
http://nssrm.org.mk/index.php/578-veles11#sigProGalleriadd65f1b777