Во Велес промовирано аудио издание на Рациновите „Бели мугри“

2Во чест на Коста Солев Рацин и неговата безвремена поезија, Здружението на слепите лица на Општина Велес и Локалната библиотека „Гоце Делчев“ - Велес на 28 ноември годинава промовираа аудио издание на збирката „Бели мугри“.

Како што истакна во своето обраќање Игор Крајчев, директор на локалната библиотека „Гоце Делчев“, промоцијата на исклучително значајното аудио издание на „Бели мугри“ не случајно се поклопува со 79 годишнината од објавувањето на „Бели мугри“. Ова издание за првпат овозможува слепите лица во целост да имаат пристап до Рациновата збирка, рече Крајчев.

Во присуство на градоначалникот Аце Коцевски, претставници на Друштвото на писателите на Македонија и македонскиот ПЕН Центар, на промоцијата за значењето на Рациновите „Бели Мугри“ говореше Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Со свои видувања за значењето на овој проект се обратија Христо Петрески – претседател на Собранието на Друштвото на писатели, Мито Спасовски, Кристина Николовска, Санде Стојчевски, Весна Ацевска, Елизабета Бандиловска и Игор Крајчев – членови на Друштвото на писатели на Македонија.

На промоцијата, поетите читаа свои стихови за Рацин и „Белите мугри“ како вечна инспирација.

Ова издание е дел од Брајовата библиотека „Ратко Пајдаков“ која е формирана во рамките на Здружението на слепите лица на Општина Велес.

View the embedded image gallery online at:
http://nssrm.org.mk/index.php/635-veles13#sigProGalleriaa221d16502