Конвенцијата за правата на лицата со попреченост од сега достапна и за лицата со оштетен вид

1Здружението на слепите лица на Општина Велес ја промовираше Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попречениот на Брајово писмо и во аудио формат, за време на седницата на Националното координативно тело за имплементација Конвенцијата, што се одржа во Свечената сала на Владата на Република Северна Македонија.

На настанот се обрати министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која изрази поддршка за иницијативата за изработка на Конвенцијата на Брајово писмо, бидејќи на тој начин им се овозможува на граѓаните со оштетен вид да бидат информирани и свесни за своите права.

Владо Крстовски, претставник на Национален совет на инвалидски организации на Македонија, потенцираше дека целта на оваа иницијатива е да им овозможи поголем пристап до информации на слепите лица, кои за жал во изминатите скоро осум години од ратификацијата на Конвенцијата не можеа соодветно да се информираат за своите права.

Здружението на слепите лица од Велес ја изработи Конвенцијата на Брајово писмо и во аудио формат со поддршка од проектот „Попреченоста е прашања на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија.

„Целта на проектот е да ја подобри видливоста на лицата со попреченост во медиумите, и на тој начин да придонесеме кон подобро разбирање на оваа група граѓани од страна на пошироката јавност“, истакна Билјана Петковска од Македонскиот институт за медиуми. Таа додаде дека се спроведуваат низа активности за подобрување на ефикасноста во комуницирањето со јавноста од страна на граѓанските организации кои ги застапуваат правата на лицата со попречност, како и за поддршка на новинарите за практикување на инклузивно новинарство.

„Членот 9 – Достапност и членот 21 – Пристап до информации од Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност ги опишуваат токму правата за барање, добивање и доставување на информации на еднаква основа со другите. Оттука произлегува Договорот од Маракеш со кој детално се опишува начинот на пренос на информациите во достапен формат. Следен приоритет на Националниот сојуз на слепите на Македонија пред државните органи е токму ратификацијата на овој Договор, за што сме уверени дека има и можност и волја, и дека наскоро овој Договор ќе стане реалност во Македонија. Денес со гордост, можам да кажам дека направивме исчекор напред. Конвенцијата е испечатена во тираж од 100 примероци на Брајово писмо и 300 примероци во аудио МП3 формат, кои бесплатно ќе бидат дистрибуирани до сите здруженија на слепи во Македонија – членки на Националниот сојуз на слепи, а со самото тоа и до заинтересираните слепи лица – наши членови. Ја користам приликава поединечно до секој од Вас да упатам јавен апел да се приклучите во сите акции и иницијативи каде ќе се препознаете во надлежностите, хуманоста или атруизмот, зошто само така ќе создадеме услови за еднаков пристап и еднакви можности за слепите лица.
Радува сознанието дека Ве има се повеќе и дека заедно можеме многу!“ - истакна секретарот на Здружението на слепите лица на Општина Велес.

Дел од присутните гости апелираа оваа иницијатива да биде дополнителен поттик за институциите и за сите засегнати страни да поддржат подготовка на разновидна литература на Брајово писмо, за да можат и лицата со оштетен вид да се едуцираат и информираат, како и сите други граѓани.