Закон за инвалидски организации

Категорија Документи

 ЗАКОН ЗА ИНВАЛИДСКИ ОРГАНИЗАЦИИ

Службен весник на РМ, бр. 89 од 18.07.2008 година

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Содржина на Законот

Со овој закон се уредува статусот, подрачјето на делување, финансирањето и сопственоста на инвалидските организации.  Одредбите на овој закон, кои се однесуваат на физички лица, важат подеднакво за жени и за мажи.

Член 2

Инвалидска организација

Инвалидска организација е здружение на граѓани која се формира согласно со Законот за здруженија на граѓани и фондации.

Инвалидска организација може да се здружува во различни облици како сојузи и други облици на здружување или поврзување. (во натамошниот текст: здружение) или сојуз на здруженија на граѓани (во натамошниот текст: сојуз).  На инвалидските организации се применуваат одредбите на Законот за здруженија на граѓани и фондации, ако со овој закон поинаку не е определено.

Член 3

Инвалидската организација е доброволно и независно здружување на лицата со инвалидност заради остварување на заеднички интереси и посебни потреби како и нивните законски застапници, со цел да ги утврдуваат, застапуваат и задоволуваат посебните потреби на лицата со инвалидност, како и да ги застапуваат интересите на лицата со инвалидност.  Во органите на управување на инвалидската организација  лицата со инвалидност се застапени најмалку со 70%, освен во инвалидските организации на лицата со интелектуална попреченост.

Инвалидската организација при своето делување ги почитува начелата на инвалидската заштита, утврдени во законите на Република Македонија, меѓународната правна заштита  и меѓународните стандарди и конвенции во областа на  инвалидската заштита. Инвалидската организација може да делува на државно или на локално ниво.

Член 4

Инвалидските организации учествуваат при оформувањето на националната политика која се однесува на инвалидската заштита и во мерките за обезбедување на еднакви можности и еднакви права на лицата со инвалидност.

Државните органи за сите работи од став 1 на овој член се консултираат со инвалидските организации.

Член 5

Членство

Членови на инвалидска организација можат да бидат инвалидни лица, нивни законски застапници и други физички лица, кои ја помагаат активноста на инвалидската организација.

Лице со инвалидност во согласност со Законот за социјална заштита и Правилникот за оцена на специфичните потреби на лицата со пречки во физичкиот или психичкиот развој е поединец, кој заради своите вродени или здобиени повреди и попреченост стекнати или создадени од нивната физичка или животна средина, сам не може делумно или во целост да ги задоволува личните, семејните и животните потреби за живот во средината, во која живее.

Член 6

Јавност

Делувањето и работењето на инвалидските организации е јавно.

Податоците, впишани во регистарот на инвалидските организации, се јавни.

II. АКТИВНОСТ

Член 7

Активноста, која ја извршува инвалидската организација, е непрофитабилна.

Без оглед на принципот на непрофитабилност, инвалидската организација може да извршува, исто така, и профитабилна дејност во согласност со Законот за здруженија на граѓани.

Инвалидската организација не смее да извршува профитабилни дејности како своја претежна дејност.

За својата активност инвалидската организација може да стекнува предмети, парични средства и имотни права, согласно со Законот за здруженијата на граѓани и фондациите.

Член 8

Цели

Цели на делување на инвалидската организација за достигнување на квалитет на животот на лицата со инвалидност се особено:

- почитување на човековите права на лицата со инвалидност;

- вклученост во општеството и учество во секојдневниот живот;

- недискриминација на лицата со инвалидност;

- поттикнување на лицата со инвалидност да се потпираат на сопствените сили и способности;

- автономност на лицата со инвалидност како корисници на услуги;

- економска, социјална, здравствена и правна заштита на лицата со инвалидност; и

- социјална правда и социјална сигурност.

Член 9

Задачи

Во рамките на својата активност, инвалидските организации ги извршуваат следниве задачи:

1.  ги утврдуваат интересите и ги застапуваат потребите на лицата со инвалидност на секое подрачје, кои се однесуваат на животот на лицата со инвалидност, придонесуваат за создавање свест во јавноста и влијаат врз промените во полза на лицата со инвалидност.

2.  планираат, организираат и изведуваат проекти, кои им овозможуваат на поедини групи на лица со инвалидност поактивно учество и помагаат во отстранувањето на попреченоста и поголема независност во животот (оспособување за активен живот и работа, превоз, снабдување со технички помагала, лична помош, нега, физичка помош, центри за дневен престој, клубови, програми за деца и младинци со посебни потреби, програми за стари, болни и изнемоштени лица, толкување и подржување, програми за чување на здравјето и други рехабилитациони проекти, информативна, издавачка, културна, рекреативна, спортска активност и слично;

3.  учествуваат во спречувањето и отстранувањето на бариерите во физичката и социјалната средина;

4. организираат и спроведуваат активности за запознавање на инвалидните лица од областа на заштитата на здравјето, медицинска и социјална рехабилитација, воспитување, образование, оспособување, вработување,  социјална заштита, култура, спорт и рекреација;

5. спречуваат и ублажуваат социјални и психички последици од инвалидноста;

6. ги оспособуваат лицата со инвалидност за самопомош и нивните блиски и други лица за живот и работа со лица со инвалидност;

7. ги развиваат социјалните вештини на лицата со инвалидност и нивната информираност за различни подрачја на животот;

8. поттикнуваат активности на соодветни органи и организации за што поуспешно решавање на прашањата во врска со лицата со инвалидност;

9. учествуваат во изготвувањето на државните мерки и предлагаат прифаќање на прописи и мерки на подрачјето на инвалидската заштита;

10. ги претставуваат, заштитуваат и почитуваат правата и интересите на државно и локално ниво;

11. обезбедуваат поддршка, создаваат можности за развој на самопомош и добротворност;

12. се поврзуваат со други инвалидски организации во земјата и во странство.   Инвалидските организации можат да извршуваат и други задачи, кои се определени во основачкиот акт на инвалидската организација.

III. СТАТУС НА ИНВАЛИДСКА ОРГАНИЗАЦИЈА

Член 10

Здружение или сојуз добива статус на инвалидска организација ако:

1. во основачкиот акт има определба и извршува поедини задачи од член 9 став 1  точките 2, 4, 5, 6, 7 и 10  од овој закон на државно или локално ниво;

2. да предлага програми (проекти) кои ќе ги реализира особено од инвалидската заштита со кои ќе се потпомага независниот живот на одредена група лица со инвалидност;

3. има стручно оспособен кадар за водење на посебните социјални програми (проекти) од инвалидската, социјалната, здравствената и друга заштита на инвалидните лица; и

4. предлага посебни социјални програми (проекти) за зачленети и незачленети лица со инвалидност.

5. ако членуваат најмалку 40 лица од кои 95% лица со инвалидност со ист вид инвалидност, или 95% лица со инвалидност со различен вид инвалидност, но сепак со еднакви права или општествен статус, кои делуваат во јавен интерес на подрачјето на инвалидската заштита (во понатамошниот текст: инвалидска организација) во согласност со законот.

Член 11

Постапка за доделување на статус на инвалидска оргнизација

Здружението или сојузот поднесуваат писмено барање за добивање на статус на инвалидска организација до Министерството за труд и социјална политика. Инвалидската организација е должна да се регистрира во Централниот регистар на подрачјето каде што има седиште.

Член 12

Здружението или сојузот кон писменото барање за добивање на статус на инвалидска организација треба да приложат:

1. доказ за регистрација, име, седиште и претставници на здружението или сојузот;

2. доказ за исполнување на условите за добивање на статус на инвалидска организација.

Барањето се поднесува согласно со член 11 став 1 на овој закон.

Член 13

Министерот за труд и социјална политика со решение одлучува за доделување на статус на инвалидска организација, врз основа на претходно мислење на Комисија.

Комисијата од став 1 на овој член ја формира министерот во состав од  три члена, од кои еден член на комисијата е на предлог на Националниот совет на инвалидските организации на Македонија од член 26 на овој закон.

Комисијата го изготвува мислењето за стекнување статус на инвалидска организација врз основа на разгледано барањата и претходно  прибавено мислење од Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во Република Македонија и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија.  

Член 14

Престанување на статусот на инвалидска организација

Министерот за труд и социјална политика со решение одлучува за престанување на статус на инвалидска организација,  ако:

- инвалидската организација поднесе барање за престанување на статусот;

- инвалидската организација не исполнува повеќе услови за добивање на статус на инвалидска организација според овој закон и Законот за здруженија на граѓани и фондации;

- инвалидската организација не делува во согласност со членот 3 од овој закон;

- доколку здружението или сојузот се избришани од регистарот на здруженија на граѓани;

- инвалидската организација истапила или била исклучена од инвалидската организација, која како сојуз на здруженија го добила статусот на инвалидска организација.

Против решението од член 13 став 1 на овој закон и  став 1 на овој член може да се поднесе жалба до Второстепената комисија при Владата на Република Македонија надлежна за прашања од социјална заштита.

Член 15

Во постапката за престанокот на статусот на инвалидска организација, решението од 14 став 1 на овој закон се донесува врз основа  на претходно мислење на Комисија, изготвено согласно член 13 став 3 од овој закон.  Врз основа на правосилна одлука за бришење од регистарот на инвалидските организации, на здружението или на сојузот на здруженија им престанува статусот на инвалидска организација.

Член 16

Регистар на инвалидски организации

Министерството за труд и социјална политика го води регистарот на инвалидските организации.

Регистарот на инвалидските организации ги содржи следниве податоци:

- реден број на уписот;

- датум на уписот;

- име на инвалидската организација;

- седиште на инвалидската организација;

- лично име на претставникот на инвалидската организација;

- број и датум на одлуката за добивање на статус на инвалидска организација;

- датум на престанување на статусот инвалидската организација.

Инвалидските организации се должни на Министерството за труд и социјална политика и Централниот регистар да му достават известување за  промените на податоците кои се водат во регистарот на инвалидските организации, најдоцна 15 дена од денот на настанатите промени.

IV. НАЦИОНАЛНИ ИНВАЛИДСКИ ОРГАНИЗАЦИИ

Член 17

Улога на националните инвалидски организации

Инвалидска организација може да се стекне со статус на Национална инвалидска организација ако работи на територијата на Република Македонија, како и на меѓународен план и да ги претставува лицата со определен вид на инвалидност без разлика на нивната верска, национална и расна припадност.

Покрај условите од став 1 на овој член инвалидската организација е потребно да има:

1. статус на инвалидска организација;

2. најмалку 15 општински, меѓуопштински и градски здруженија кои дејствуваат на територијата  на целата држава;

3.  ги извршува  задачите од  член 9 став 1 точка 1, 9  и 12 и член  10 точка 1 од овој закон ; и

4. во својата организација има вклучено 95% инвалидни лица кои се со ист вид инвалидност или 95% инвалидни лица со инвалидност со различен вид инвалидност, но нивните активности се насочени кон стекнување на еднакви заеднички посебни потреби.

5. организираност за да може да делува во сите сфери на животот на лицата со одредена инвалидност, посебно на полето на образованието, здравството, вработувањето, социјалната заштита, културниот живот, спортско рекреативни активности и друго.

6. заради специфичните потреби на своите членови  да биде оспособена да ги реализира потребите за набавка на помагала за своите членови, обезбедување на придружник, обезбедување на толкувачи на знаковен јазик, да ги оспособува членовите за ориентација и социјална интеграција, отстранување на архитектонските бариери, посредување при вработување на лицата со инвалиднсот, покренување на иницијативи за унапредување на социјалната заштита и правата на лицата со инвалидност, грижа за семејството, потребите од организиран културно-спортски и рекреативен живот, решавање на секојдневните животни проблеми со кои се судруваат лицата со инвалидност и др.

7. постоење на соодветни просторни услови за вршење на административно- технички работи за потребите на лицата со инвалидност и просторни услови за клубски активности на лицата со инвалидност и

8. членство во меѓународни асоцијации на лицата со инвалидност.

Член 18

Општи услови

Со статус на Национална инвалидска организација може да се стекне  само една инвалидска организација за одреден вид на инвалидност,  согласно со член 20 од овој закон.  

Член 19

Националната инвалидска организација има за задача:

- да ги претставува и застапува лицата со инвалидност и нивните интереси во комуникација со државните органи во Република Македонија и на меѓународно ниво;

- во согласност со прописите да предлага претставници на лицата со инвалидност во работните тела во државните органи, кои ги разработуваат прашањата во врска со лицата со инвалидност;

- предлага или именува претставници на лицата со инвалидност во органите на истородните меѓународни организации и здруженија.

Посебни услови

Член 20

Постапка за стекнување статус на Национална инвалидска организација

Национална инвалидска организација може да биде онаа организација која ги исполнува следниве посебни услови:

1) Да има регистрирано најмалку 300 членови во својата организација, со определена инвалидност врз основа на наод и мислење од надлежен орган.

2) Да има најмалку 15 меѓуопштински  и градски здруженија кои доброволно се здружени во единствена инвалидска организација;

3) Да има обезбедено во најмалку 15 меѓуопштински и градски здруженија, соодветен  простор за работа и активности;

4) Да има оспособен стручен кадар во најмалку 15 меѓуопштински-градски здруженија (зависно од видот на инвалидност: познавање на знаковен јазик на глувите, соодветен профил на кадри за работа со слепи, лица со интелектуална попреченост и лица со други видови на инвалидност);

5) Од денот на нивното основање да има најмалку пет години период на активно делување во остварување на заштитата и правата на лицата со инвалидност.

Член 21

За стекнување на статус на Национална инвалидска организација, инвалидската организација поднесува писмено барање до Министерството за труд и социјална политика. Комисијата од член 13 на овој закон е надлежна за признавање и престанок на статусот на Националната инвалидска организација.

Член 22

Со писменото барање за признавање на статусот на Национална инвалидска организација  треба да се приложи:

1. Решение за добивање на статус на инвалидска организација,

2. Извештај за извршување на задачите од 1, 9 и 12 точка од членот 9 од овој закон, и

3. Изјава за бројот на зачленети лица со ист вид на инвалидност и нивните законски претставници или

4. Изјава за бројот на зачленети лица со инвалидност со исти права и посебни потреби.

Член 23

Престанување со работа на Национална инвалидска организација

Националната инвалидска организација престанува со работа (го губи статусот) ако не се исполнети одредбите од Законот за здруженија на граѓани и фондации и овој закон и ако со решение е бришана од судскиот регистар.

Член 24

Со работа престанува Националната инвалидска организација ако покрај одредбите од Законот за здруженијата на граѓани и фондации не ги исполнува задачите од член 19 од овој закон.

Член 25

Регистар на Национални инвалидски организации

Министерството за труд и социјална политика го води регистарот на Националните инвалидски организации.

Регистарот на инвалидските организации ги содржи следниве податоци:

- реден број на уписот;

- датум на уписот;

- име на Националната инвалидска организација;

- број и датум на одлуката за признавање на статус на Национална инвалидска организација;

- датум на престанување на работата на Национална инвалидска организација.

Националната инвалидска организација е должна до централниот регистар на Република Македонија да му ги соопшти промените на сите податоци кои се водат во регистарот на Националната инвалидска организација согласно со одредбите од  Законот за здруженијата на граѓани и фондациите.

Член 26

Национален совет на инвалидските организации на Македонија

Националните инвалидски организации можат да се поврзат во Националниот совет на инвалидските организации на Македонија (во понатамошниот текст: НСИОМ).

Националниот совет на инвалидските организации на Македонија се основа со спогодба меѓу Националните инвалидски организации од став 1 на овој член, со која сразмерно се одредуваат задачите на НСИОМ меѓу поврзаните Национални инвалидски организации. Спогодбата му се доставува на Министерството за труд и социјална политика заради евидентирање во регистарот, и истата се доставува до надлежниот основен суд.

Во НСИОМ сите членки се рамноправни. Во НСИОМ може да се вклучи секоја Национална инвалидска организација, која го сака тоа и делува на национално ниво. НСИОМ е должен за сите промени да го извести Министерството за труд и социјална политика и надлежниот основен суд согласно со одредбите од Законот за здруженијата на граѓани и фондациите. 

Член 27

Цел на основање на НСИОМ

НСИОМ ги усогласува интересите на сите лица со инвалидност во државата преку постигнување на автономноста на секоја инвалидска организација и ја застапува во дијалогот меѓу инвалидските организации и во дијалогот со стручните здруженија, државните органи, јавните институции и пошироката јавност.

НСИОМ предлага во согласност со прописите групни претставници на лицата со инвалидност во органите на државните и другите јавни институции, како и во органите на меѓународните организации и здруженија и извршува други групни договорени активности.

V. ФИНАНСИРАЊЕ И СОПСТВЕНОСТ НА ИНВАЛИДСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ,

НАЦИОНАЛНИТЕ ИНВАЛИДСКИ ОРГАНИЗАЦИИ И НСИОМ

Член 28

Инвалидската организација за своето делување се финансира од:

- членарина,

- Буџетот на Република Македонија согласно со Одлуката за критериуми и  постапките за распределба на финансиските средства на здруженија на граѓани и фондации и Листата на здруженија на граѓани и фондации.

- буџетот на Локалната самоуправа -врз основа на имотните права и активности на инвалидската организација,

- подароци и завештанија,

- приходи на донатори и

- други извори утврдени со закон

Член 29

Националните инвалидски организации се финансираат од:

- Буџетот  на Република Македонија од средствата од игри на среќа согласно со одлука на Владата на Република Македонија за распределба на овие средства, за што доставуваат барање и програма до Министерството за финансии за тековната година;

- Буџетот на Република Македонија, врз основа на проекти со кои аплицираат на оглас што го распишуваат  надлежните министерства;

- и други извори утврдени со закон.

Националните инвалидски организации од средствата што ги добиваат согласно став 1 алинеа 1 на овој член, ги финансираат инвалидските организации на општините кои се доброволно здружени во Националната инвалидска организација.

Член 30

Национален совет на инвалидските организации на Македонија НСИОМ се финансира од Националните инвалидски организации кои спогодбено се поврзани во НСИОМ согласно член 26 од овој закон.

Во Спогодбата за поврзување на националните инвалидски организации во НСИОМ се определува и процент што треба да го издвои секоја Национална инвалидска организација од средствата што ги добива согласно со член 29 алинеа 1 од овој закон.

Член 31

Инвалидска организација, Национална инвалидска организација и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија мора да ја составува финансиската документација за планирање, финансиско работење и годишно известување, така што посебно да се евидентни финансиските извори, трошоците за работење и за извршување на своите годишни програми.  Податоците се искажуваат во согласност со прописите за финансиското  работење.

Член 32

Годишниот извештај за работењето на инвалидската организација и Националната инвалидска организација  го разгледува и прифаќа надлежен орган на инвалидската организација. Инвалидската организација го доставува годишниот извештај за работата на организацијата, овластена за обработка и објавување на податоците, до последниот ден во месецот февруари во тековната година, на правните и физичките лица, кои ги обезбедуваат средствата на инвалидската организација, а потоа за употребата на тие средства инвалидската организација ја известува Националната инвалидска организација и други надлежни  органи.

Националните инвалидски организации доставуваат годишен извештај за работа  со финансиски извештај до Националниот совет, а Националниот совет извештајот го доставува до надлежното министерство и донаторите на финансиските средства.

Член 33

Стопанисување со сопственоста

Инвалидската организација, Националната инвалидска организација и Националниот совет на инвалидските организации располага и управува со имотот и паричните средства согласно со Статутот, Законот за здруженијата на граѓани и фондациите и друг закон.

Член 34

По престанувањето на работа на инвалидската организација за управување со нејзината сопственост, се применуваат одредбите од Законот за здруженијата на граѓаните и фондациите.

Член 35

Надзор над законитоста на работењето

Надзорот врз извршувањето на програмите и инвестициите може да ги извршуваат покрај надлежните органи на организацијата, исто така и стручни органи кои се овластени од правните и физичките лица, кои ги доделуваат средствата на инвалидската организација (спонзори, донатори и сл.).

Надзорот врз законитоста на работењето и исполнувањето на одредбите на овој закон и Законот за здруженијата на граѓани и фондациите над инвалидската организација, Национална инвалидска организација и Националниот совет на инвалидските организации го извршува Министерството за труд и социјална политика, а надзорот на финасиското работење го врши Министерството за финансии и Државниот ревизор за финансиско работење. 

VI. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ

Член 36

Глоба

Глоба во износ од 2500 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе  се изрече за прекршок на инвалидска организација, Национална инвалидска организација и Нациоланиот совет на инвалидски организации, ако:

- презема активности со кои ги попречува  целите на делување (член 8, 19 и 27);

- не извести за промена на податоците (член 25)

- не составува финансиска документација (член 31) и

- не доставува годишна програма и финансиски извештај (член 32);

Глоба во износ од 250 до 5.00 евра во денарска противвредност за прекршок од став 1 на овој член ќе  му се изрече и на одговорното лице во  инвалидска организација, Национална инвалидска организација и Националиот совет на инвалидски организации.  

VII. ЗАВРШНА ОДРЕДБА

Член 37

Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.