По повод 15-ти Октомври, Меѓународниот Ден на Белиот стап, во Локалната библиотека „Гоце Делчев” – Велес, беа промовирани четирите нови изданија на книги на Брајово писмо – дел од Брајовата библиотека „Ратко Пајдаков“..

Изданијата „Волшебното самарче” од Ванчо Николески, „Коста е наш” од Сашко Насев, „Алиса во земјата на чудата” од Луис Керол и „Вујко Вања” од Антон Павлович Чехов, беа промовирани од страна на Здружението на слепи лица од Велес, а финансиски поддржани од буџетот на Општина Велес, како дел од активностите за спроведување на Локалниот акциски план за лицата со инвалидност на Општина Велес.

Две од книгите се за повозрасната публика, две книги се детска лектирна литература, така што сакаме да ги задоволиме вкусовите на нашите читатели. Досега искуството покажува дека добро функционира нашата библиотека, членовите ги читаат со обврска да ги вратат, се дистрибуираат низ цела земја. Не’ радува што секогаш книгите не се на број, значи се читаат.

„Особена благодарност упатувам до Општина Велес која од сопствени средства финансираше половина од вредноста на овој проект. Апелирам до сите организации да ги помагаат активностите од овој вид, бидејќи – заедно можеме повеќе“, истакна Тони Пајдаков, секретар во Здружението за слепи лица.

„Печатењето книги на Брајовото писмо, со цел книгите и мудростите содржани во нив да станат достапни и за слепите лица е од исклучително значење. Горд сум што Општина Велес е единствена општина што обезбедува финансиска помош за реализација на ваков вид на проекти и што Здружението на слепите лица на Општина Велес е единствено здружение кое печати книги за слепи лица“, истакна г-дин Аце Коцевски – градоначалник на Општина Велес.

Во јуни годинава беше промовирана и Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност на Брајово писмо и во аудио формат, со што слепите лица можат да се запознаат со своите права, особено во однос на барањето, добивањето и доставувањето на информации на еднаква основа со другите.

Брајовата библиотека „Ратко Пајдаков“ при Здружението на слепите од Општина Велес, располага со 38 наслови на Брајово писмо. Книгите бесплатно се дистрибуираат до сите заинтересирани слепи лица во Македонија.

[Best_Wordpress_Gallery id=”362″ gal_title=”Veles16″]