Попреченоста во медиумското известување – огледало на општествените перцепции

Темите што ги засегаат лицата со попреченост најчесто се покриени преку вести, извештаи и социјални стории, поретко преку подолги, аналитички жанрови. Потребен е поголем новинарски ангажман и поголема иницијатива на новинарите во идентификувањето теми поврзани со лицата со попреченост и нивно конзистентно покривање, сè до иницирање реакции од институциите и разрешување на евентуалните проблеми.

Oва е само една од клучните препораки од анализата „Попреченоста во медиумското известување – огледало на општествените перцепции“, во која се претставени првичните наоди од мониторингот на медиумите за застапеноста и за начинот на покривање на лицата со попреченост.

Целосниот извештај од анализата (на македонски и албански јазик) е прикачен во прилог.

Целта анализа е да се утврди застапеноста и начинот на известување на медиумите за лицата со попреченост. Во таа насока беше направен мониторинг на девет медиуми на македонски и на албански јазик: „Слободен печат“, ТВ Сител, ТВ Телма, ТВ Тера, СДК.мк, ТВ Алсат-М на албански јазик, ТВ Коха, весникот „Коха“ и Порталб.мк1 во периодот од 1-ви до 30 септември 2019 година. Медиумите беа избрани врз основа на нивната гледаност/слушаност и влијанието што го имаат кај публиката.

Кај телевизиите беа мониторирани централните информативни изданија, додека, пак, кај весниците и кај онлајн медиумите се разгледуваа сите рубрики, освен оние за случувањата надвор од државата, за забава и за спорт. Дополнително, беа направени и 18 длабински интервјуа со претставници на институциите, на граѓанските организации и на медиумите, со цел да се истражат ставовите, искуствата и постојните практики на соработка меѓу различните актери, да се дадат предлози за унапредување на механизмите на соработка меѓу нив и на тој начин да се придонесе кон поголема застапеност на лицата со попреченост во медиумите.

Анализта е изработена од Институтот за медиуми и различности (МДИ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија (НСИОМ), како дел од проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што е финансиран од Европската Унија.

Аудио верзијата од извештајот е достапна во продолжение: