Неколку години по ред, традиционално, Брајовата библиотека „Ратко Пајдаков“ која функционира при Здружението на слепите лица на Општина Велес, крајот на годината го посветува на промоција на книги наменети за слепите лица. Иако ветивме дека секоја година ќе издаваме по 4 книги на Брајово писмо, оваа година, со задоволство може да кажеме дека издадовме 6 Брајови и 3 аудио книги. На 27.12.2016 година во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес, беа промовирани Брајовите книги: „Буре барут“ од Дејан Дуковски, „Итар Пејо“ од Стале Попов, „Маслинови гранчиња“ од Глигор Поповски, „Орхан“ од Неџати Зекирија, „Средарот“ од Григор Прличев и „Шеќерна приказна“ од Славко Јаневски, како и аудио книгите: „Гоце Делчев“ од Ванчо Николески, „Странецот“ од Албер Ками и „Судбината на човекот“ од Михаил Шолохов. Проектот за издавање на Брајовите книги е поддржан од Општина Велес, додека проектот за издавање на аудио книгите е заеднички проект на нашето Здружение со Локалната библиотека „Гоце Делчев“ од Велес, а поддржан од Министерството за култура на РМ.

Овие наши проекти се од национален карактер, односно книгите ги користат слепите лица од цела Македонија. Среќни сме што ниту во еден момент книгите не ни се број, односно во секое време има книги кај некој наш читател. Среќни сме што успеавме да ја разбудиме читателската публика во Македонија која со децении беше замрачена поради недостатокот на Брајови книги.

Новите три книги, заедно со едицијата на аудио книги од Министерството за труд и социјална политика на Македонија, се поставени на веб страната на Националниот сојуз на слепите на Македонија www.nssrm.org.mk за бесплатно онлајн преслушување, односно читање. Среќни сме што седмично имаме околу 2.500 преслушувања на овие книги.

Тој што не сака да го реши проблемот – бара изговори, а оној кој сака да го реши проблемот – бара решение. Пред 3 и пол години градоначалникот на Општина Велес г-дин Чадиев сакаше да го реши проблемот – и најде решение: ни овозможи да набавиме Брајов печатар, а со самото тоа, го осветли патот на слепиот човек во светот на темнината. Пред три и пол години бројот на Брајови книги во нашата библиотека беше само 10, а денес, тој број го подигнавме на 27 Брајови книги.

Оваа година издадовме претежно лектирна литература која е потребна во образовниот процес на слепите ученици во Училиштето за слепи деца и младинци „Димитар Влахов“. Само еден наслов го посветивме на повозрасната публика, а тоа е Брајовата книга „Буре барут“ од Дејан Дуковски.  Аудио книгите: „Гоце Делчев“ од Ванчо Николески, „Странецот“ од Албер Ками и „Судбината на човекот“ од Михаил Шолохов, како и Брајовите книги: „Итар Пејо“ од Стале Попов, „Маслинови гранчиња“ од Глигор Поповски, „Орхан“ од Неџати Зекирија, „Средарот“ од Григор Прличев и „Шеќерна приказна“ од Славко Јаневски, ги подаривме на училиштето за слепи деца и младинци „Димитар Влахов“ од Скопје.

[Best_Wordpress_Gallery id=”153″ gal_title=”Veles9″]