Здружението на слепите лица на Општина Велес за дел од своите членови, во текот на ова лето организира обука за рекреативниот спорт – Стоечко веслање, на езерото „Младост“ (Велешко езеро), во светот познат како SUP Boarding.

Оваа активноста е по иницијатива на секретарот Тони Пајдаков и инструкторот Ане Тодоров, кои своите сопствени ресурси – спортски реквизити и знаење, целосно и без надомест ги ставија во функција на реализација на овој проект.

По реализацијата на проектот, можеме да заклучиме дека целите кои ги зацртавме, во целост се реализирани. Стоечкото веслање за слепите лица и лицата со оштетен вид претставува инклузивна активност, а воедно, поради пандемијата, мерките за социјална дистанца и неможноста за бавење со други спортски активности, овој нов рекреативен спорт е идеален начин за слепите лица и лицата со оштетен вид да го одржуваат и развиваат здравото тело и дух.

Со проектот беа опфатени вкупно 7 слепи лица и лица со оштетен вид од Здружението на слепите лица на Општина Велес и Здружението на слепи и лица со оштетен вид – Скопје.

Интересот за вклучување во овој спорт е поголем, но поради немањето на доволен број на спортски реквизити (даски за стоечко веслање) го користевме максимумот кој ни беше достапен.

Веруваме дека во следниот период ќе успееме да обезбедиме финансиска поддршка за реализација на проектот и езерото „Младост“ во Велес ќе стане атрактивна дестинација за слепите лица и лицата со оштетен вид за бавење со овој рекреативен спорт, како и тоа дека овој спорт ќе стане составен дел од секојдневниот живот на слепите лица и лицата со оштетен вид. Во прилог ни доаѓа и реализацијата на Општина Велес „Смарт езеро Младост“ чии содржини ќе бидат целосно прилагодени и пристапни за лицата со попреченост.

[Best_Wordpress_Gallery id=”395″ gal_title=”veles19″]