Здружението на слепите лица на Општина Велес на 14.04.2016 година зема активно учество на јавната дискусија на тема „Правната заштита на лицата со попреченост во областа на работните односи, образованието, социјалната и здраствената заштита – Што граѓаните треба да знаат?“ организирана во соработка со Проектот на УСАИД за заштита на човековите права и Општина Велес.

На јавната дискусија покрај претседателката Јадранка Лазаровска, членот на Извршниот одбор – Благој Трпчев и секретарот – Тони Пајдаков, беа присутни и претставници на Советот на Општина Велес, Центарот за социјални работи – Велес, Агенцијата за вработување – Велес, претставници од повеќе инвалидски организации и невладиниот сектор.

На јавната дискусија претставниците на нашето Здружение активно земаа учество при што беа опфатени теми од областа на вработувањето, социјалните права, здравството, образованието и правната помош за лицата со инвалидност.

Во врска со вработувањето, од страна на секретарот беше објаснета процедурата и потребната документација при вработување на инвалидно лице, а исто така го истакна и проблемот за добивање на Наод и мислење, односно категоризација, за лица над 26 годишна возраст, бидејќи таква Комисија не постои. Во врска со социјалните права, односно компензационите права, слепите лица со оштетување на видот над 98% проценти имаат право на додаток за слепило и право на помош и нега од друго лице, но ова право можат да го остварат лица над 26 годишна возраст, а додека за слепите лица под 26 годишна возраст, имаат право на посебен додаток. Заклучок е дека е потребно да се формира Комисија за категоризација на инвалидните лица над 26 години, со што би се поедноставила процедурата при вработување на овие лица, и тие нема да бидат зависни од работодавец кој ќе ја започне процедурата за добивање на Наод и мислење, со што самите инвалидни лица ќе имаат можност на избор при нивното вработување.

Еден од најгорливите проблеми со кои се соочуваат слепите лица во користењето на здравствените услуги, секако е правото на придружник во болничко лекување. Ова право иако е регулирано со Закон, во пракса скоро и да не се применува, пред се’ поради неинформираноста на здравствените работници, но и на самите слепи лица и членовите на нивните семејства. Согласно Законот, придружникот на слепото лице добива болнички кревет и е целосно ослободен од партиципација. Заклучок е дека е потребна едукација на здравствените работници, слепите лица и членивите на нивните семејства за користење на ова право.

Иако во нашето општество се прокламира интеграција на слепите лица во редовните училишта, сепак став на нашето Здружение е дека слепите деца мора да посетуваат настава во специјалното училиште за слепи „Димитар Влахов“ – Скопје, поради тоа што ниту едно друго училиште во Македонија нема ниту стручен кадар (тифло-педагози) кој ќе работи со слепите ученици, ниту пак има тифло-технички надгледни средства кои се потребни на слепите ученици за нормално следење на наставата.

Поради тоа што инвалидските организации, односно самите членови се директно засегнати од сите законски и подзаконски акти кои се однесуваат на лицата со инвалидност, самите инвалидски организации ги пратат овие акти донесени од страна на државата, и стојат на располагање на инвалидните лица како правни советници. Инвалидските организации всушност претставуваат сервис на граѓаните. Заклучок е дека треба да се бара измена на Законот за локална самоуправа каде овие организации ќе добијат делегирани надлежности од локалните самоуправи за прашања поврзани со инвалидните лица.

Организаторите на оваа јавна дискусија изразија посебно задоволство и благорадност до претставниците на нашето Здружение за плодните дискусии и насоки кои беа изнесени на оваа јавна дискусија.

[Best_Wordpress_Gallery id=”73″ gal_title=”Veles5″]