УПАТСТВО ЗА ПОВЛАСТЕНО ВОЗЕЊЕ НА СЛЕПИТЕ ЛИЦА ВО ВНАТРЕШНИОТ ЖЕЛЕЗНИЧКИ СООБРАЌАЈ

Книшката за повластено возење на слепите лица се издава врз основа на правото на слепите лица за повластици во патниот сообраќај (Службен весник на СРМ бр.38/1966 и бр.10/1979)

УПАТСТВО

ЗА ОСТВАРУВАЊЕ НА ПРАВОТО НА СЛЕПИТЕ ЛИЦА И НИВНИТЕ ПРИДРУЖНИЦИ НА ПОВЛАСТЕНО ВОЗЕЊЕ ВО ПАТНИЧКИОТ СООБРАЌАЈ

1.Слепите лица со способност на видливост до 10% со живеалиште во Република Северна Македонија имаат право на повластен превоз за шест патувања годишно и тоа:75% од редовната превозна цена во железничкиот и аптниот сообраќај и 50% од редовната превозна цена во воздушниот сообраќај.

Слепото лице има право на придружник.

Придружникот на слепото лице има право на бесплатно возење во железничкиот и во патниот сообраќај и на 50% повластица во воздушниот сообраќај во сите случаи кога слепото лице го придружува ја користи повластицата во патниот сообраќај, но и кога сам патува по слепото лице и при враќањето по придружувањето на слепото лице.

2.Под едно патување се смета заминувањето од појдовното место до местото на упатување (возење во заминување) и враќање од местото на упатување до појдовното место (возење во враќање).

При возењето во заминување и враќањето може од појдовното место до местото на упатување и обратно да се користат превозни средства на сите сообраќајни гранки (железница, автобус, авион).

3.Слепото лице при користење на повластеното возење има право да користи прва класа на сите видови возови и бизнис класата во авионот.

Придружникот на слепото лице ја користи истата класа и превозно средство кои ги користи слепото лице, односно, на кои има право слепото лице.

4.Слепото лице не може да го користи правото на повластица на придружникот на слепото лице во патничкиот сообраќај.

5.Слепото лице и неговиот придружник го остваруваат правото на повластено, односно бесплатно возење вез основа на книшката за повластено возење на слепите лица.

Книшката за повластено возење на слепите лица содржи и објава за бесплатно, односно повластено возење на придружникот на слепото лице која е составен дел на книшката.

6.Книшката за повластено возење на слепите лица ја печати Национален сојуз на слепи на Република Северна Македонија и ја издава надлежна организација-здружение на слепите лица-членка на Сојузот на чие подрачје живее слепото лице, врз основа на доказот на лекарската комисија за слепилото.

При издавањето на книшката за повластено возење , со мастило, или со хемиско пенкало, читливо во книшката се запишуваат сите потребни податоци на корисникот.

Книшката за повластено возење има важност пет години, а може да се користи само во годината за која се заверува.

7.Заверка на книшката за повластено возење на слепите лица врши надлежна организација-здружение на граѓани на слепите лица-членка на Сојузот.

При заверувањето на книшката за соодветната година, овластеното лице на надлежната организација задолжително ја пополнува годината за сите шест патувања во заминување и враќање за слепото лице и неговиот придружник на соодветните страници на книшката.

8.При купувањето на возниот билет за себе и за својот придружник слепото лице е должно во книшката за повластено возење, со мастило или со хемиско пенкало, на соодветната страница да ја запише релацијата на патувањето во заминување, односно во враќање и имена придружникот доколку го има.

При купувањето на возниот билет за повластено возење за себе и за својот придружник слепото лице е должно уредно пополнетата и заверена книшка да ја поднесе на патничката благајна од соодветната сообраќајна гранка, која на слепото лице и на неговиот придружник ќе му издаде возен билет за утврдената релација или за дел од неа, и тоа ќе го завери во една од рубриките на соодветната страница на книшката.

9.Бесплатен, односно за авион повластен билет за придружникот на слепото лице се издава само на барање на слепото лице и кога на соодветното место во книшката е внесено неговото име и презиме.

Кога патничката благајна од соодветната сообраќајна гранка, ќе издаде возен билет за придружникот на слепото лице, задолжително тоа го потврдува со својот жиг во објавата за придружникот на слепото лице која се наоѓа на соодветната страница во книшката.