Во рамките на одбележувањето на 3. Декември – Меѓународен ден на лицата со попреченост, Здружението на слепи лица на Општина Велес издаде 9 Брајови книги кои се дел од Брајовата библиотека „Ратко Пајдаков“ – Велес.
Издадени се книгите: „20000 милји под морето“ – Жил Верн, „Гроб за душата“ – Живко Чинго, „Чија си“ – Сашко Насев, „Балканот не е мртов“ – Дејан Дуковски, „Милиион маченици“ – Ристо Крле, „Островот на скриеното богатство“ – Роберт Луис Стивенсон, „Оливер Твист“ – Чарлс Дикенс, „Дилбер Стана“ – Стале Попов и „Дружината братско стебло“ – Јован Стрезовски.
Годинава, поради светската пандемија од Ковид-19, заклучивме дека побарувачката на Брајови книги од нашата библиотека значително се зголеми. Книгите кои бесплатно ги дистрибуираме до нашите членови ширум државата, беа препрочитувани неколку пати. Тоа не’ охрабрува да продолжиме со реализација на проектите за збогатување на библиотечниот фонд во Брајовата библиотека. Заедно со новите наслови, денес Брајовата библиотека има 47 Брајови книги. Во моментов нашето Здружение е единствен издавач на Брајови книги во нашата држава и тоа го правиме на професионален и високо квалитетен начин.
Промоцијата на новите наслови оваа година, поради новонастанатата ситуација со пандемијата од Ковид-19 ја правиме на поразличен начин.
„Среќен сум што продолжуваме по патот кој што г-динот Пајдаков го зацрта далечната 1997 година кога за прв пат отпечативме нешто на Брајово писмо во Македонија, што во рамките на Сојузот на слепите на Република Македонија, што во рамките на библиотеката за слепи „Ратко Пајдаков“ во Велес, која што на наша среќа Извршниот одбор на Здружението во Велес го прифати мојот предлог да се вика „Ратко Пајдаков“. На овој начин 9 нови наслови како медиум стануваат достапни за нашите лица. Тоа значи уште 9 нови содржини прилагодени за потребите на нашите лица“ истакна Коце Димов од НУБ „Св. Климент Охридски“
Надица Јовановска од Државното училиште за деца и младинци си оштетн вид, истакна: „Настан кој што не се случува така често и не е секојдневен поради тоа што вакви проекти се реткост иа вакви промоции, а би сакале да бидат далеку побројни и со многу повеќе наслови бидејќи нашите желби и нашите потреби се многу поголеми“.
„Сакам да ги поздравам љубителите на пишаниот збор. Сакам да изразам голема благодарност до Општина Велес која што секоја година помага да се обезбедат нови наслови преку Сојузот на слепи на град Велес. Со радост ги очекувам како и другите во Македонија, верувам, новите наслови кои што се печатат во библиотеката „Ратко Пајдаков“, што во време на пандемија ни претставува големо задоволство како на мене, верувам така и на другите лица“ истакна Николина Трајковска – едукатор во РХ Центарот при НССРСМ.
Реализацијата на овој проект претставува имплементација на Член 9 и Член 21 од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, во кои се опишуваат токму правата за барање, добивање и доставување на информации на еднаква основа со другите.
„Вработена сум како просветно работник во државно училиште за деца со оштетен вид и од таму можам да ја согледам потребната и желбата на нашите ученици за Брајови книги. Ташко е да се објасни на едно мало дете кое што има желба да прочита наслов како и неговите врсници, а вие не сте во состојба да му кажете: тој наслов го нема на Брајово писмо и да му објаснувате зошто тоа не е сторено на Брајово писмо. Затоа ве замолувам сите вие кои што можете да помогнете ваков еден проект, убаво да размислите дали би го сториле тоа. Ако иднината останува на децата, тогаш треба да се трудиме околу нив“ – рече Надица Јовановска, обраќајќи внимание на значењето на Брајовото писмо за слепите ученици.
Силно се гордееме што Општина Велес е единствена локална самоуправа која на дело го покажува хуманиот карактер и алтруистички дух, препознавајќи се во своите надлежности за општина еднаква за сите. Упатуваме апел до останатите општини и други засегнати институции да го следат примерот на Општина Велес.
Претседателката на Здруженито на слепи лица на Општина Велес – Јадранка Лазаровска, рече: „Брајовите книги се од огромно значење за луѓето со недостаток на вид и слепите лица. Благодарение на огромната соработка со Општина Велес, ја препознава таа наша желба за наше осовременување и читање и ни овозможуваат да издаваме Брајови книги. Се надеваме дека и понатаму ќе продолжиме со соработката и дека ќе имаме уште поголем број на книги“.
Јавна благодарност до Општина Велес даде и претставникот на НУБ „Св. Климент Охридски“, од Одделението за слепи – Коце Димов: „Јавно да се заблагодарам на локалната самоуправа од Велес која што максимално го поддржува проектот библиотека за слепи во Велес, на библиотеката „Гоце Делчев“ од Велес која што исто така максимално се вклучува со поддршка на Министерството за култура за да сите овие изданија бидат достапни за категоријата на слепи лица во Република Македонија. Мислам дека наша обврска е да продолжиме по патот по кој што не водеше г-динот Пајдаков, а се’ со цел за едно подобро утре на оваа категорија граѓани, и се’ со цел на една подобра информираност на оваа категорија граѓани и мислам дека она што човекот ни го зацрта како патоказ ќе продолжиме да го следиме во иднина.
За реализацијата на овој проект, градоначалниот на Општина Велес Аце Коцевски истакна: „Општина Велес е единствена локална самоуправа која континурирано дава поддршка на слепите лица во насока на нивен личен и професионален развој. Општината безрезервно ги поддржува речиси сите проекти кои ги реализира Здружението на слепи лица на Општина Велес. Слабовидните и слепите наши сограѓанки и сограѓани кои се рамноправни и ги уживаат истите права како и останатите, имаат пристап до сите институции и извори на информации. Токму затоа од огромно значење е континуираното издавање на нови книги со Брајово писмо и аудио книги. Со новите 9 Брајови книги со наслови од реномирани домашни и странски автори и 3 аудио книги што неодамна по повод 3. Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост ги издаде Здружението, сега Брајовата библиотека „Ратко Пајдаков“ брои 47 Брајови и 17 аудио книги. Општина Велес и во иднина ќе продолжи да им дава поддршка на слепите лица и да ги подобрува условите во заедницата за нивно непречено лично, социјално и професионално развивање“.
Во рамките на одбележувањето на 3. Декември, оваа година издадовме и 3 нови аудио книги. Овој проект се реализираше во соработка со Локалната библиотека „Гоце Делчев“ – Велес, а финансиски е поддржан од Министерството за култура на С. Македонија. Книгите: „Сон на тркала“ – Стојан Тарапуза, „Грдото пајче“ – Ханс Кристијан Андерсен и „Сказна за детето Вилен“ – Глигор Поповски, пред се’, се за потребите на учениците од основните училишта бидејќи се дел од лектирната литература.
ВД Директорката на ЛБ „Гоце Делечв“ – Велес, Гордана Васковска, рече: Почитувани, денес има особена чест и задоволство што можам да се обратам во врска со промоцијата на 3 нови аудио книги и 9 книги со Брајово писмо. Проектот за издавање на 3 аудио книги е финансиран од страна на Министерството за култура, кое секоја година финансиски ја поддржува локалнта библиотека со снимање на нови аудио книги. Целта на овој проект е дигитализирање на културното наследство, на литературното творештво на македонските автори, а во исто време и следење на бенефиите што ја има новата технологија, со која што покрај слепите лица имаат можност да ги користат аудио книгите и останатите лица корисници на библиотечните услуги во библиотеката. Проектот на 9 книги со Брајово писмо е финансиски поддржан од Општината Велес, а ќе биде дел од катчето со Брајови книги што се наоѓа во нашата библиотека и која е единствена од локалните библиотеки која располага со книги со Брајово писмо. Секоја година ова катче се дополнува со нови и нови наслови, истото и оваа година, затоа јавна благодарност упатувам до Здружението на слепи лица на Општина Велес и до Општина Велес што го финансираше овој проект за издавање на уште нови 9 книги со Брајово писмо.
Брајовите и аудио книгите се достапни и во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ – Велес, како дел од Брајовото катче кое се формираше врз основа на потпишаниот Меморандум за соработка меѓу нашето Здружение и библиотеката.
Брајовите книги и книгите во аудио формат бесплатно се дистрибуираат до слепите лица низ целата држава, со што овие проекти се од национално значење и интерес. Аудио книгите, како останатите аудио наслови се достапни на веб страницата на Националниот сојуз на слепи NSSRM.ORG.MK.
Слепите лица испратија порака до јавноста: „Направете да се чувствуваме еднакви меѓу вас. Сметам дека не треба да постојат бариери меѓу нас и вас и дека правото на живот на сите треба да ни биде еднакво“.
Од Здружението на слепите лица на Општина Велес порачуваат: Се’ додека постои парче хартија кое не е во пристапен формат за слепите лица, нашата мисија ќе ја сметаме за незавршена. Наша цел е следната година да промовираме уште поголем број на наслови пристапни за слепите лица.