На 26 и 27 октомври во Варшава, Полска, се одржа состанок на Комитетот за застапување (Advocacy Committee) на Европскиот сојуз на слепи (EBU), посветен на унапредување на правата и условите за самостојно живеење на лицата со оштетен вид во Европа. Претставник на Националниот сојуз на слепи на РСМ беше Блаже Зафиров, член на Националниот сојуз на слепи на РСМ, воедно и член на споменатиот Комитет. На овој собир тој беше придружен од неговиот асистент Глигорчо Самарџиски.
За време на состанокот, учесниците разменуваа добри практики и иницијативи од своите земји, насочени кон подобрување на пристапноста и социјалното учество на слепите и лицата со оштетен вид. Полска ги претстави своите напори за унапредување на мобилноста, особено преку развој на тактилни патеки во урбаните подрачја, кои помагаат слепите лица да се движат самостојно и безбедно. Дополнително, беа споделени информации за законодавните промени и програмите за поддршка на кучиња водичи, кои им овозможуваат на корисниците на овие животни асистенти полесен пристап до јавните простори и услуги.
На состанокот присуствуваше и претставничка од Организацијата за безбедност и соработка во Европа (OSCE), која дискутираше за активностите на слепите лица во политичкиот живот. Нагласувајќи ја важноста на инклузивноста, таа се осврна и на можностите за поддршка на лицата со попреченост, особено во однос на нивното активно учество во политиката и граѓанското општество.
Со цел да се подобри пристапноста за лицата со оштетен вид низ Европа, Комитетот за застапување на EBU исто така ги дефинираше и наредните приоритети за застапување, меѓу кои е иницијативата за пристапни ознаки за селектирање на отпад.