Од неодамна беше ажурирана официјалната андроид апликација RH Voice каде што се наоѓаат и македонските гласови Кико и Сузе. Но овој пат наместо подобрувања со неа дојде еден софтверски баг, којшто прави латиницата да се чита многу неразбирливо. Идејата на девелоперот била убава, да направи автоматско поправилно исчитување на англиските зборови само со гласовите Кико и Сузе, но тоа резултира со сериозен проблем со кој можеби веќе сте се соочиле, авеќе сте го инсталирале ажурирањето, па во продолжение ви нудиме 2 можности за да го поправите тоа.

Првиот начин за ова да се надмине е да ја избришете апликацијата RH Voice и наместо неа да ја инсталирате апликацијата Cboard plugin – Macedonian. Оваа апликација претставува форк на апликацијата RH Voice со отворен код од минатата година и ќе направи да може да ги инсталирате и прилагодите гласовите како што беше во постарата верзија на RH Voice.

Вториот начин е малку за понапредни корисници, но не бара инсталирање на нова апликација. За да го примените него користете компјутер и телефон.

  • На вашиот компјутер преземете ја датотеката RHVoice.conf.txt од овде,
  • Преименувајте ја во RHVoice.conf (без .txt). Доколку го правите тоа на компјутер Виндовс може да ве предупреди дека датотеката може да стане неупотреблива за користење ако ја смените екстензијата, но не грижете се, само стиснете да (yes).
  • Префрлете ја оваа датотека на вашиот телефон со уесбе кабел, со користење на блутут или на трет начин.

Следно што треба да направите е:

  • Да отидете во апликацијата RH Voice на вашиот телефон,
  • Да кликнете на општи нагодувања (general settings),
  • Да кликнете на конфигурациска датотека (configuration file) и овде да ја најдете датотеката RHVoice.conf и да кликнете на неа, а потоа да го рестартирате телефонот.

Доколку сѐ сте направиле како што треба, RH Voice ќе си ја чита латиницата како порано.

Во меѓувреме ве информираме дека веќе ја известивме компанијата Лаудер Пејџес за настанатиот баг и се надеваме дека од нивна страна ќе следи ажурирање на официјалната апликација со кое ќе се надмине овој непријатен проблем.