Лого на Кеш Ридер

По извесно време што го посветивме на други продуктивни проекти за нашата заедница,  повторно продолжуваме со пишување на статии што ќе ви ги приближат до вас најновите технолошки помагала за лицата со оштетен вид. Денес одлучивме да пишуваме за една фантастична апликација, којашто служи како препознавач на деноминацијата (вредноста) на банкнотите, и да, препознава и македонски денари!

 

Што е Кеш ридер?

 

Кеш ридер е апликација за мобилен којашто ги препознава најголемиот број светски валути, како што се: евра, американски, австралиски, канадски долари, британски фунти и уште над 60 други валути, меѓу кои се и македонските денари!

 

Како работи?

 

Апликацијата е многу едноставна за користење. Само го отклучувате телефонот, кликате на иконката Cash Reader, ја вртите задната камера од телефонот кон банкнотата чијашто вредност сакате да ја слушнете и за помалку од секунда телефонот на глас ја чита нејзината вредност.

Освен гласовно соопштување, вредноста на валутите може да ја дознаете и преку вибрациите на телефонот. И тоа:

  • Едно кратко пулсирање за 10 денари,
  • Две кратки пулсирања за 50 денари,
  • Три кратки пулсирања за 100 денари,
  • Четири кратки пулсирања за 200 денари,
  • Пет кратки пулсирања за 500 денари,
  • Шест кратки пулсирања за 1000 денари,
  • Седум кратки пулсирања за 2000 денари.

Функцијата со вибрациите е супер функција за сортирање на вашите банкноти во паричникот додека во близина имате некој што не сакате да го слуша зборувањето на вашиот телефон од која и да е причина.

Дополнително, на екранот може да ја видите вредноста на банкнотата прилагодена и за слабовидните лица, со зголемен фонт и контраст.

Многу значајно е тоа што апликациите и за андроид и за ајфон се преведени и на македонски јазик. Така што ако вашиот оперативен систем на телефонот е поставен на македонски, Кеш Ридер автоматски ќе го детектира тоа и целиот негов интерфејс ќе се префрли на македонски. А за дополнителни информации за оваа одлична апликација за препознавање банкноти може да го посетите и нејзиниот веб-сајт, којшто исто така е преведен на македонски и содржи повеќе видеа и објаснувања за самата апликација, нејзиното инсталирање и функционирање.

 

Каде да ја најдам оваа апликација?

 

Кеш Ридер можете да ја преземете директно на вашиот андроид телефон или таблет со кликање на овој линк, а за ајфон може да ја преземете од овој линк.

 

Забелешка

 

Оваа апликација е целосно бесплатна првите 14 дена од преземањето. За нејзино користење по првите 14 дена ќе треба да се претплатите.