Од 23 до 28 јуни 2026 година, во Крушево се одржа меѓународниот тренинг-курс „Визија за инклузија“, во рамките на истоимениот проект за мобилност на младински работници, поддржан преку програмата Еразмус+.
Проектот го реализираше Националниот сојуз на слепи лица на Република Северна Македонија, во соработка со Сојузот на слепи лица на Србија и Сојузот на здруженијата на слепи и слабовидни лица на Словенија.
На шестдневниот тренинг-курс учествуваа младински работници од трите земји – слепи, слабовидни и лица без оштетување на видот. Преку работилници, дискусии и практични активности, учесниците разменуваа искуства и заеднички работеа на препознавање и надминување на бариерите со кои се соочуваат слепите и слабовидните лица во младинските проекти.
Посебен акцент беше ставен на принципот „Ништо за нас без нас“, односно на потребата слепите и слабовидните лица да бидат активно вклучени во креирањето на проектите, приспособувањето на активностите и донесувањето одлуки.
Еден од главните резултати на проектот е прирачникот „Визија за инклузија“, кој содржи практични препораки, модели и контролни листи за подготовка и реализација на попристапни младински проекти. Прирачникот е авторски подготвен од Дијана Мицевска, а издавач е Националниот сојуз на слепи лица на Република Северна Македонија.
Преку проектот „Визија за инклузија“, Националниот сојуз на слепи лица на Република Северна Македонија, заедно со партнерите од Србија и Словенија, придонесува кон создавање младински активности во кои пристапноста и рамноправното учество ќе бидат составен дел од секој проект, активност и одлука.
Прирачникот може да го симнете тука: ПРИРАЧНИК ВИЗИЈА ЗА ИНКЛУЗИЈА

