Лого на НССРСМ

Кога станува збор за готвење, многумина би помислиле, вклучувајќи ги некогаш и самите лица со оштетен вид и нивните семејства, дека лицата со оштетен вид не можат сами да приготвуваат јадење што претставува еден голем мит. Напротив, лицата со оштетен вид можат многу успешно да приготвуваат секакви јадења и да ги прават сите операции во кујната, како варење, печење, пржење, па сѐ до традиционалните и понапредни готвачки операции како сукање, правење разни десерти и секакви други вкусни јадења.

Во оваа насока би сакале да споделиме некои од насоките што голем број слепи и слабовидни луѓе ги користат ширум светот. Притоа, нагласуваме дека ова не се единствени начини за извршување на тие операции, но се испробани и знаеме со сигурност дека функционираат.

Лупење – Една од најчестите кујнски операции е лупењето разни зеленчуци, кои служат како основа за понатамошната фаза од готвењето. Еден добар начин како слепите го прават ова е да користат нож за лупење зеленчук, кој претставува посебна алатка од стандардниот нож за сечење и може да се купи во повеќето продавници во кои се продаваат кујнски алатки. Дополнителна заштита при лупењето би добиле доколку покрај нож за лупење употребувате и ракавици за заштита при лупење и сечење, кои исто така може да ги напавите или од локалните продавници за купување кујнски алатки или од некои од платформите за онлајн-купување, кои ги нудат овие ракавици и за помалку пари. Кога лупите обично во вашата доминантна рака го држите ножот за лупење, а во недоминантната рака го држите зеленчукот што го лупите и правите еднакви, рамномерни движења полека вртејќи го зеленчукот. По извесен број направени поминувања со ножот за лупење со вашата доминантна рака проверете ја површината на зеленчукот што го лупите. Обично на допир излупениот дел се разликува од делот што сѐ уште е неизлупен, главно неизлупениот е потврд, посув и порапав. Откако ќе ја отстраните лушпата во целост вообичаено следи наредната фаза, а тоа е сецкањето.
Сецкање – Оваа фаза многумина од лицата со оштетен вид ги заплашува, особено нивните родители и блиски, но ве уверуваме дека со малку вежбање и повеќе внимателност можноста за тие да се здобијат со сериозни несреќи е сведена на 0. Всушност, она што треба да се направи за да сте безбедни во оваа фаза е да продолжите на недоминантната рака да користите ракавица за заштита од иссекотини, додека во доминантната рака го земате ножот. Притоа, зеленчукот кој сакате да го сечете го ставате на даска за сечење којашто треба да е од потешките, постабилни даски за сечење и почнувате да сечете држејќи го ножот директно за самото сечило од горната, тапа страна или за рачката, а зеленчукот го фиксирате со недоминантната рака. Притискате директно надолу кон даската за сечење и сечете бавно поместувајќи го сечилото од едната кон другата страна. Зависно од формата што сакате да ја постигнете, го распоредувате зеленчукот на даската, додека ножот за сечење секогаш оди од горе кон долу, директно кон даската за сечење. Уште една идеја за сецкање, особено листести работи, како млад кромид, свежо нане, свеж магданос и слични состојки е да користите кујнски ножици. Тоа што треба да го направите е да ги соберете работите во снопче и со помош на поквалитетни кујнски ножици можете многу побрзо и попрактично да ги исечкате овие мали листести стебленца. Така, откако ќе иссецкате, обично доаѓа следната фаза или операција во готвењето, а тоа е мерењето на намирниците.
Мерење – Мерењето на намирниците е важна операција бидејќи многу јадења можат да бидат уништени во случај од некоја состојка да ставите премногу или премалку. Во нашата држава не сѐ продаваат мерачи со тактилно или Брајово обележани броеви, но лесно може да најдете мерици кои доаѓаат во комплет и секоја од нив е точно определена во поглед на количината. Затоа препорачуваме да ги користите нив и со малку повеќе практично искуство овие мерици ќе ви станат сојузник кога станува збор за определувањето на различните количини што ви се потребни при готвењето. Во случај да сакате да бидете целосно прецизни, постојат и ваги за готвење што резултатот од мерењето го соопштуваат гласовно, но и тие не се продаваат во нашата држава, така што обидете се да ги купите преку веб-платформите за тргување или да ги набавите од странство преку ваши блиски. Кога станува збор за мерењето состојки, една од главните состојки што се мерат во рецептите се и течностите (вода, масло, пиво, вино, млеко…). Овие состојки може да ги мерите исто така во мериците што ги споменавме или во чаши, користејќи го вашиот прст на работ од чашата или мерицата за да знаете точно кога течноста го достигнала максимумот од тој мерен сад. За да не треба да ја бришете целата кујна доколку истурите и малку повеќе паметно е мерниот сад да го полните над послужавник, пластично канче или друг широк сад, кој ќе може да го собере вишокот течност што сте го ставиле и на тој начин ќе избегнете расипување низ целата кујна и ќе заштедите време за чистење. Друго важно нешто што треба да се спомене овде е тоа што кога во мерицата сипувате топли состојки, како загреано млеко, загреана вода и слично, најдобро е наместо вашиот прст да користите електронски сензор за препознавање на нивото на течноста. Овие сензори исто така не се продаваат кај нас, но може да ги набавите од странство и не чинат многу, а одлични се за да се заштитите од изгореници и од иссипување течности низ целата кујна. Последна насока што можеме да ја споделиме е кога полните течности е да го користите и слухот, покрај допирот. Висината на звукот од течноста прави разлика при полнењето, на начин што на почетокот тонот на водата е низок (длабок), додека на врвот звукот е највисок. Ова не е најсигурен начин за да се одреди нивото на наполнетост, но со подолго вежбање може да ви биде од голема помош. Наредната операција во готвењето обично е користење на ринглите, горниот дел од шпоретот.
Користење на ринглите – Кога станува збор за користење на ринглите важно е да споменеме дека има различни видови рингли на денешно време. Веројатно најдобрите за нас, лицата со оштетен вид, се индукциските шпорети, кои не оставаат топлина по нивното користење и не греат доколку не сте го поставиле тенџерето или тавата на вистинското место. Но, во Македонија во употреба се сѐ уште голем број традиционални шпорети со класична кондуктивна рингла, како и шпорети чија површина е стаклена, мазна и не може да се препознае од околниот дел на плотната на шпоретот. За нив најдобро е шпоретот прво да се вклучи на појако, тој да почне да грее, па штом ќе осетите греење ставете го тенџерето или тавата врз тоа место и потоа со раката направете круг околу тенџерето или тавата лебдејќи десетина сантиметри со дланката над шпоретот и на тој начин проверете дали добро сте го поставиле садот за готвење. Доколку, да речеме, чувствувате дека од левата страна на садот доаѓа поголем дел топлина, веројатно садот ви е премногу десно, така што поместете го во лево и повторно проверете, сѐ додека не сте сигурни дека од ниедна страна нема губиток на топлина. Следно на ред доаѓа ставањето на храната во рерната.
Користење на рерната – Кога човек е слеп и има загреана рерна од 250 степени целзиусови пред него, логично е да се помисли дека тој може и да настрада во нејзиното користење. Но, тоа не мора да биде баш така. Доколку користите ракавици за заштита од изгореници, и тоа од оние што досегаат до лактите, шансите да се изгорите се сведени речиси на 0. Значи, ставете ги овие ракавици на вашите раце, отворете ја рерната докрај, потоа со едната рака, обично недоминантната, допрете каде е решетката во рерната, а со другата рака спуштете ја тавата. Доколку ви е потребно помош и од другата рака, откако ќе видите каде е решетката, помогнете си и најважно, не брзајте. Откако ќе го изведете ставањето, затворете ја вратата од рерната и извадете ги ракавиците. По ова почекајте вашето јадење да се испече, според времето на печење и на здравје!

Иако за готвењето има уште многу што да се напише, оваа статија веќе стана долга, така што остатокот ќе го оставиме за друг пат. Сега само сакаме да кажеме да продолжите да ја следите нашата веб-страница и за други слични корисни насоки, едукативни, информативни содржини и многу друго.