Лого на НССРСМ

Националниот сојуз на слепи на РСМ ги информира своите членови дека Владата на Република Северна Македонија, врз основа на член 10 став (4) од Законот за енергетика („Службен весник на РСМ“ бр. 101/25 и 135/25), ја донесе Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2025 година, a во насока на унапредување на енергетската заштита и поддршка на граѓаните кои се соочуваат со социјални и здравствени предизвици.
Со оваа Програма се обезбедуваат 42.300.000 денари од државниот буџет, наменети за директна финансиска поддршка за најзагрозените категории на граѓани,
Средствата се наменети за директна финансиска поддршка за домаќинства што живеат во енергетска сиромаштија, со особен фокус на лицата со попреченост и оние кои користат гарантирана минимална помош.

Корисници на оваа програма се домаќинствата кои остваруваат паричен додаток заради покривање на дел од трошоците за потрошувачка на енергенси, како и домаќинства во кои живеат лица со тешка или длабока интелектуална попреченост, најтешка телесна попреченост, потполно слепи или потполно глуви лица. За оваа втора категорија, Програмата предвидува месечна поддршка во висина од 1.000 денари, што директно ќе се одбива од фактурите за потрошена електрична енергија, почнувајќи од месецот на поднесување на барањето, во времетраење од 12 месеци. Финансиската поддршка ќе се доделува според принципот најниски приходи, се до исцрпување на средствата.

Заинтересираните членови може да аплицираат следејќи го огласот на Министерството за енергетика, каде што се наведени потребната документација и рокот за аплицирање.

Процедурата за селекција ќе ја спроведат четири комисии составени од вработени во Министерството, поделени според видот на попреченост на лицето во домаќинството. Комисиите ќе ги разгледуваат пристигнатите барања и ќе утврдат кои кандидати ги исполнуваат условите. Списокот на корисници кои ќе добијат финансиска поддршка ќе биде јавно објавен.
Програмата предвидува и дополнителни мерки за олеснување на енергетскиот пристап, вклучувајќи ослободување од трошоци за повторно приклучување, приоритет во отстранување на дефекти и мерки против исклучување поради неплатени сметки во зимскиот период.