Старите и изнемоштени лица и лицата со посебни потреби од Кавадарци повторно ќе добиваат помош во секојдневните обврски од времено ангажирани лица од општината. Шест мина кои се пријавиле на конкурсот денеска добија решенијата за работно ангажирање во период од шест месеци. Тие ќе имаат задача да пружат елементарна помош и грижа за стари, изнемоштени и лица со оштетен вид на кои им е неопходна поддршка при набавка на лекарства и други намирници, набавка и достава на храна, задничко дружење со лицата корисници на проектот. Ќе бидат услужени 24 крајни корисници, односно секое ангажирано лице ќе биде задолжено со 4 корисници, од овој месец се до март наредната година.

Општина Кавадарци како резултат на позитивното искуство од спроведувањето на овој проект, и годинава го реализира проектот „Грижа за стари и изнемоштени лица и лица со оштетен вид – рече градоначалникот Александар Панов.

„ Реализацијата на овој проект минатата година придонесе да ние и како локална самоуправа и министерството одлучиме овој проект да го повториме со траење од шест месеци. Се работи за проект во кој што наши невработени лица од Кавадарци, лица кои тешко доаѓаат до работа, можеби заради староста, или некоја друга причина, меѓутоа долго време бараат работа. Еве ова е начин како да ги ангажираме нив и предмет на ангажирањето да биде хумана работа, да им помагаат на старите и изнемоштени лица и на лицата со посебни потреби , кои што за жал ги има и во Кавадарци и низ целиот свет. Имаме многу стари лица кои се останати сами и им е тешко да си направат пазарлак, да платат сметки, да завршат некои елементарни работи во својот дом. Имаме и лица со хендикеп кои не толку ефикасно си ги завршуваат своите секојдневни потреби. Овие шест лица ќе бидат распоредени кај неколку семејства во Кавадарци со посредство на министерството за труд и социјална политика и ќе бидат во функција на овие граѓани, да заработат свој денар, а истовремено и да им помогнат на нашите сограѓани“ рече градоначалникот Алекснадар Панов.

Преку програмата се ангажираат шест лица, невработени кои се евидентирани во Агенцијата за вработување најмалку една година, самохрани родители, корисници на социјална помош, роми, млади лица до 29 години со ниски квалификации. Тие во наредните шест месеци ќе ја имаат улогата на негователи. Ќе имаат работен ангажман од скратено работно време по 20 работни часови неделно, а ќе добиваат надоместок од 6200 денари месечно, со вклучен персонален данок на доход и осигурување при случај на несреќа при работа.

Избраните шест лица посетуваа обука за негователи, организирана од УНДП и добија сертификат од акредидтирана институција. Придобивки од овој проект покрај директните корисници има и целата заедница, бидејќи се подигнува свеста кај граѓаните за проблемите со кои се соочуваат старите и изнемоштени лица и лицата со хендикеп, како и поттикнување на хуманоста кај граѓаните и бизнис секторот.