Врз основа на член 19 од Законот за здруженија на граѓани и фондации (Сл.весник бр.52/2010), член 3 и член 5 од Законот за инвалидски организации (Сл.Весник на РМ бр.89/2008, 59/2012 и 23/2013 година) и член 20, член 21, член 45 и член 52 од Статутот на Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија,Извршниот одбор на Националниот сојуз на слепи наРепублика Северна Македонија на седницата одржана на ден ___________ година го донесе следниот :
П Р А В И Л Н И К
за дисциплинска и материјална одговорност
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој Правилник за дисциплинска и материјална одговорност (во понатамошен текст Правилник) на членовите на Национален сојуз на слепи на Република Северна Македонија (во понатамошен текст Сојузот) како и поедините здруженија на слепи лица-членки на Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија се утврдуваат: обврски, должности и одговорности на членовите за сторена повреда на обврските, одговорност за причинета материјална штета, дисциплински мерки и дисциплински органи, покренување и водење на дисциплинска постапка, начин на утврдување одговорност, изрекување мерки и други прашања врзани за дисциплинската и материјалната одговорност на членовите во Сојузот.
Член 2
Со пристапување во Сојузот, секој член е должен да се придржува кон обврските, должностите и одговорностите утврдени со овој Правилник, Статутот и другите акти на Сојузот.
Член 3
Членот кој по своја вина не ги исполнува своите должности и обврски или не се придржува кон актите на Сојузот прави повреда на обврската.
Член 4
За секој член на Сојузот може да се изрече од мерките предвидени во овој Правилник ако во дисциплинска постапка се утврди дека извршеното дејствие сторено на манифистација во организација на Сојузот претставува на обврската.
II. ОБВРСКИ И ДОЛЖНОСТИ НА ЧЛЕНОВИТЕ
Член 5
Членот е должен:
- Совесно и благовремено да ги извршува поставените задачи.
- Да ги почитува Статутот и другите акти на Сојузот.
- Да не ги злоупотребува правата што ги користи.
- Да не ја злоупотребува функјцијата и положбата која му е доверена.
- Одговорно, наменски и рационално да располага со материјалните средства.
- Да ја надомести сторена и материјална штета.
- Да го чува имотот на Сојузот и кон него да се однесува домаќински.
- Да се одржува ред и хигиена во просториите каде престојува.
- Да се покаже заинтересираност и активност за работата на Сојузот.
- Да ги пријавува сторените повреди и материјални штети од него и од трети лица.
- Веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа да го извести Сојузот ако од било кои причини е спречен да дојде или учествува каде е повикан.
- Да негува другарски односи и пристојно се однесува кон остатнатите членови.
- Редовно и навремено да ги подмирува своите обврски за уплата на членарина на поедино здружение на слепи лица-членка на Националниот сојуз на слепи наРепублика Северна Македонија .
III. ОДГОВОРНОСТ ЗА ПОВРЕДА НА ОБВРСКИТЕ И ДОЛЖНОСТИТЕ
Член 6
Под повреда на обврските се смета однесување на членовите спротивно со утврдените и вообичаени правила на однесување и кое како такво во смисла на овој Правилник се смета за недопуштено.
Член 7
Под повреда на обврските се подразбира:
- Несовесен однос кон поставените задачи како и средствата со кои членот ракува.
- Непристоен однос кон членовите на Сојузот и други странки.
- Неблаговремено и неправилно извршување на одлуките на органите на Сојузот.
- Неоправдано недоаѓање на покана од страна на органи на Сојузот.
- Непријавување отсуство при учество на манифестација или неоправдано напуштање на истата.
- Ширење неточни информации за работата на Сојузот ако како резултат на тоа настапиле штетни последици.
- Давање неточни податоци ако тоа било од битно значење за донесување одлуки во Сојузот.
- Неточно евидентирње и прикривање на резултати од работата на Сојузот.
- Недоставување на податоци и исправи на барање од орган на Сојузот.
- Спречување во извршување на работата на органите и комисиите на Сојузот.
- Спречување во извршување на работата на Одборот за контрола.
- Повреда на редот и дисциплината.
- Непридржување на куќниот ред и хигиена во просториите сопственост на Сојузот или изнајмени од него.
- Предизвикување материјална штета.
- Одбивање да плати членарина на соодветно здружение на слепи лица-членка на Национален сојуз на слепи наРепублика Северна Македонија .
- Прикривување на извршена повреда или направена материјална штета.
- Одбивање потребна соработка со други членови поради лична нетрпеливост или други неоправдани причини.
- Неспортски однос на натпревари.
- Незаконито располагање со средствата на Сојузот.
- Ненаменски и неодговорно користење на средствата на Сојузот.
- Непреземање на дејствие што е должен да го превземе претседател или член на орган, тело или комисија на Сојузот во рамките на своите овластувања.
- Злоупотреба на положбата и пречекорување на даденото овластување.
- Злоупотреба на правата и бенефициите.
- Повреда на одредбите на Статутот и другите акти на Сојузот.
- Ширење нездрави односи меѓу членството и рушење на угледот на Сојузот.
- Недолично однесување или лажно претставување во јавноста.
- Ширење на невистини, и информации во јавноста.
- Оддавање на службени информации и информации до кои дошол членот.
- Јавно изнесување на невистини против орган на управување, здружение на слепи-членка на НССРСМ, НССРСМ или службено и овластено лице.
- Навреда и клевета на орган на управување и службено или овластено лице.
IV. ДИСЦИПЛИНСКИ МЕРКИ И ДИСЦИПЛИНСКИ ОРГАНИ
Член 8
За сторена повреда на членот може да се изрече една од следните дисциплински мерки:
- Укор.
- Исклучување од користење на правата, неучество на спортски, културни и други манифестации во организација на Сојузот од 1-5 години.
- Исклучување од членството во органите на Сојузот и во самото здружение на слепи лица.
Член 9
Дисциплинската мерка укор се изрекува доколку повредата е сторена под олеснителни околности.
Дисциплинската мерка исклучување од користење на права и неучество на манифестации се изрекува на член кој сторил повреда на обврската од член 7 на овој Правилник.
Дисциплинската мерка исклучување од членство во органите на Сојузот се изрекува на член кој членува во некој од органите на Сојузот, а сторил повреда на обврската од член 7 на Правилникот.
Член 10
Ако членот со сторената повреда предизвика и материјална штета, Дисциплинска комисија независно од дисциплинската мерка, донесува одлука и за надомест за штета.
Член 11
Органи за водење на дисциплинска постапка се:
- Дисциплинска комисија
- Извршен одбор
Член 12
Одлука за бројот и составот на членовите на Дисциплинската комисија и нивните заменици донесува Извршниот одбор.
Член 13
Дисциплинската комисија води дисциплинска постапка и изрекува една од мерките од член 8, а во врска со член 9 од Правилникот но работите од делокругот на дисциплнската комисија може да ги преземе и води и Извршниот одбор.
Извршниот одбор на НССРСМ може да решава и во прв степен преку својата дисциплинска комисија.Извршниот одбор избира дисциплинска комисија од 3 члена и 3 заменици.Кога станува збор за член на дисциплинската комисија за кого се води постапка, тогаш задолжително го заменува некој од замениците членови.
Постапката пред дисциплинска комисија на сојзуот е иста како постапката пред дисциплинска комисија на здруженијата, во втор степен одлучува Извршниот одбор на сојузот во полн состав со мнозинство гласови.
Извршниот одбор како второстепен орган решава по приговори на одлуки од Дисциплинската комисија.
V. НАЧИН И ПОСТАПКА ЗА УТВРДУВАЊЕ ОДГОВОРНОСТ
- ПОКРЕНУВАЊЕ ДИСЦИПЛИНСКА ПОСТАПКА
Член 14
Секој член има право и должност да поднесе пријава за сторена повреда, а барање за покренување дисциплинска постапка до Дисциплинската комисија покренува овластеното службено лице, претседателот, органите на управување.(Претставник на Собрание, Надзорен одбор, Извршен одбор).
Член 15
Пријавата се поднесува во писмена форма која содржи: име и презиме, против кого се поднесува, време и место на извршување на повредата, опис на извршената повреда и други податоци од важност за утврдување на повреда и одговорност на членот.
Член 16
Дисциплинската комисија го разгледува доставеното барање и утврдува дали има основа за покренување дисциплинска постапка.
Доколку претседателот на Дисциплинската комисија оцени дека барањето е основано, одлучува да се покрене дисциплинска постапка, а секретарот го доставува барањето до членот против кого се покренува постапката.
Основаноста на барањето за покренување дисциплинска постапка против претседателот на Дисциплинската комисија ја цени комисијата.
- ПОСТАПКА ПРЕД ДИСЦИПЛИНСКАТА КОМИСИЈА
Член 17
По приемот на барањето и утврдената основаност за покренување на дисциплинска постапка, претседателотна Дисциплинската комисија закажува главен претрес.
На претресот се повикува членот против кого се покренува постапка, сведоци и други лица чие присуство е неопходно за одржување на претресот.
Член 18
Поканата за учесниците во постапката мора да содржи:
- име и презиме на членот и својство во кое се повикува на претресот,
- име и презиме на сведоците,
- место, датум и време на одржување на претресот.
Поканата се доставува најмалку 5 дена пред одржување на претресот.
Член 19
Пред почетокот на претресот се утврдува дали се присутни сите повикани лица.
Ако членот против кого е покрената постапката е уредно поканет, а доаѓањето не го оправдал претресот може да се одржи во негово отсуство, во спротивно претресот мора да се одложи.
Ако на претресот не е присутен некој од сведоците претресот ќе с е одржи. По изведувањето на доказите комисијата ќе одлуши дали претресот ќе го одложи или е можно врз основа на изведените докази да се донесе одлука.
Член 20
Претресот почнува со читање на барањето за покренување дисциплинска постапка.
По завршеното читање се повикува членот да се изјасни за наводите од барањето и околностите кои се од значење за утврдување на неговата одговорност.
Сведоците даваат изјави после давањето изјава на членот против кого се води постапката. Сведосите се сослушуваат одвоено.
Ако се укаже потреба може да се изврши соочување на сведокот со членот против кого се води постапката или меѓу самите сведоци.
Член 21
По завршување на доказната постапка и заклучување на претресот Дисциплинската комисија се повлекува на одлучување за одговорност на членот и изрекување на мерка.
Член 22
При изрекување мерка Дисциплинската комисија ги зема во предвид следните околности: тежината на повредата и нејзините последици, степенот на одговорност на членот, условите по кои повредата е сторена, поранешната работа и однос на членот и други околности кои би можеле влијаат на висината на мерката.
Член 23
Во текот на целата постапка се води записник. Во записникот се внесува составот на комисијата, име и презиме на записничарот, место и време на одржување на претресот, име и презиме на членот против кого се води постапката, предмет на одговорност, содржина на неговиот исказ, име и презиме на сведоците и нивниот искази, како и тоа кои докази се изведени и кои решенија се донесени.
Одлуката на Дисциплинската комисија задолжително се внесува во записникот.
Член 24
Дисциплинската комисија може да донесе една од следните одлуки:
- членот да го ослободи од одговорност и
- членот да го прогласи за виновен и му изрече мерка предвидена во овој правилник.
Член 25
Одлуката за утврдената одговорност и изречената мерка со образложение и правна поука се доставува до членот против кого се води постапката и до подносителот на пријавата во писмена форма во рок од 15 дена од денот на заклучување на претресот.
Изречените дисциплински мерки можат да бидат објавени во гласилото „Панорама“ и во гласилото “НАШ ЗБОР” доколку Извршниот одбор донесе таква одлука.
Член 26
Против одлуката на Дисциплинската комисија членот има право на приговор до Извршниот одбор на НССРСМ во рок од 8 дена од денот на приемот на одлуката.
Приговорот го одлага извршувањето на одлуката.
- ПОСТАПКА ПРЕД ИЗВРШНИОТ ОДБОР
Член 27
По истекот на рокот за приговор Извршниот одбор на НССРСМ како второстепен дисциплински орган закажува седница за решавање по приговор против одлука на Дисциплинската комисија.
Член 28
Извршниот одбор одлучува по приговорот на основа на фактите кои ги утврдила Дисциплинската комисија а може да утврди нови факти и изведе нови докази.
Начинот на водењето на постапката и изведувањето на доказите е ист како и пред Дисциплинската комисија.
Член 29
Членот ќе присуствува на седница на Извршниот одбор кога се решава по негов приговор доколку барал или така одлучил извршниот одбор.
За местоо и времето на одржување на седницата членот писмено се известува.
Член 30
Решавајќи по приговор против одлука на Дисциплинската комисија, второстепениот орган може:
- да го отфрли ако не е поднесен во рок од 8 дена,
- да го одбие приговорот, а одлуката на Дисциплинската комисија ја потврди,
- да го уважи приговорот, а одлуката на Дисциплинската комисија преиначи или укине.
Член 31
Одлуката на Дисциплинската комисија се преиначува кога второстепениот орган најде дека треба да се изрече поблага нерка или членот да се ослободи од одговорност, односно да се запре постапката.
Оспорената одлука се укинува кога е заснована на погрешно или непотполно утврдена фактичка положба или Дисциплинската комисија направила повреда на постапката која битно влијаела на одлуката, а во постапката по приговорот истата не може да се отстрани.
Во случајот од став 2 на овој член предметот се врќа на Дисциплинската комисија да се спроведе нов претрес.
Член 32
Одлуката за изречена мерка станува конечна:
- кога ќе помине рокот за поднесување приговор,
- кога второстепениот орган ќе донесе одлука со која ја потврдува првостепената одлука.
Член 33
Ако второстепениот орган ја потврди одлуката на Дисциплинската комисија за исклучување на член од органите на Сојузот, одлуката се доставува до здружението на членот кој се исклучува, кое е должно да го отповика својот член и на негово место да делегира друг.
Член 34
Против одлуката на второстепениот орган членот може да покрене постапка пред надлежниот суд во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката.
Член 35
За изречените дисциплински мерки и донесените одлуки од дисциплинските органи, задолжително се води евиденција во Сојузот.
Податоците од евиденцијата не можат да се користат по истекот на 4 години од правосилноста односно конечноста на одлуката.
VI. МАТЕРИЈАЛНА ОДГОВОРНОСТ НА ЧЛЕНСТВОТО
Член 36
Материјалната одговорност е одговорност за штета, која членот ја предизвикал или сторил на Сојузот или во врска со Сојузот, намерно или од крајно невнимание, должен е истата да ја надомести.
Член 37
Ако штетата ја предизвикаат повеќе членови, секој член е одговорен за делот од штетата што ја предизвикал.
Ако за секој член не може да се утврди делот од штетата што ја предизвикал, ќе се смета дека сите подеднакво се одговорни и штетата ја надоместуваат солидарно.
Член 38
Штетата и околностите под кои е сторена, нејзината висина и сторителот ги утврдуваат органите за водење дисциплинска постапка по претходно поднесената пријава за сторена штета.
Висината на штетата се утврдува врз основа на ценовник или лниговодствена евиденција.
Член 39
Надлежните органи за водење постапка за надомест на сторена материјална штета, како и начинот и постапката за утврдување одговорност и донесување одлука за надомест на материјална штета се исти како и органите, начинот и постапката за донесување одлука за сторена повреда на обврската.
Член 40
Ако членот не е во можност да ја надомести сторената штета поради немање материјални средства за живот, штетата ја надоместува неговото Здружение односно матичните Здруженија на членовите кои штетата ја надоместуваат солидарно.
Начинот за надомест на штета на Сојузот преку Здружение се врши со одбивање од дотацијата во висина на утврдената вредност на сторената штета.
Постапката по приговор на одлука за надомест на штета е иста како и постапката по приговор на одлука донесена во дисциплинска постапка за сторена повреда на обврска.
VII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 41
За се што не е предвидено и опфатено со овој Правилник ќе се применуваат одредбите од позитивните законски прописи и одредбите од актите на Сојузот.
Дисциплинската и материјалната одговорност на вработените по Здружениејата и во Сојузот ќе се регулира согласно одредбите од Законот за работни односи, другите позитивни законски прописи и Колективен договор на соодветно ниво.
Член 42
Право на толкување на овој Правилник има Извршниот одбор на Националниот сојуз на слепи наРепублика Северна Македонија .
Член 43
Измени и дополнувања на Правилникот се вршат на начин и постапка како за неговото донесување.
Член 44
Правилникот влегува во сила со денот на неговото донесување.
Национален сојуз на слепи
на Република Северна Македонија
ПРЕТСЕДАТЕЛ
ЖЕЛКОВСКИ ЖАРКО