Здружението на слепите лица на Општина Велес, како локална партнер-организација, преку Клубот за планински спортови „Азот“, во текотна цела 2021 година ќе земе учество во имплементација на проектот „Sport Sense“, кофинансиран од Европската Унија преку програмата Еразмус+. Во овој проект директно се вклучени 5 организации од државите Романија, Унгарија, С. Македонија, Полска и Португалија.
Општата цел на овој проект е да се создаде врска помеѓу општеството и лицата со оштетен вид преку спортот.
Потесни цели на проектот се:
- Вклучување на 100 лица со оштетен вид од Романија, Полска, Унгарија, Португалија и С. Македонија во спортски активности;
- Зголемување на социјалната вклученост преку спортски активности на 100 лица со оштетен вид од Романија, Полска, Унгарија, Португалија и С. Македонија и
- Креирање на печатена и аудио верзија на „Упатства за спортски активности“, со кои секоја заинтересирана страна ќе може да имплементира спортски настани за лица со оштетен вид.
За постигнување на целите и задачите на проектот, ќе биде организирана серија активности од секој партнер, но овие активности ќе се спроведуваат во зависност од развојот на пандемијата и насоките дадени од здравствените власти.
Првата активност е работен состанок во Романија, каде што партнерите официјално ќе го започнат проектот. Исто така, членови на партнерските организации ќе имаат можност да извршат студиска посета на Асоцијацијата за меѓународен спорт на Унгарија. За време на оваа студиска посета, учесниците ќе имаат можност да се запознаат со начинот за тоа како организациите вклучени во проектот да работат со лица со оштетен вид и како да го намалат можниот ризик во работата со нив. Дополнително ќе се запознаат со различните видови спортски настани и со различните спортови што се прилагодени за лица со оштетен вид, начинот на нивно тренирање, правилата и специфичните услови што треба да бидат исполнети за организирање на овие спортски настани. Следна активност ќе биде тренинг-курс организиран во Романија, каде што ќе се практикуваат стекнатите знаења од студиската посета.
Во следната фаза, помеѓу јуни и октомври, во локалните средини на сите организации вклучени во проектот, ќе се стимулира интеракција и инклузија, преку организирање спортски настани, во кои заедно ќе бидат вклучени лица без попречености и лица со делумно и целосно изгубен вид. За време на овие спортски настани ќе бидат организирани натпревари во голбал и други спортски настани во кои се вклучуваат лицата со оштетен вид.
Повеќе информации за проектот може да најдете на овој линк.