Лого на НССРСМ

Ако белиот стап е симбол на нашата независност во физичкиот простор, тогаш можноста да пишуваме на нашето Брајово писмо во дигиталниот свет е симбол на нашата интелектуална слобода.
Имено, од објавувањето на Андроид, ние, слепите корисници во Македонија, бевме принудени на компромиси: или да пишуваме на латиница преку англиската виртуелна Брајова тастатура која има само 26 букви, или да користиме QWERTY тастатури кои поради малите букви прават да пишуваме бавно, или пак да се потпираме на препознавање на нашиот глас преку диктирање, кое, иако корисно, не е ни од далеку доволно прецизно за македонскиот јазик.
Но, денес имам чест да споделам вест која е мала работа за многумина, но огромна за познавачите на Брајовото писмо во Македонија! Македонското Брајово писмо конечно станува дел од Андроид екосистемот преку апликацијата Advance Braille Keyboard (A.B.K).

Од идеја до реализација: Како стигнавме овде?

Оваа иницијатива не дојде сама од себе. Поаѓајќи од фактот дека нашите слепи луѓе заслужуваат да користат македонска кирилица, а не регионални импровизации или англиска латиница што ги нуди самиот вграден читач на екран, TalkBack, лично се зафатив со модифицирање на кодот кој претходно беше прифатен од „LibLouis“. Целта ми беше да го прилагодам да одговара за оваа конкретна апликација и за спецификите на Андроид системот.
Искористувајќи ја функционалноста на оваа апликација која дозволува дополнување сопствен код за неподдржани јазици и модифицирајќи го кодот што претходно го прифатија од „LibLouis“, го истестирав кодот како сопствена Брајова тастатура и се уверив дека работи беспрекорно. По тоа стапив во контакт со тимот на Advance Braille Keyboard и за наша среќа, и покрај веќе долгата листа на јазици што ги поддржуваат, тие покажаа исклучителна отвореност и беа расположени да го додадат и македонскиот јазик.
Бев вклучен во нивниот тим од тестери, го имплементираа кодот што им го испратив и резултатот беше фантастичен. Уште од првата бета верзија, македонското Брајово писмо беше таму – целосно функционално и без потреба од повторна итерација.

Зошто ова е важно?

Можеби бројот на говорители на македонскиот јазик е мал во светски рамки, но љубовта спрема него на тие говорители (нас) е голема. Со оваа интеграција:
1. Се враќа достоинството: Можеме да пишуваме „Ш“, „Ч“, „Ѓ“ со истите брајови комбинации што ги учевме во училиште, а не да се мачиме со српска или хрватска виртуелна Брајова тастатура, кои за некои букви користат други комбинации од точки од македонското Брајово писмо, а некои букви воопшто и ги немаат.
Напомена! Моментално поддршката е достапна во Бета верзијата, но се очекува за неколку недели од денес да биде дел и од официјалната јавно достапна верзија на Play Store за оваа апликација.

Како да ја поставите македонската Брајова тастатура?

За да не останеме само на теорија, еве краток и практичен водич како веднаш да започнете со користење на македонското Брајово писмо на вашиот Андроид уред уште при следното ажурирање на оваа апликација. Процесот е едноставен.
Чекор 1: Инсталација и активирање
• Преземете ја апликацијата Advance Braille Keyboard од Google Play Store.
Чекор 2: Избор на јазик
• Во главното мени на апликацијата, влезете во „Settings“, па потоа во „Languages“.
Чекор 3: Поставување како стандардна тастатура
• Вратете се во главното мени и кликнете „Switch to Braille Keyboard“.

Како се користи?

A.B.K функционира на принцип на допир со 1 или повеќе прсти истовремено на екранот (слично како Перкинс машина).
Практично ако ја пишувате буквата „а“ користите само 1 прст за првата точка, но ако ја пишувате буквата „г“ користите 4 прсти за комбинацијата од тие 4 точки со кои се пишува буквата „г“ или ако ја пишувате буквата „џ“ тогаш истовремено екранот го тапнувате со 5 прсти во форма на комбинацијата на буквата „Џ“ и така за сите букви, интерпункција и останати знаци.
Еве што треба да знаете дополнително на ова:
1. Калибрација на прстите: Кога ќе ја отворите тастатурата, ставете ги сите шест прсти на екранот онака како што ви е удобно и малку повлечете ги. Апликацијата ќе ги запамети позициите на вашите прсти како точки 1, 2, 3 (лева рака) и 4, 5, 6 (десна рака).
◦ Screen Outward (Екран нанадвор): Ова е мојот омилен режим. Го вртите телефонот со екранот спротивно од вашето тело, го држите хоризонтално со дланките, а пишувате со прстите на екранот (како свирење некој инструмент!). Ова овозможува многу брзо пишување додека сте во движење.
3. Менување јазик: Со едноставно задржување на точката 3 можете да менувате помеѓу македонски и другите јазици кои ги имате селектирано претходно во делот за јазици во поставките на апликацијата. За останатите детали за користење прочитајте го целосното упатство од оваа апликација.

Како за крај

Благодарност до целиот тим на Advance Braille Keyboard за отвореноста да го внесат и македонскиот јазик во нивната апликација, бидејќи официјалниот начин тоа да се случи преку читачот на екран TalkBack може да трае со месеци, па можеби и години, но со помош на овие пријатели времето за чекање е завршено. Сега останува на нас – сите оние кои го сакаат Брајовото писмо и сакаат наместо на класична QWERTY тастатура да пишуваат на 6-точковна македонска Брајова кирилица – да ја искористиме оваа можност.
И како за крај на крајот би сакал да истакнам — ова е само уште еден доказ дека кога има иницијатива и знаење, бариерите се рушат една по една. Пишувајте и уживајте!