Лого на НССРСМ

По успешно завршените локални настани во Кавадарци и Скопје, во рамки на проектот „Раскажување приказни надвор од видот“, поддржан од програмата Еразмус+, НССРСМ на 13 октомври го одржа и последниот, трет локален настан на кои активно учество повторно имаа и млади лица со оштетен вид и младински работници без оштетен вид, а со тоа настанот како и претходно беше доминантно со инклузивен карактер.
Фотографија од третиот настан „Раскажување Приказни Надвор од Видот“, каде учесници, вклучувајќи и лица со оштетен вид, играат игра на масаВо поглед на играта, овој пат играчите беа воведени во една сосема поинаква авантура, којашто се одвиваше со наратив просторно поставен длабоко во вселената. Карактерите на учесниците овој пат опфаќаа пилоти на вселенски брод, истражувачи на непознати предели на универзумот, механичари, доктори. При нивното патување тие наидоа на напуштен сателит кој изгледаше како артефакт од одамна исчезната цивилизација. Но, кога започнаа да го истражуваат, открија дека тоа всушност не е сателит, туку вселенски брод од непозната раса на механички суштества, кои никогаш досега не биле сретнати од човештвото.

Интуицијата и креативноста на играчите, особено на оние со оштетен вид, беа импресивни. Тие предложија наместо да го остават бродот или само да го истражат, да се обидат да го интегрираат со нивниот сопствен вселенски брод. Оваа идеја не само што беше иновативна, туку и целосно ја промени динамиката на играта – од обично откритие, во стратешка одлука што им помогна многу побрзо да стигнат до нивната цел. Тие размислуваа за тоа како да ги поврзат системите на двата брода, како да комуницираат со новите механички суштества и како да го искористат нивното знаење за навигација и енергија.

За играта да биде пристапна за сите, се користеше апликација за фрлање коцки која звучно ги кажуваше резултатите од нумеричките вредности на коцките. Ова овозможи слепите учесници да бидат комплетно инволвирани во механичките аспекти на играта, без потреба од помош од другите играчи. Овој едноставен, но ефективен додаток значително ја подобри динамиката на авантурата, правејќи ја уште поинтерактивна и инклузивна.

Оваа сесија уште еднаш покажа колку ваквиот метод на играње друштвени игри може да биде адаптиран за различни играчи и како сите, без разлика на нивните способности, можат да дадат уникатен придонес во создавањето на приказната. Притоа заклучокот од овој локален настан беше тоа што инклузивните сесии не само што носат нови предизвици за главниот раскажувач на приказната, туку и отвораат можности за нови начини на размислување и решавање на проблеми помеѓу сите учесници во нив.