Промотивна слика од Би Мај Ајс каде што пишува See the world together.

Во оваа статија ќе зборуваме за апликацијата Be My Eyes, за којашто сметаме дека неопходно е секое слепо лице да ја има на својот телефон. Пред да започнеме, апликацијата можете да ја преземете од тука за Android или од тука за iOS.

 

Што е Be My Eyes?

 

Едноставно кажано, Be My Eyes е апликација што ги поврзува лицата со оштетен вид со видни волонтери преку камерата на нивните мобилни телефони. Го притискате копчето ‘јави се на волонтер’ и за неколку секунди ќе бидете поврзани на видео повик со првиот слободен волонтер што е во можност да одговори на вашиот повик.

 

Откога ќе го воспоставите видео повикот, волонтерот има пристап до задната камера на вашиот телефон и со него можете да зборувате како на обичен повик и воедно да го прашате за помош за проблем со којшто сте се соочиле.

 

Според статистиката на Be My Eyes на апликацијата се регистрирани нешто повеќе од 300000 слепи лица и над 4.600.000 волонтери. Грубо пресметано, тоа значи дека има по 15 волонтери за секој корисник со оштетен вид, така што не грижете се дека некогаш ќе нема да добиете помош!

 

За што сè можам да ја користам Be My Eyes?

 

Накратко, на волонтер можете да се јавите за секаква причина за која што чувствувате дека ви е потребен некаков вид помош.

 

На пример, Доколку имате некаков проблем, којшто не можете да го решите сами без помош од видно лице — можеби ви паднале клучевите и не можете да ги најдете, ви треба помош да дознаете која боја е блузата што сакате да ја облечете, или пак сакате да прочитате некој рецепт за готвење од парче хартија, едноставно јавете се на волонтер и заеднички ќе можете да го решите проблемот.

 

Како можам да станам корисник на Be My Eyes?

 

Најпрво, инсталирајте ја апликацијата на телефонот што го користите, Android или iOS. Кога ќе ја отворите апликацијата за прв пат, ќе бидете прашани дали вам ви е потребна помош од волонтер, или пак сакате да сте волонтер и да помагате. Кликнете дека вам ви е потребно помош.

 

Потоа, потребно ќе биде да креирате корисничка сметка на апликацијата и да се најавите.

 

Откога ќе се најавите, ќе бидете прашани да селектирате кој е вашиот прв јазик и тука ќе можете да го одберете вашиот мајчин јазик. Во сетинзите на апликацијата имате дополнителна опција да наведете втор, трет, итн јазици, така што доколку нема ниту еден слободен волонтер на македонската линија, на пример, би можеле да продолжите со барање на асистенција на вториот јазик што сте го навеле.

 

Како можам да станам волонтер на Be My Eyes?

 

За да станете волонтер на Be My Eyes, симнете ја апликацијата и кликнете дека сакате да сте волонтер на почетниот екран. Одберете го вашиот прв јазик за комуникација или доколку зборувате повеќе од еден јазик, одберете  дополнителни јазици како секундарна опција и следен пат кога некому ќе му биде потребна помош, вам ќе ви стаса нотификација за да се јавите на повикот.

 

 Бонус за корисници на Apple: Hey Siri, call a volunteer.

 

Корисниците на iOS имаат опција да вметнат шорткат за брз пристап до волонтер преку паметниот асистент Сири. За да го направите ова, применете ги следниве чекори:

  • влезете во Be My Eyes,
  • отворете Settings,
  • Кликнете на Siri Shortcuts и
  • Кликнете add (додади) на сугерираниот шорткат call volunteer.

 

Накратко, тоа е сѐ за Be My Eyes. Се надеваме дека апликацијава ќе ви биде од помош.

 

Во меѓувреме додека чекате некоја друга статија од областа технологија, ви препорачуваме да ја прочитате последната статија од серијалот за брајово писмо.