Неодамна пишувавме за дигиталната алатка „Универзален брајов конвертор“, со која македонското кирилично писмо може да се конвертира (претвори) во македонско брајово писмо. Во таа статија малку напишавме за креаторот на Универзалниот брајов конвертор, Харис Мобреј, но бидејќи оваа алатка тој целосно бесплатно ја овозможува за сите оние на кој им е од корист, сакавме да му се оддолжиме правејќи и едно пишано интервју со него. За таа цел, нашиот член и веќе долгогодишен креатор на дигитални алатки што се во интерес на лицата со попреченост, особено за лицата со оштетен вид, Кристијан Лазарев, направи интервју токму со креаторот на „Универзалниот брајов конвертор“, Харис Мобреј, што го пренесуваме во продолжение.
Кристијан: Која беше вашата мотивација/инспирација да го создадете „Универзалниот брајов конвертор“? Со други зборови, зошто ја создадовте оваа дигитална алатка?
Харис: Мојата мотивација за да ја креирам оваа дигитална алатка беше едноставно да им помогнам на луѓето бидејќи забележав дека бесплатна алатка како оваа не постои онлајн. Како што може да видите, на алатката веќе има поголем број јазици, од кои некои се супер ретки и за кои јас ги смислив брајовите комбинации за нестандардните латинични букви.
Кристијан: Зошто македонски? Кој или што ве инспирираше да ја направите оваа алатка да работи за македонскиот јазик? Дали има некоја личност или нешто што на некој начин ве поврзува со Македонија?
Харис: Па, засега имам околу седумдесет јазици на веб-страницата и планирам да ги додадам брајовите писма за сите јазици во светот, така што секако дека македонскиот има место овде. Инаку имам многу пријатели Македонци; Сум бил двапати во Македонија и навистина ми се допадна земјата и пречекот, па со ова сакам да се оддолжам на некој начин.
Кристијан: Оваа дигитална алатка е оперативна, но дали планирате да направите некакви дополнителни подобрувања на неа, некакво проширување на функциите?
Харис: Во иднина ќе додадам и други јазици на веб-страницата и можеби малку ќе го сменам дизајнот. Знаејќи дека Македонија е мултиетничка и мултијазична земја, размислувам да ги додадам и влашкиот и ромскиот јазик, како и некои други балкански јазици. Инаку не знам дали има уште нешто што би можел да додадам конкретно за македонскиот јазик, можеби има некои ретки интерпункциски знаци што треба да ги дополнам. Ќе го почекам фидбекот од корисниците, па потоа ќе менувам.
Кристијан: Дали оваа алатка ќе биде бесплатна засекогаш за сите нејзини корисници? Дали планирате да ја одржувате барем во следните 5 години?
Харис: Дефинитивно ќе биде бесплатна засекогаш. Дури и да сакам да заработам пари од неа, маркетот е толку мал што веројатно нема да заработам ништо. Полека ќе продолжам да го подобрувам овој проект до крајот на мојот живот и секогаш кога ќе направам Брајово писмо за друг јазик ќе го додадам.
Кристијан: Дали „Универзалниот брајов конвертор е лиценцирана алатка? Дали е бесплатна за користење само за луѓе или компаниите можат да го користат и за комерцијална употреба?
Харис: Оваа алатка е бесплатна за сите и сите можат да ја користат за какви било цели. Се надевам дека компаниите нема да се обидат да заработат пари од неа, тоа не би било етички. Но во исто време се сомневам дека компаниите ќе покажат интерес бидејќи има многу мал финансиски бенефит за користење на оваа алатка за нив. Сепак, од друга страна се надевам дека различни организации и државни институции, вклучително и македонските, ќе ја користат оваа алатка и дека таа ќе ги намали трошоците и времето за создавање брајови текстови за лицата со оштетен вид во светот.
Кристијан: Дали имате други планови поврзани со македонското брајово писмо? Или можеби имате планови за некои други алатки кои не се поврзани со Брајовото писмо, а сепак се корисни и може да ги споделите со луѓето што ги читаат нашите информативни статии?
Харис: Сакам да работам со слепи Македонци за да развиеме брајово писмо од втор степен, попознато уште како контрахирано брајово писмо. Ова би користело кратеници и скратувања за пишување на македонскиот јазик со брајово писмо, така што неговото печатење и читање ќе бидат побрзо и поевтино. Дополнително, сакам да создадам ресурси за да го овозможам изучувањето на македонскиот јазик за Македонците во дијаспората што се од третата, четвртата генерација отселени и кои не го знаат македонскиот јазик. Исто така планирам да направам веб-страница што го претвора македонското кирилско писмо во Морзеова азбука. Верувам дека со технологијата можеме да ги надминеме сите јазични бариери.