Конвенција за правата на лица со инвалидност
Преамбула
Земјите потписнички на оваа Конвенција,
а. Повикувајќи на начелата наведени во Повелбата на Обединетите нации со која се признава вроденото достоинство и вредност и еднаквите неотуѓиви права на сите членови на човековото семејство како темел на слободата, правдата и мирот во светот,
б. Признавајќи дека Обединетите нации во Општата декларација за човекови права и Меѓународната конвенција за човековите права се изјасни и согласи дека секој има право на сите права и слободи утврдени во истите, без било каква дискриминација,
ц. Потврдувајќи ја универзалноста, неделивоста и поврзаноста на сите човекови права и основни слободи и потребата на лицата со инвалидност да им е загарантирано целосно уживање без дискриминација,
д. Повикувајќи се на Меѓународната конвенција за економски, социјални и културни права, Меѓународната конвенција за граѓански и политички права, Меѓународната конвенција за елиминација на сите облици на расна дискриминација, Конвенцијата за елиминација на сите облици на дискриминација на жените, Конвенцијата против измачување и друг вид на сурови, нечовечки и понижувачки казни и постапувања, Конвенцијата за правата на детето и Меѓународната конвенција за заштита на сите работници емигранти и членовите на нивните семејства,
е. Признавајќи дека инвалидност е производен концепт и дека истиот е резултат од интеракцијата меѓу лицата со нарушувања и пречките во односот и околината со што се спречува нивното целосно и ефикасно учество во општеството на еднаква основа со другите,
ф. Признавајќи ја важноста на начелата и политичките насоки што се содржат во Светската програма за акција на лицата со инвалидност и во Стандардните правила за изедначување на можностите за лицата инвалидност за влијание врз унапредувањето, формулацијата и оценувањето на политиките, плановите, програмите и акциите на национално, регионално и меѓународно ниво за унапредување на изедначените можности за лицата со инвалидност,
г. Нагласувајќи ја важноста на интегрирањето на прашањата поврзани со инвалидност како интегрален дел од соодветните стратегии на одржлив развој,
х. Признавајќи, исто така, дека дискриминацијата на секое лице врз основа на инвалидност е повреда на вроденото достоинство и вредност на човекот,
и. Признавајќи ја, исто така, различноста на лицата со инвалидност, ј. Признавајќи ја потребата за унапредување и заштита на човековите права на сите лица со инвалидност, вклучено и оние на кои имаат потреба од поинтензивна поддршка,
к. Засегнати дека, и покрај различните средства и преземени акции, лицата со инвалидност и понатаму се соочуваат со препреки при нивното учество како еднакви членови на општеството и со повреди на нивните човекови права во целиот свет,
л. Признавајќи ја важноста на меѓународната соработка за подобрување на условите на живеење на лицата со инвалидност во секоја земја, особено во земјите во развој,
м. Признавајќи ја вредноста на постојните и потенцијалните придонеси на лицата со инвалидност во однос на благосостојбата во целост и различноста на нивните заедници, и признавајќи дека унапредувањето на целосното уживање на човековите права и основните слободи на лицата со инвалидност, како и нивното целосно учество ќе придонесе за унапредување на нивното чувство на припадност и за значајно унапредување на човековиот, социјалниот и економскиот развој на општеството и искоренување на сиромаштијата,
н. Признавајќи ја важноста за поединечна автономност и независност на лицата со инвалидност, вклучено и слободата на нивните самостојни избори,
о. Земајќи предвид дека лицата со инвалидност треба да имаат можност за активно вклучување во процесите на решавање за политиките и програмите, вклучувајќи ги и оние кои непосредно ги засегнуваат,
п. Засегнати за тешките услови со кои се соочуваат лицата со инвалидност кои се предмет на многукратни и отежнати облици на дискриминација врз основа на раса, боја, пол, јазик, религија, политички и други мислења, национално, етничко, сиромашно или социјално потекло, имотен, роден, старосен или друг статус,
љ. Признавајќи дека жените и девојките со инвалидност се често под опасност, во и надвор од домот, од насилство, повреда, злоупотреба или небрежен однос, малтретирање и експлоатација,
р. Признавајќи дека децата со пречки во развојот треба во целост да ги уживаат човековите права и основни слободи на еднаква основа со другите деца, а исто така, повикувајќи и на обврските преземени од страна на земјите потписнички на Конвенцијата за правата на детето,
с. Истакнувајќи ја потребата за родова перспектива со сите заложби за целосно унапредување на уживањето на човековите права и основни слободи на лицата со инвалидност,
т. Истакнувајќи го фактот дека поголем дел од лицата со инвалидност живеат во услови на сиромаштија, а со тоа признавајќи ја критичната потреба од посветување на негативното влијание на сиромаштијата врз лицата со инвалидност,
у. Имајќи ги предвид условите на мир и безбедност засновани на целосно почитување на целите и начелата содржани во Повелбата на Обединетите нации и сметајќи дека примената на средствата за човекови права се неопходни за целосна заштита на лицата со инвалидност, особено во текот на воени конфликти и странска окупација,
в. Признавајќи ја важноста за достапност до физичка, социјална, економска и културна околина, до здравство и образование и до информации и комуникации со цел да им се овозможи на лицата со инвалидност во целост да ги уживаат човековите права и основни слободи,
њ. Сфаќајќи дека поединецот, кој има должности кон другите поединци и кон заедницата на која и припаѓа, има одговорност да се бори за унапредување и почитување на правата признаени во Меѓународниот акт за човекови права,
џ. Убедени дека семејството е природна и основна групна единица на општеството и има право на заштита од општеството и државата и дека лицата со инвалидност и членовите на нивните семејства траба да добиваат неопходна заштита и помош за да им се овозможи на семејствата да придонесуваат за целосно и еднакво уживање на правата на лицата со инвалидност,
ѕ. Убедени дека обемна и интегрална меѓународна конвенција за унапредување и заштита на правата и достоинството на лицата со попреченост инвалидност значително ќе придонесе за надоместување на длабоката социјална обесправеност на лицата со инвалидност и за унапредување на граѓанските, политичките, економските, социјалните и културните сфери на еднакви можности во земјите во развој и во развиените земји,
Член 1 – Цел
Целта на оваа Конвенција е унапредување, заштита и обезбедување на целосното и еднакво уживањето на сите човекови права и основни слободи на лицата со инвалидност, како и унапредување на почитувањето на нивното вродено достоинство. Лица со инвалидност се оние лица со долготрајни физички, ментални, интелектуални или сетилни нарушувања, кои во интеракција со различни пречки може да ја спречат нивната целосна и ефикасна застапеност во општеството на еднаква основа како и другите.
Член 2 – Дефиниции
За цели на оваа Конвенција се подразбираат:
• „Комуникација“ претставува јазици, презентирање на текст, Брајова азбука, комуникација со допир, големи букви, пристапна мултимедијалност, како и пишани, аудио, едноставно јазични софтвери, аугментативни и алтернативни модели, средства и инструменти за комуникација, вклучено и достапна информатичка и комуникациска технологија;
• „Јазик“ претставува говорни и знаковни јазици и други облици на неговорен јазик;
• „Дискриминација врз основа на инвалидност “, значи правење секаква разлика, исклученост или ограничување врз основа на инвалидност со цел или влијание врз нарушување или ништење на признавањето, уживањето или остварувањето, на еднаква основа со другите, на сите човекови права и основни слободи на политичко, економско, социјално, културно, граѓанско и на секое друго поле. Овде се вклучени сите облици на дискриминација, како и негирање на разумно прилагодување;
• „Разумно прилагодување“, значи неопходна и соодветна модификација и прилагодување не предизвикувајќи непропорционален и несоодветен товар, доколку е неопходно во одреден случај, за да им се обезбеди на лицата со инвалидност да ги уживаат или остваруваат човековите права и основните слободи на еднаква основа со другите;
• „Универзален модел“, значи модел или производ, средини, програми и услуги за користење од страна на луѓето до највисок можен обем, без потреба од прилагодување или специјализиран модел. „Универзален модел“ не исклучува помагала за одредени групи на лицата со инвалидност, доколку се неопходни.
Член 3 – Основни начела
За начела на оваа Конвенција се подразбираат:
а. Почитување на вроденото достоинство, индивидуалната автономност, вклучувајќи и слобода на свој избор и независност на лицата;
б. Индискриминација;
ц. Целосно и ефикасно учество и вклученост во општеството;
д. Почитување на разликите и прифаќање на лицата со инвалидност како дел од човековата различност и човештвото;
е. Рамноправни можности;
ф. Пристап;
г. Рамноправност меѓу мажите и жените;
х. Почитување на развојните способности на децата со пречки во развојот и почитување на правото на децата со пречки во развојот за зачувување на својот идентитет.
Член 4 – Основни обврски
1. Земјите потписнички се обврзуваат да обезбедат и промовираат целосно остварување на сите човекови права и основни слободи на сите лица со инвалидност без било каква дискриминација врз основа на попреченост. За таа цел, земјите учеснички се обврзуваат:
а. да го донесат соодветното законодавство, административни и други мерки за спроведување на правата признаени во оваа Конвенција;
б. да ги преземат сите соодветни мерки, вклучувајќи го и законодавството за измена и укинување на постојните закони, регулативи, обичаи и пракси, кои претставуваат дискриминација на лицата со инвалидност;
ц. да ја земат предвид заштитата и унапредувањето на човековите права на лицата со инвалидност во сите политики и програми;
д. да го избегнат влегувањето на секој акт или пракса која е недоследна на оваа Конвенција и да обезбедат јавните органи и институции да постапуваат во согласност со оваа Конвенција;
е. да ги преземат сите соодветни мерки за елиминација на дискриминацијата врз основа на инвалидност од страна на сите луѓе, организации или приватни претпријатија;
ф. да преземат или промовираат истражување и подобрување на универзално изработените производи, услуги, опрема и капацитети, како што е дефинирано во член 2 на оваа Конвенција, за што е потребно минимално можно прилагодување и минимални трошоци за да се исполнат посебните потреби на лица со инвалидност, унапредување на нивната достапност и користење и да се подобри универзалниот модел во развојот на стандардите и насоките;
г. да преземат или промовираат истражување и подобрување, како и унапредување на достапноста и користењето на нови технологии, вклучувајќи и информатички и комуникациски технологии, подвижни помагала, справи и помошни технологии, соодветни за лицата со инвалидност, давајќи приоритет на технологии со достапни цени;
х. да им обезбеди пристап до информации на лицата со инвалидност во врска со подвижни помагала, справи и помошни технологии, како и други форми на помош, подржани услуги и капацитети;
и. да промовира обука на професионалци и персонал кој работи со лицата со инвалидност во врска со правата признаени во оваа Конвенција, со цел подобро обезбедување на помош и услуги загарантирани со овие права;
2. Во однос на економските, социјалните и културните права, секоја земја потписничка да презеде мерки преку максимално искористување на расположливите ресурси, а доколку е неопходно, во рамките на меѓународната соработка, со цел да се постигне постепено и целосно остварување на овие права, не доведувајќи ги во прашање обврските содржани во оваа Конвенција кои се веднаш применливи во согласност со меѓународното законодавство.
3. Во однос на развојот и спроведувањето на законодавството и политиките за спроведување на оваа Конвенција, како и на другите процеси за донесување одлуки во врска со прашањата кои се однесуваат на лицата со инвалидност, земјите учеснички тесно ќе соработуваат и активно ќе ги вклучат лицата со инвалидност, како и децата со пречки во развојот, преку нивните релевантни организации.
4. Оваа Конвенција нема да влијае врз други одредби кои се покорисни за остварување на правата на лицата со инвалидност, содржани во законодавството на земја потписничка или во меѓународното законодавство кое е на сила во таа земја. Не постои ограничување или отстапување од сите човекови права и основни слободи признаени или постоечки во било која земја потписничка на оваа Конвенција врз основа на закон, конвенции, регулатива или обичај, под изговор дека оваа Конвенција не признава вакви права или слободи, или ги признава во помал обем.
5. Одредбите на оваа Конвенција се однесуваат на сите делови на федералните држави, без ограничувања или исклучоци.
Член 5 – Рамноправност и индискриминација
1. Земјите учеснички признаваат дека сите луѓе се еднакви пред и според законот и имаат право, без било каква дискриминација, на еднаква заштита и еднаква придобивка од законот.
2. Земјите учеснички забрануваат секаква дискриминација врз основа на инвалидност и им гарантираат на лицата со инвалидност еднаква и ефикасна законска заштита од дискриминација на секава основа.
3. Со цел промовирање на рамноправноста и елиминирање на дискриминацијата, земјите учеснички ги преземаат сите соодветни чекори за да обезбедат обезбедување на разумно прилагодување.
4. Посебните мерки неопходни за забрзување и постигнување на фактичка рамноправност на лицата со инвалидност не се смета за дискриминација според условите на оваа Конвенција.
Член 6 – Жени со инвалидност
1. Земјите учеснички признаваат дека жените и девојките со инвалидност се предмет на многукратни дискриминации и во овој правец ќе преземат мерки за да обезбедат нивно целосно и еднакво уживање на сите човекови права и основни слободи.
2. Земјите учеснички ги преземаат сите соодветни мерки за да обезбедат целосен развој, унапредување и овластување на жените со цел гарантирање и уживање на човековите права и основни слободи утврдени во оваа Конвенција.
Член 7 – Деца со пречки во развојот
1. Земјите учеснички ги преземаат сите неопходни мерки, за да обезбедат целосно остварување на сите човекови права и основни слободи на децата со пречки во развојот врз еднаква основа со другите деца.
2. При преземањето на сите акции во однос на децата со пречки во развојот, како примарна грижа се зема предвид најдобриот интерес на детето.
3. Земјите учеснички обезбедуваат дека децата со пречки во развојот имаат право слободно да ги изразат своите гледишта за сите проблеми кои ги засегаат, а на кои ќе се даде должно внимание во согласност со нивната возраст и зрелост, на еднаква основа со други деца, а да им се овозможи соодветна помош во однос на инвалидност и возраст со цел остварување на соодветното право.
Член 8 – Подигање на свеста
1. Земјите учеснички се обврзуваат да донесат непосредни, ефикасни и соодветни мерки за:
а. подигање на свеста преку општеството, вклучено и нивото на семејство во однос на лицата со инвалидност и поттикнување на почитувањето на правата и достоинството на лицата со инвалидност;
б. спречување на стереотипите, предрасудите и штетни пракси во однос на лицата со инвалидност, вклучувајќи и врз основа на пол и возраст, во сите области на живот;
ц. промовирање свест за способностите и придонесите на лицата со инвалидност. За таа цел мерките вклучуваат:
а. Иницирање и одржување на ефикасни кампањи за јавната свест наменети за:
и. поттикнување на почитување на правата на лицата со инвалидност
ии. развој на позитивни перцепции и поголема социјална свест кон лицата со инвалидност;
иии. развој на признавањето на вештините, заслугите и можностите на лицата со инвалидност и нивните придонеси на работното место и пазарот на труд;
б. Промовирање на почитувањето на правата на лицата со инвалидност, на сите нивоа на образовниот систем, вклучувајќи ги сите деца од најрана возраст;
ц. Поттикнување на сите тела на медиумите, да ги прикажуваат лицата со инвалидност на начин доследен на целите на оваа Конвенција;
д. Промовирање програми за обука за подигање на свеста, во однос на лицата со инвалидност и за правата на лицата со инвалидност.
Член 9 – Достапност
1. Со цел да им се овозможи на лицата со попреченост да живеат независно и во целост да учествуваат во сите аспекти на животот, земјите учеснички преземаат соодветни мерки за да им обезбедат на лицата со инвалидност пристап, на еднаква основа со другите, до просторната околина, транспорт, информации и комуникации, вклучувајќи и до информатичките и комуникациските технологии и системи, како и до други капацитети и услуги отворени или обезбедени за јавноста, во урбаните и во руралните области. Овие мерки, во кои е вклучено идентификацијата и елиминацијата на препреки и бариери за пристап, меѓу другото, се однесуваат на:
а. Објекти, патишта, транспортни и други внатрешни и надворешни средства и капацитети, вклучувајќи и училишта, домови, медицински објекти и работни места;
б. Информации, комуникации и други услуги, вклучувајќи и електронски и итни служби.
2. Исто така, земјите учеснички ќе преземат соодветни мерки и за:
а. Развој, ширење и следење на спроведувањето на минимални стандарди и насоки за пристапност до капацитети и служби отворени и обезбедени за јавноста;
б. Обезбедување приватните ентитети кои нудат капацитети и услуги отворени и обезбедени за јавноста, да ги земат предвид сите аспекти на пристапност за лицата со инвалидност;
ц. Обезбедување обука за партнерите, во однос на прашањата за пристапност, со кои се соочуваат лицата со инвалидност;
д. Обезбедување ознаки со Брајова азбука во лесно читлива и разбирлива форма во објектите и другите капацитети отворени за јавност;
е. Обезбедување облици на помошници и посредници, вклучувајќи и водичи, читачи и професионални толкувачи на знаковниот јазик, со цел да се поедностави пристапноста во објекти и други капацитети отворени за јавност;
ф. Промовирање на други соодветни облици на помош и поддршка на лицата со инвалидност, за да се обезбеди нивен пристап до информации;
г. Промовирање на пристап до нови информатички и комуникациски технологии и системи на лицата со инвалидност, вклучувајќи и интернет;
х. Промовирање на модел, развој, производство и дистрибуција на достапни информатички и комуникациски технологии и системи во рана фаза, со цел истите да бидат достапни по минимални цени.
Член 10 – Право на живот
Земјите учеснички потврдуваат дека секое човечко суштество има вродено право на живот и ги преземаат сите неопходни мерки за да обезбедат ефикасно уживање на тоа право на лицата со инвалидност, на еднаква основа со другите.
Член 11 – Состојба на опасност и хуманитарни итни случаи
Земјите учеснички, во согласност со нивните обврски според меѓународното законодавство, вклучувајќи го и меѓународното хуманитарно законодавство и меѓународните човекови права, ги преземаат сите неопходни мерки за да обезбедат заштита и безбедност на лицата со инвалидност во ситуации на опасност, вклучено и ситуации на воени конфликти, хуманитарни итни случаи и при појава на природни катастрофи.
Член 12 – Еднакво признавање пред законот
1. Земјите учеснички потврдуваат дека, лицата со инвалидност насекаде имаат право на признавање, како и луѓето пред законот.
2. Земјите учеснички признаваат дека, лицата со инвалидност уживаат законски права, на еднаква основа со другите во сите аспекти на животот.
3. Земјите учеснички преземаат соодветни мерки со цел да им обезбедат на лицата со инвалидност пристап до поддршката, која може да им е потребна при остварувањето на нивните законски права.
4. Земјите учеснички обезбедуваат спречување на злоупотреба во согласност со меѓународните хуманитарни права, со сите мерки кои се однесуваат на остварувањето на законските права со кои се предвидуваат соодветни и ефикасни заштитни мерки. Со овие заштитни мерки се обезбедува дека мерките што се однесуваат на остварувањето на законското почитување на правата, волјата и привилегиите на лицето, се ослободени од конфликт на интереси и влијанија и се пропорционални и прилагодени на состојбите на лицето, истите да се применуваат во најкраток можен рок и се предмет на редовни контроли од страна на надлежен, независен и непристрасен орган или судско тело. Заштитните мерки се пропорционални на степенот, на кој овие мерки влијаат врз правата и интересите на лицето.
5. Како предмет на одредбите на овој член, земјите учеснички ги преземаат сите соодветни и ефикасни мерки за да обезбедат еднакво право на лицата со инвалидност да поседуваат или наследат сопственост, да ги контролираат своите финансиски работи и да имаат еднаков пристап до банкарски заеми и други форми на финансиско кредитирање и обезбедуваат дека лицата со инвалидност не се субјективно лишени од својата сопственост.
Член 13 – Пристап до правда
1. Земјите потписнички обезбедуваат ефикасен пристап до правда на лицата со инвалидност на еднаква основа со другите, вклучено и преку одредбата за процедурални и соодветни на возраста прилагодувања, со цел поедноставување на нивната ефикасна улога како директни и индиректни учесници, вклучено и како сведоци во сите законски постапки, од самата фаза на истрага и друга прелиминарна фаза.
2. Со цел да се помогне при обезбедувањето на ефикасен пристап до правдата на лицата со инвалидност, земјите потписнички промовираат соодветни обуки за вработените на полето на спроведување на правдата, вклучувајќи го и полицискиот и затворскиот персонал.
Член 14 – Слобода и безбедност на личноста
1. Земјите потписнички обезбедуваат дека лицата со инвалидност, на еднаква основа со другите:
а. го уживаат правото на слобода и безбедност на личноста;
б. и дека не се незаконски и субјективно лишени од нивните слободи и дека секое лишување од слобода е во согласност со законот и дека постоењето на инвалидност во ниту еден случај не е го оправдува лишувањето од слобода.
2. Земјите потписнички обезбедуваат дека, доколку лицата со инвалидност се лишени од слобода преку постапка, тие на еднаква основа со другите, имаат право на гаранции во согласност со меѓународните човекови права и се третираат во согласност со целите и начелата од оваа Конвенција, вклучувајќи и обезбедување на разумно прилагодување.
Член 15 – Ослободување од измачување или сурови, нечовечки и понижувачки постапувања или казни
1. Никој нема да биде предмет на измачување или сурови, нечовечки и понижувачки постапувања или казни. Особено, никој нема да биде предмет, без негова или нејзина слободна согласност, на медицински или научни испитувања.
2. Земјите потписнички преземаат ефикасни законски, правосудни или други мерки за да се спречи лицата со инвалидност, на еднаква основа, да бидат предмет на измачување или сурови, нечовечки и понижувачки постапувања или казни.
Член 16 – Ослободување од експлоатација, насилство и злоупотреба
1. Земјите потписнички преземаат соодветни законски, административни, социјални и други мерки за заштита на лицата со инвалидност, во и надвор од домот, од сите облици на експлоатација, насилство и злоупотреба, вклучено и од аспект на пол.
2. Земјите потписнички, исто така, ги преземаат сите соодветни мерки за спречување на сите облици на експлоатација, насилство и злоупотреба, преку, меѓу другото, обезбедување соодветни облици на помош и поддршка на полова и старосна чувствителност на лицата со инвалидност, нивните семејства и старатели, вклучено преку обезбедување информации и образование како да се одбегнуваат, препознаат и
пријавуваат случаите на експлоатација, насилство и злоупотреба. Земјите потписнички обезбедуваат дека службите за заштита се чувствителни на возраст, пол и инвалидност.
3. Со цел да се спречи појавата на сите форми на експлоатација, насилство и злоупотреба, земјите потписнички обезбедуваат дека, сите капацитети и програми моделирани за потребите на лицата со инвалидност, ефикасно се следат од страна на независни органи.
4. Земјите потписнички преземаат соодветни мерки за унапредување на физичката, когнитивната и психичката реанимација, рехабилитација и социјална реинтеграција на лицата со инвалидност, кои биле жртви на секој облик на експлоатација, насилство и злоупотреба, вклучено и преку обезбедување на заштитни услуги. Оваа реанимација и реинтеграција се одвива во средина за подобрување на здравјето, благосостојбата, самопочитта, достоинството и самостојноста на лицето и при тоа се земаат предвид специфичните полови и старосни потреби.
5. Земјите потписнички спроведуваат ефикасно законодавство и политики, вклучувајќи ги и законодавство и политиките насочени кон жените и децата, со цел да се обезбеди случаите на експлоатација, насилство и злоупотреба на лицата со инвалидност да се идентификуваат, истражуваат, а доколку е неопходно, да се покренат и постапки.
Член 17 – Заштита на интегритетот на личноста
Секое лице со инвалидност има право на почитување на неговиот или нејзиниот физички и ментален интегритет на еднаква основа со другите.
Член 18 – Слобода на движење и национална припадност
1. Земјите потписнички ги признаваат правата на лицата со инвалидност на слобода на движење, слобода на избор на место на живеење и национална припадност, на еднаква основа со другите, обезбедувајќи дека лицата со инвалидност:
а. имаат право да се здобијат и да ја променат национална припадност и дека не се лишени од нивната национална припадност субјективно или врз основа на инвалидност;
б. не се лишени, врз основа на инвалидност, од нивната можност да добијат, поседуваат и користат документација за нивната национална припадност или друга документација за идентификација, или да ги користат соодветните процеси, како на пример, постапки на емиграција, доколку се неопходни да го обезбедат остварувањето на правото на слобода на движење;
ц. имаат слобода да ја напуштат секоја земја, вклучено и сопствената;
д. не се лишени, субјективно или врз основа на инвалидност, од правото за влез во својата земја.
2. Децата со пречки во развојот веднаш по раѓањето се пријавуваат и од раѓање имаат право на име, право на добивање државјанство, а доколку е возможно, право да ги знаат и да бидат згрижени од своите родители.
Член 19 – Независно живеење и вклученост во заедницата
Земјите потписнички на оваа Конвенција го признаваат правото на еднаквост на сите, лицата со инвалидност да живеат во заедниците, по избор како и другите, и преземаат ефикасни соодветни мерки да обезбедат уживање на лицата со инвалидност на своето право и нивно целосно вклучување и учество во заедницата, а особено обезбедуваат:
а. лицата со инвалидност да имаат можност на избор на местото на живеење, каде и со кого да живеат, на еднаква основа со другите и не се обврзани да живеат според одредени организирани услови на живеење;
б. лицата со инвалидност да имаат пристап до обем на домашни, резидентни и други заеднички поддржни услуги, вклучувајќи и лична помош неопходна за поддршка на живеење и вклучување во заедницата и спречување на изолација и сегрегација од заедницата;
ц. заеднички услуги и капацитети за општата популација да се достапни на еднаква основа на лицата со инвалидност и да одговараат на нивните потреби.
Член 20 – Лична мобилност
Земјите потписнички преземаат ефикасни мерки за да обезбедат лична мобилност со највисока можна независност на лицата со инвалидност, особено преку:
а. овозможување лична мобилност на лицата со инвалидност на начин и во периодот на нивниот избор и по пристапна цена;
б. овозможување пристап на лицата со инвалидност на квалитетни помагала, справи и помошни технологии и облици на помошници и посредници, особено по достапни цени;
ц. обезбедување обуки и вештини за мобилност на лицата со инвалидност и до специјализиран персонал кој работи со лицата со инвалидност;
д. поттикнување на ентитетите кои произведуваат помагала, справи и помошни технологии да ја земат предвид мобилноста на лицата со инвалидност;
Член 21 – Слобода на изразување и мислење и пристап до информации Земјите потписнички ги преземаат сите соодветни мерки со цел да обезбедат лицата со инвалидност да можат да го остваруваат правото на слобода на изразување и мислење, особено на слободата да бараат, добиваат и доставуваат информации и идеи на еднаква основа со другите, како и преку сите форми на комуникација по нивен избор, како што е утврдено во член 2 од оваа Конвенција, вклучувајќи и преку:
а. обезбедување информации наменети за јавноста на лицата со инвалидност навремено и без дополнителни трошоци во достапен формат и технологии соодветни на поединечни видови на инвалидност;
б. прифаќање и олеснување на користењето на знаковните јазици, Брајовата азбука, аугментативна и алтернативна комуникација, како и други пристапни средства, модели и формати на комуникација по нивен избор за лицата со инвалидност при официјални интеракции;
ц. залагање на приватните ентитети кои обезбедуваат услуги на јавноста, вклучено и преку интернет, да обезбедат информации и услуги во достапни и корисни формати за лицата со инвалидност;
д. поттикнување на масовните медиуми, вклучувајќи ги и оние за обезбедување на информации преку интернет, да обезбедат достапност за лицата со инвалидност;
е. признавање и промовирање на користењето на знаковните јазици.
Член 22 – Почитување на приватноста
1. Ниту едно лице со инвалидност, независно од местото на престојување или организираните услови на живеење е предмет на субјективно или незаконско мешање во неговата или нејзината приватност, семејство, дом или во друг вид односи или комуникација или незаконски напад врз неговата или нејзината репутација или чест. Лицата со инвалидност имаат право на законска заштита од овие мешања или напади.
2. Земјите потписнички ја заштитуваат приватноста на личните, здравствените и рехабилитационите информации на лицата со инвалидност, на еднаква основа со другите.
Член 23 – Почитување на домот и семејството
1. Земјите потписнички преземаат ефикасни и соодветни мерки за елиминирање на дискриминацијата на лицата со инвалидност од сите проблематики во однос на брак, семејство, родителство и односи, на еднаква основа со другите, со цел да се обезбеди:
а. Правото на сите лица со инвалидност кои се зрели за брак, да се венчаат и да основаат семејство врз основа на признавање на слободна и целосна согласност на идните брачни партнери;
б. Правата на лицата со инвалидност да одлучуваат слободно и одговорно за бројот на планирањето на своите деца и да имаат пристап до информации соодветни на возраста, признавање на образование за репродуктивно и семејно планирање, како и обезбедување на средствата неопходни за да им се обезбеди да остварување на овие;
ц. Лицата со инвалидност, вклучено и децата, ја задржуваат својата плодност на еднаква основа со другите.
2. Земјите потписнички ги обезбедуваат правата и одговорностите на лицата со инвалидност, во однос на туторство и старателство, усвојување на деца или слични институции, доколку овие концепти постојат во националното законодавство; во сите случаи предност се дава на најдобриот интерес за детето. Земјите потписнички обезбедуваат соодветна помош на лицата со инвалидност во извршувањето на нивните одговорности во однос на децата.
3. Земјите потписнички обезбедуваат децата со пречки во развојот да имаат еднакви право во однос на семеен живот. Со цел остварување на овие права и спречување на прикривање, напуштање, запоставување и сегрегација на децата со пречки во развојот, земјите потписнички се обврзуваат да обезбедат навремени и обемни информации, услуги и поддршка на децата со пречки во развојот и на нивните семејства.
4. Земјите потписнички обезбедуваат детето да не се одделува од своите родители против нивна волја, освен ако надлежните органи, предмет на судско испитување, одлучат, во согласност со позитивните закони и постапки, одлучат дека ова одделување е неопходно во најдобар интерес на детето. Во ниту еден случај дете се одделува од родителите врз основа на инвалидност на детето или на еден или двата
родители.
5. Земјите потписнички, доколку потесното семејство не е способно да се грижи за дете со пречки во развојот, се обврзува да ги преземат сите заложби со цел да обезбедат алтернативна грижа во рамките на поширокото семејство, а во случај на невозможност, во рамките на заедницата на семејното опкружување.
Член 24 – Образование
1. Земјите потписнички го признаваат правото на образование на лицата со инвалидност. Со цел остварување на ова право без дискриминација и врз основа на еднакви можности, земјите потписнички обезбедуваат вклучен систем на образование на сите нивоа и доживотно учење наменето за:
а. Целосен развој на човековиот потенцијал и чувство на достоинство и самовреднување, како и зајакнување на почитувањето на човековите права, основни слободи и човековата различност;
б. Развој на идентитетот, надареноста и креативноста на лицата со инвалидност, како и на нивните ментални и физички способности до ниво на целосен потенцијал;
ц. Овозможување на лицата со инвалидност ефикасно да учествуваат во слободното општество.
2. При реализирањето на ова право, земјите потписнички обезбедуваат:
а. лицата со инвалидност да не се исклучуваат од општиот образовен систем врз основа на инвалидност, и децата со пречки во развојот да не се исклучуваат од бесплатното и задолжителното основно образование, или од средното образование врз основа на инвалидност;
б. лицата со инвалидност да имаат пристап до вклучително, квалитетно и бесплатно основно образование и средно образование на еднаква основа со другите во заедниците во кои живеат;
ц. разумно прилагодување на индивидуалните потреби;
д. лицата со инвалидност да ја добијат потребната поддршка во рамките на општиот образовен систем, за да се поедностави нивното ефикасно образование;
е. мерки за ефикасна индивидуална поддршка во средините со максимален академски и социјален развој, доследен до целите на потполно вклучување.
3. Земјите потписнички им овозможуваат на лицата со инвалидност да ги научат животните и социјални развојни вештини со цел обезбедување на еднакво учество во образованието и како членови на заедницата. За таа цел, земјите учеснички преземаат соодветни мерки, а особено:
а. Обезбедување на изучувањето на Брајовата азбука, алтернативно писмо, аугментативни и алтернативни модели, средства и формати на комуникација и ориентација и мобилни вештини, како и обезбедување на еднаква поддршка и менторство;
б. Обезбедување на изучувањето на знаковниот јазик и унапредување на лингвистичкиот идентитет на заедницата на лицата со оштетен слух;
ц. обезбедување дека образованието на лицата, а особено децата, кои се со оштетен вид, со оштетен слух, или со оштетен вид и слух, се спроведува на најсоодветни јазици, начини и средства за комуникација за поединецот и во средини за спроведување на максимален академски и социјален развој.
4. Со цел да се обезбеди остварување на ова право, земјите потписнички ги преземаат соодветните мерки за вработување на наставници, вклучувајќи и наставници со инвалидност, кои се квалификувани за знаковниот јазик и/или Брајовата азбука, како и обучување на професионалци и персонал кој ќе работи на сите образовни нивоа. Овие обуки вклучуваат свест за инвалидност и користење на соодветни аугментативни и алтернативни модели, средства и формати на комуникација, образовни техники и материјали за поддршка на лицата со инвалидност.
5. Земјите потписнички обезбедуваат лицата со инвалидност да имаат пристап до општото високо образование, стручна обука, образование за возрасни и доживотно учење без дискриминација и на еднаква основа со другите. За таа цел, земјите потписнички предвидуваат обезбедување на разумно прилагодување на лицата со инвалидност.
Член 25 – Здравство
Земјите потписнички признаваат дека лицата со инвалидност имаат право да уживаат највисоки здравствени стандарди без дискриминација врз основа на инвалидност. Земјите потписнички ги преземаат сите соодветни мерки, за да обезбедат пристап на лицата со инвалидност до здравствените услуги чувствителни во однос на пол, вклучувајќи и здравствена рехабилитација. Земјите потписнички особено да:
а. обезбедуваат ист обем, квалитет и стандард на бесплатна или достапна медицинска нега на лицата со инвалидност, како и програми кои се обезбедени за другите лица, вклучено и во областа на сексуалното и репродуктивното здравство и програми за здравјето на луѓето засновани на популацијата;
б. обезбедуваат здравствени услуги потребни и специфични за лицата со инвалидност , вклучувајќи и навремено препознавање и соодветна интервенција, како и услуги наменети за намалување и превенција на понатамошните заболувања меѓу децата и постарите лица;
ц. обезбедуваат здравствени служби најблиску до нивните заедници, вклучено и во руралните области;
д. бараат од здравствени професионалци обезбедување ист квалитет на лицата со инвалидност како и на другите, а особено врз основа на слободна и информативна согласност, меѓу другото, преку подигнување на свеста за човековите права, достоинство, самостојност и потреби на лицата со инвалидност, преку обуки и ширење на етички стандарди за јавната и приватната медицинска нега;
е. забрануваат дискриминација на лицата со инвалидност при обезбедувањето на здравствено осигурување и животно осигурување, доколку ова осигурување е опфатено во националното законодавство, кое се спроведува на праведен и разумен начин;
ф. спречуваат дискриминаторско одбивање на медицинска нега или здравствена услуга или храна и течности врз основа на инвалидност.
Член 26 – Хабилитација и рехабилитација
1. Земјите потписнички преземаат ефикасни и соодветни мерки, вклучено и преку еднаква поддршка, за да им се овозможи на лицата со инвалидност да постигнат и одржуваат максимална независност, целосна физичка, ментална, социјална и стручна способност и целосна вклученост и учество во сите аспекти на животот. За таа цел, земјите потписнички организираат, зајакнуваат и опфаќаат обемни услуги и програми за хабилитација и рехабилитација, особено во на услугите во областите на здравство, вработување, образование и социјалните услуги, на начин овие услуги и програми да:
а. се спроведат во најрана фаза и врз основа на мултидисциплинарна проценка на индивидуалните потреби и предности;
б. поддржуваат учество и вклученост во заедницата и во сите аспекти на општеството и да бидат на доброволна основа и расположливи за лицата со инвалидност колку што е можно поблиску до нивните заедници, вклучувајќи ги и руралните области.
2. Земјите потписнички го промовираат развојот на првични и континуирани обуки за професионалци и персонал кој работи во службите за хабилитација и рехабилитација.
3. Земјите потписнички промовираат расположливост, знаење и користење на помагала и технологии, моделирани за лицата со инвалидност кои се однесуваат на хабилитација и рехабилитација.
Член 27 – Работа и вработување
1. Земјите потписнички ги признаваат правата за работа на лицата со инвалидност, на еднаква основа со другите; овде е вклучено правото на можност за заработка за живот преку слободен избор и прифаќање на работа на пазарот за труд и работна средина која е отворена, вклучена и прифатлива за лицата со инвалидност. Земјите потписнички го штитат и промовираат остварувањето на правото на работа, вклучувајќи ги и оние кои се здобиле со инвалидност во текот на вработувањето, преку преземање соодветни чекори, а особено преку законодавство во однос на, меѓу другото:
а. Забрана на дискриминација врз основа на инвалидност во однос на сите проблематики поврзани со сите форми на вработување, вклучено и условите за регрутирање, најмување и вработување, траењето на вработувањето, унапредување во кариерата и безбедни и здрави услови на работа;
б. Заштита на правата на лицата со инвалидност, на еднаква основа со другите, на оправдани и поволни услови на работа, вклучувајќи и еднакви можности и плати за еднакво вредна работа, безбедни и здрави услови за работа, вклучувајќи и заштита од малтретирање и отстранување на причините за поплаки;
ц. Обезбедување дека лицата со инвалидност можат да ги остварат своите работнички и синдикални трудови права на еднаква основа со другите;
д. Обезбедување на лицата со инвалидност да имаат ефикасен пристап до општите програми за техничко и професионално насочување, услуги за распоредување и стручни и континуирани обуки;
е. Промовирање на можностите за вработување и унапредување во кариерата на лицата со инвалидност на пазарот за труд, како и помош во барањето, добивањето, одржувањето и враќањето на работа;
ф. Промовирање на можности за самовработување, претприемништво, развој на заеднички и започнување на сопствена дејност;
г. Вработување на лицата со инвалидност во јавниот сектор;
х. Промовирање на вработувањето на лицата со инвалидност во приватниот сектор преку соодветни политики и мерки, вклучено и афирмативни акциски програми, поттик и други мерки;
и. Обезбедување на разумено прилагодување на лицата со инвалидност на работното место;
ј. Промовирање на здобивањето со работно искуство на отворениот пазар на труд од страна на лицата со инвалидност;
к. Промовирање на стручна и професионална рехабилитација, задржување на работата и програми за враќање на работа за лицата со инвалидност.
2. Земјите потписнички обезбедуваат лицата со инвалидност да не се држат во ропство или потчинетост и да се заштитуваат на еднаква основа со другите од присилна или задолжителна работа.
Член 28 – Соодветен стандард на живеење и социјална заштита
1. Земјите потписнички го признаваат правото на лицата со инвалидност и на нивните семејства за соодветен стандард на живеење, вклучувајќи и соодветна исхрана, облека и домување и континуирано подобрување на условите на живеење и ќе преземат соодветни чекори за заштитна и промовирање на остварувањето на ова право без дискриминација врз основа на инвалидност.
2. Земјите потписнички го признаваат правото на лицата со инвалидност за социјална заштита и уживање на ова право без дискриминација врз основа на инвалидност и ќе ги преземат сите соодветни чекори за заштитна и промовирање на остварувањето на ова право, вклучувајќи ги и мерките за:
а. обезбедување еднаков пристап на лицата со инвалидност, до чиста вода и пристап до соодветни и достапни служби, средства и друга помош за нивните потреби;
б. обезбедување пристап на лицата со инвалидност, особено на жените и девојките со инвалидност и постарите лица со инвалидност, до програми за социјална заштита и за намалување на сиромаштијата;
ц. обезбедување пристап на лицата со инвалидност и на нивните семејства кои живеат во состојба на сиромаштија, помош од земјата поврзана со инвалидност, вклучувајќи и соодветни обуки, советувања, финансиска помош и продолжена нега;
д. обезбедување пристап на лицата со инвалидност до програмите за домување;
е. обезбедување пристап на лицата со инвалидност до пензии и програми за пензионирање.
Член 29 – Учество во политичкиот и јавниот живот
Земјите потписнички им ги гарантираат на лицата со инвалидност политичките права и можноста на ги уживаат, на еднаква основа со другите и се обврзуваат да:
а. Обезбедат на лицата со инвалидност ефикасно и целосно учество во политичкиот и јавниот живот на еднаква основа со другите, непосредно или преку слободно избраните претставници, вклучувајќи го и правото и можноста на лицата со инвалидност да гласаат и да бидат гласани, меѓу другото, преку:
и. обезбедување дека постапките, капацитети и материјалите за гласање се соодветни, достапни и лесно разбирливи за користење;
ии. заштита на правото на лицата со инвалидност да гласаат со тајно гласање во изборите и јавните референдуми без закана и да учествуваат во избори, да преземат должност и извршуваат јавни функции на сите нивоа на раководење, со користење на помошни и нови технологии, доколку е соодветно;
иии. гарантирање на слободно изразување на волјата на лицата со инвалидност како гласачи и за таа цел, доколку е неопходно, на нивно барање, да им се овозможи помош во гласањето од страна на лице по нивен избор;
б. Активно да промовираат средина во која лицата со инвалидност ќе можат ефикасно и целосно да учествуваат во водењето на јавните работи, без дискриминација и на еднаква основа со другите и да се поттикнува нивното учество во јавните работи, вклучувајќи и:
и. учество во невладини организации и здруженија кои се занимаваат со јавниот и политичкиот живот на земјата, како и во активностите и водењето на политичките партии;
ии. основање и пристапување во организации на лицата со инвалидност како претставници на лицата со инвалидност на меѓународно, национално, регионално и локално ниво.
Член 30 – Учество во културниот живот, рекреација, слободни активности и спорт
1. Земјите потписнички го признаваат правото на лицата со инвалидност да учествуваат на еднаква основа со другите во културниот живот и ќе ги преземат сите соодветни мерки за да обезбедат дека лицата со инвалидност:
а. уживаат пристап до културолошки материјали во достапни формати;
б. уживаат пристап до телевизиски програми, филмови, театарски и други културни активности, во достапни формати;
ц. уживаат пристап до места за културни приредби или услуги, како на пример, театри, музеи, кина, библиотеки и туристички услуги, а колку што е можно, пристап до споменици и места од национално културолошко значење.
2. Земјите потписнички преземаат соодветни мерки за да им обезбедат на лицата со инвалидност можност за развој и користење на нивниот креативен, уметнички и интелектуален потенцијал, за нивна корист, како и за придобивка на општеството.
3. Земјите потписнички ги преземаат сите соодветни чекори, во согласност со меѓународното законодавство, за да обезбедат законите за заштита на правата на интелектуална сопственост да не претставуваат неразумна и дискриминаторска препрека за пристап до културолошките материјали на лицата со инвалидност.
4. Лицата со инвалидност имаат право, врз еднаква основа со другите, на признавање и поддршка на нивниот специфичен културен и лингвистички идентитет, вклучено и знаковни јазици и култура на лица со оштетен слух.
5. Со цел да им се обезбеди на лицата со инвалидност учество, врз еднаква основа со другите, во рекреативни, слободни и спортски активности, земјите потписнички ќе преземат соодветни мерки да:
а. поттикнат и промовираат учество, до највисок можен обем, на лицата со инвалидност во интегрирањето во спортските активности на сите нивоа;
б. им обезбедат на лицата со инвалидност можност за организирање, унапредување и учество во спортски и рекреативни активности специфични за лица со инвалидност, а за таа цел поттикнуваат обезбедување, врз еднаква основа со другите, на соодветни инструкции, обуки и ресурси;
ц. им обезбедат на лицата со инвалидност пристап до спортски, рекреативни и туристички објекти;
д. им обезбедат на децата со пречки во развојот еднаков пристап со другите деца да учествуваат во игри, рекреативни, слободни и спортски активности, вклучено и активностите во рамките на училишниот систем;
е. им обезбедат на лицата со инвалидност пристап до службите кои се занимаваат со организирање на рекреативни, туристички, слободни и спортски активности.
Член 31 – Статистики и собирање на податоци
1. Земјите потписнички се обврзува да собираат соодветни информации, вклучувајќи и статистички и истражувачки податоци, со цел да обезбедат формулирање и спроведување на политиките за спроведување на оваа Конвенција. Процесот на собирање и држење на информациите се:
а. придржува до законски утврдените заштитни мерки, вклучувајќи го и законодавство за заштита на податоци, со цел да се обезбеди доверливост и почитување на приватноста на лицата со инвалидност;
б. придржува до меѓународно прифатените норми за заштита на човековите права и основни слободи и етичките начела при собирањето и користењето на статистичките податоци.
2. Информациите собрани во согласност со овој член соодветно се шират и користат со цел да се помогне во оценувањето на спроведувањето на обврските на земјите потписнички според оваа Конвенција и за утврдување и посветување внимание на бариерите со кои се соочуваат лицата со инвалидност при остварувањето на своите права.
3. Земјите потписнички преземаат одговорност за ширење на овие статистички податоци и обезбедување на пристап до истите на лицата со инвалидност и на другите.
Член 32 – Меѓународна соработка
1. Земјите потписнички ја признаваат важноста од меѓународна соработка и нејзино унапредување во поддршката на националните заложби за остварување на намерата и целите на оваа Конвенција и во однос на истото ќе преземат соодветни и ефикасни мерки меѓу земјите, а како што е соодветно и во партнерството со релевантните меѓународни и регионални организации и со граѓанското општество, особено со организациите на лицата со инвалидност. Овие мерки, меѓу другото, можат да содржат:
а. Обезбедување дека меѓународната соработка, вклучувајќи ги и меѓународните програми за развој е вклучена и достапна за лицата со инвалидност;
б. Олеснување и поддршка на зајакнување на капацитетите, вклучено и преку размена и дистрибуција на информации, искуства, програми за обука и најдобри пракси;
ц. Олеснување на соработка во истражувањето и пристапот до научното и техничкото знаење;
д. Соодветно обезбедување на техничка и економска помош, вклучувајќи и олеснување на пристапот и дистрибуцијата на достапни и помошни технологии, а преку трансфер на истите.
2. Одредбите од овој член не се во спротивност со обврските на секоја земја потписничка за исполнување на обврските од оваа Конвенција.
Член 33 – Национално спроведување и следење
1. Земјите потписнички, во согласност со својот систем за организација, назначуваат една или повеќе круцијални точки во рамките на регулирањето на проблематика поврзана со спроведувањето на оваа Конвенција и обезбедуваат должно внимание на утврдувањето или назначувањето на механизми за координација во рамките на регулирањето, со цел поедноставување на акцијата во поединечни сектори и на поединечни нивоа.
2. Земјите потписнички, во согласност со своите правни и административни системи, одржуваат, зајакнуваат, назначуваат или воспоставуваат рамка, вклучувајќи и еден или повеќе независни механизми, како што е неопходно, за промовирање, заштита и следење на спроведувањето на оваа Конвенција. При назначувањето или воспоставувањето на овој механизам, земјите потписнички ќе ги земат предвид начелата поврзани со статусот и функционирањето на националните институции за заштита и унапредување на човековите права.
3. Граѓанското општество, особено лицата со инвалидност и нивните организации, претставници се вклучуваат и во целост учествуваат во процесот на следење.
Член 34 – Конвенција за правата на лица со инвалидност
1. Ќе се основа Комитет за правата на лицата со инвалидност (во понатамошниот текст: „Комитет“), кој ќе ги спроведува долунаведените функции.
2. Комитетот, во периодот на влегување во сила на оваа Конвенција, ќе се состои од дванаесет експерти. По дополнителни шеесет ратификации или пристапувања кон Конвенцијата, членството на Комитетот ќе се зголеми за шест членови, достигнувајќи максимален број од осумнаесет членови.
3. Членовите на Комитетот ќе ги стават на располагање своите лични потенцијали и ќе имаат висока морална репутација и признаена компетентност и искуство на полето кое го опфаќа оваа Конвенција. При номинирањето на своите кандидати, земјите потписнички се повикуваат да обрнат должно внимание на одредбата утврдена во член 4.3 од оваа Конвенција.
4. Членовите на Комитетот се избираат од страна на земјите потписнички, со посебно внимание на правичната географска распореденост, застапеност на поединечните форми на цивилизација и на принципиелните правни системи, рамнотежа на половата застапеност и на учество на експерти со инвалидност.
5. Членовите на Комитетот се избираат со тајно гласање од листата на лица номинирани од страна на граѓаните на земјите потписнички на состаноците на Конференцијата на земјите потписнички. На овие состаноци, на кои две третини од земјите потписнички ќе сочинуваат кворум, ќе бидат избрани оние лица во Комитетот кои ќе добијат најголем број гласови и апсолутно мнозинство на гласови од присутните претставници на земјите потписнички кои гласале.
6. Првичниот избор ќе се одржи најдоцна за шест месеци од денот на влегување во сила на оваа Конвенција. Најмалку четири месеци пред денот на секој избор, Генералниот секретар на Обединетите нации ќе испрати покана до земјите потписнички за доставување на номинирани лица во рок од два месеци. Генералниот секретар последователно ќе подготви список на сите овие номинирани лица по азбучен ред, наведувајќи ги земјите потписнички кои ги номинирале и истиот ќе го достави до земјите потписнички на оваа Конвенција.
7. Членовите на Комитетот се избираат со мандат од четири години. Тие имаат право на уште еден мандат. Меѓутоа, мандатот на шесте членови избрани на првиот избор истекува на крајот на втората година; непосредно по првиот избор, имињата на овие шест членови се избираат со ждрепка од страна на претседателот на состанокот наведен во став 5 од овој член.
8. Изборот на дополнителните шест членови на Комитетот ќе се одржи на редовни избори, во согласност со соодветните одредби од овој член.
9. Доколку член на Комитетот почине или даде оставка или изјава дека од други причини не може повеќе да ги врши своите должности, земјата потписничка која го номинирала членот назначува друг експерт кои поседува квалификации и ги исполнува условите утврдени во соодветните одредби од овој член за останатиот период од мандатот.
10. Комитетот носи правилник за работа.
11. Генералниот секретар на Обединетите нации обезбедува неопходен персонал и капацитети за ефикасно извршување на функциите на Комитетот според оваа Конвенција и го свикува првиот состанок.
12. По одобрување на Генералното собрание, членовите на Комитетот утврден според оваа Конвенција добиваат примања од ресурсите на Обединетите нации под услови кои ги одлучува Собранието, имајќи ја предвид важноста на одговорностите на Комитетот.
13. Членовите на Комитетот има право на средства, привилегии и имунитет на експерти на назначени за Обединетите нации како што е утврдено во соодветните секции на Конвенцијата за привилегии и имунитет на Обединетите нации.
Член 35 – Извештаи на земјите потписнички
1. Секоја земја потписничка до Комитетот, а преку Генералниот секретар на Обединетите нации доставува опширен извештај на мерките преземени за спроведување на обврските според оваа Конвенција и за направениот напредок, во рок од две години по влегувањето во сила на оваа Конвенција.
2. Потоа, земјите потписнички поднесуваат редовни извештаи најмалку на секои четири години и по барање на Комитетот.
3. Комитетот одлучува за насоките кои ќе се применуваат за содржината на овие извештаи.
4. Земја потписничка која има поднесено опширен првичен извештај до Комитетот, во своите следни извештаи не треба да ги повторува информациите дадени претходно. При подготовката на извештаите до Комитетот, земјите потписнички се повикуваат да ги подготват на отворен и транспарентен начин и да обрнат посебно внимание на одредбата утврдена во член 4.3 од оваа Конвенција.
5. Во извештаите може да се наведат факторите и потешкотиите што влијаат врз ефикасното исполнување на обврските од оваа Конвенција.
Член 36 – Разгледување на извештаите
1. Секој извештај се разгледува од страна на Комитетот и дава сугестии и општи препораки за кои ќе смета дека се соодветни и истите ги препраќа до засегнатата земја потписничка. Земјата потписничка може да одговори на Комитетот со информации по нејзин избор. Комитетот може да побара дополнителни информации од земјите потписнички што се релевантни за спроведувањето на оваа Конвенција.
2. Доколку земја потписничка значително задоцни со доставувањето на извештај, Комитетот може да ја извести засегнатата земја потписничка за потребата од преиспитување на спроведувањето на оваа Конвенција во таа земја потписничка, врз основа на конзистентни информации расположливи за Комитетот, доколку релевантниот извештај не е доставен во рок од три месеци по известувањето. Комитетот ја повикува засегнатата земја потписничка да земе учество во ова преиспитување. Доколку земјата потписничка го поднесе релевантниот извештај, се применуваат одредбите од став 1 на овој член.
3. Генералниот секретар на Обединетите нации овие извештаи ги става на располагање на сите земји потписнички.
4. Земјите потписнички ги ставаат своите извештаи на располагање на јавноста во своите земји и овозможуваат пристап на сугестии и општи препораки во однос на истите.
5. Комитетот ги пренесува извештаите од земјите потписнички, како што смета дека е соодветно, до специјализираните агенции, фондови и програми на Обединетите нации и до другите надлежни тела, со цел да се достави барање или индикации на потребата од технички совет или помош што се содржи во истите, заедно со согледувањата и препораките на Комитетот, доколку има, на овие барања или индикации.
Член 37 – Соработка меѓу земјите потписнички и Комитетот
1. Секоја земја потписничка соработува со Комитетот и им помага на своите членови во исполнувањето на нивниот мандат.
2. Во своите односи со земјите потписнички, Комитетот обрнува должно внимание на начините и средствата за подобрување на националните капацитети за спроведување на оваа Конвенција, вклучувајќи и преку меѓународна соработка.
Член 38 – Односи на Комитетот со други тела
Со цел промовирање на ефикасно спроведување на оваа Конвенција и поттикнување на меѓународната соработка на полето опфатено со оваа Конвенција:
а. Специјализирате агенции и други органи на Обединетите нации имаат право да бидат застапени во утврдувањето на спроведувањето на оние одредби на Конвенцијата кои потпаѓаат во рамките на обемот на нивниот мандат. Комитетот може да ги повика специјализираните агенции и другите надлежни тела, за кои смета дека се соодветни за обезбедување експертски совет за спроведувањето на оваа Конвенција од областа која потпаѓа во рамките на обемот на нивните соодветни мандати; Комитетот може да ги повика специјализираните агенции и другите надлежни органи на Обединетите нации да поднесат извештаи за спроведувањето на оваа Конвенција од областа која потпаѓа во рамките на обемот на нивните активности;
б. Комитетот, при истекувањето на неговиот мандат, како што е соодветно, врши консултации со други релевантни тела воспоставени со меѓународните договори за човекови права, со цел да обезбеди доследност на нивните односни извештајни насоки, сугестии и општи препораки, а избегнувајќи повторување и преклопување на извршувањето на нивните функции.
Член 39 – Извештај на Комитетот
Комитетот поднесува извештај на секои две години до Генералното собрание и до Економско-социјалниот совет за своите активности и може да даде сугестии и општи препораки врз основа на разгледувањето на извештаите и информациите добиени од земјите потписнички. Овие сугестии и општи препораки се вклучуваат во извештајот на Комитетот заедно со коментарите, доколку постојат, од земјите потписнички.
Член 40 – Конференција на земјите потписнички
1. Земјите потписнички редовно се состануваат на Конференција на земјите потписнички со цел да ги разгледаат прашањата во однос на спроведувањето на оваа Конвенција.
2. Најдоцна за шест месеци по влегувањето во сила на оваа Конвенција, Генералниот секретар на Обединетите нации ќе свика Конференција на земјите потписнички. Следните состаноци се свикуваат од страна на Генералниот секретар на Обединетите нации на две години или на одлука на Конференција на земјите потписнички.
Член 41 – Депозитар
Генералниот секретар на Обединетите нации е депозитар на оваа Конвенција.
Член 42 – Потпишување
Оваа Конвенција е отворена за потпишување од страна на сите земји и од регионални организации за интеграција во седиштето на Обединетите нации во Њујорк од 30 март 2007 година.
Член 43 – Согласност за обврзување
Конвенцијата подлежи на ратификација од страна на земјите потписници и на формална конфирмација од страна на регионалните организации за интеграција на потписничките. Истата е отворена за пристапување од страна на секоја земја или регионална организација за интеграција која што не ја потпишала Конвенција.
Член 44 – Регионални организации за интеграција
1. „Регионална организација за интеграција“, значи организација конституирана од страна на суверени земји од одреден регион на која нејзините земји членки ја пренеле надлежноста во однос на проблематика која ја регулира оваа Конвенција. Овие организации, во своите инструменти за формална конфирмација или пристапување, го наведуваат обемот на својата надлежност во однос на проблематиката која ја регулира оваа Конвенција. Според тоа, тие го известуваат депозитарот за секоја значајна измена во обемот на нивната надлежност.
2. Упатувањата на „земјите потписнички“ во оваа Конвенција се применуваат на овие организации во рамките на ограничувањата на нивната надлежност.
3. За целите на член 45, став 1 и член 47, став 2 и 3, секој инструмент депониран од страна на регионална организација за интеграција нема да се вбројува.
4. Регионалните организации за интеграција, во проблематика во рамките на нивната надлежност, можат да го остваруваат своето право на глас на Конференцијата на земјите потписнички, според бројот на гласови еднаков на бројот на нивните земји членки кои се потписнички на Конвенцијата. Оваа организација не го остварува своето право на глас, доколку една од земјите членки го остварува своето право и обратно.
Член 45 – Влегување во сила
1. Оваа Конвенција влегува во сила на тринаесеттиот ден по депонирањето на дваесеттиот инструмент за ратификација или пристапување.
2. За секоја земја или регионална организација за интеграција која ја ратификува, формално ја прифаќа или пристапува на Конвенцијата по депонирањето на дваесеттиот инструмент, Конвенцијата влегува во сила на тринаесеттиот ден по депонирањето на нејзиниот инструмент.
Член 46 – Услови
1. Условите некомпатибилни на предметот и целта на оваа Конвенција нема да се забранат.
2. Условите можат да се повлечат во секое време.
Член 47 – Измени и дополнувања
1. Секоја земја потписничка може да предложи измени и дополнувања на оваа Конвенција и да го поднесе до Генералниот секретар на Обединетите нации. Генералниот секретар ги доставува сите предложени измени и дополнувања до земјите потписнички со барање да објават дали бараат конференција на земјите потписнички за потребите на разгледување и одлучување за предлозите. Во тој случај, во рок од четири месеци од денот на ова известување, доколку најмалку една третина од земјите потписнички бараат конференција, Генералниот секретар свикува конференција под покровителство на Обединетите нации. Секој амандман донесен од мнозинство на две третини од земјите потписнички се доставува од страна на Генералниот секретар до Генералното собрание на одобрување, а потоа до сите земјите потписнички на прифаќање.
2. Амандман донесен и одобрен во согласност со став 1 од овој член влегува во сила на тринаесеттиот ден откако бројот на депонираните инструменти на прифаќање достигне две третини од земјите потписнички на денот на донесувањето на амандманот. Потоа, амандманот влегува во сила за секоја земја потписничка на триесеттиот ден по депонирањето на нејзиниот инструмент за прифаќање. Амандманот е обврзувачки само за оние земјите потписнички кои го прифатиле.
3. Доколку Конференцијата на земјите потписнички со консензус одлучи, амандман донесен и одобрен во согласност со став 1 од овој член, кој се однесува само на член 34, 38, 39 и 40 влегува во сила за сите земјите потписнички на тринаесеттиот ден откако бројот на депонираните инструменти на прифаќање достигне две третини од бројот на земјите потписнички на денот на донесувањето на амандманот.
Член 48 – Отстапување
Земја потписничка може да отстапи од оваа Конвенција со писмено известување до Генералниот секретар на Обединетите нации. Отстапувањето е важечко една година по датумот на приемот на известувањето од страна на Генералниот секретар.
Член 49 – Прифатлив формат
Текстот на оваа Конвенција станува достапен во прифатлив формат.
Член 50 – Автентични текстови
Арапскиот, кинескиот, англискиот, францускиот, рускиот и шпанскиот текст на оваа Конвенција, се целосно автентични. Како сведоци на долупотпишаните ополномоштени, законски овластени од страна на соодветните Влади, ја потпишаа оваа Конвенција.