НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА ЗА ИЗЕДНАЧУВАЊЕ НА ПРАВАТА НА ЛИЦАТА СО ИНВАЛИДНОСТ (РЕВИДИРАНА)
2010-2018
ВОВЕД
Овој документ е насловен Национална стратегија за изедначување на правата на лицата со инвалидност (Ревидирана) 2010 – 2018 година (во понатамошниот текст: Стратегија). Стратегијата претставува план на многубројни активности што произлегуваат од начелата на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност донесена од Обединетите нации на 13 декември 2006 година која ги регулира правата и потребите на лицата со инвалидност, како и учеството на главните учесници во реализацијата, како што се надлежните министерства, институциите и граѓанските организации. Овие активности ќе бидат мерливи во степенот на реализација преку донесување на годишни акциски планови во периодот од 2010 – 2018 година.
Како основа за изработка на Стратегијата покрај спомнатата Конвенција се земени и други меѓународни и национални документи што ги регулираат правата на лицата со инвалидност.
Според Уставот на Република Македонија, во член 54 став 3 стои: „Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основа на пол, раса, боја на кожа, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба“.
Граѓаните пред Уставот и законот се еднакви.
Поновата законска регулатива во Република Македонија, усогласувајќи се со регулативите на ООН и ЕУ содржи одредби за антидискриминација.
Со Националната стратегија се предвидува поддршка на Националниот совет на инвалидските организации на Македонија, организациите на лицата со инвалидност, нивна партиципација во донесување на одлуки по прашањата за лицата со инвалидност. Владата на Република Македонија има формирано Национално координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во Република Македонија во кое партиципираат претставници од националните инвалидски организации, од министерствата и од институциите надлежни за оваа област.
Соработката со Националниот совет на инвалидските организации на Македонија и други организации преку воспоставениот партнерски однос со Владата на Република Македонија придонесува овој документ да биде поблизок до потребите на корисниците и исполнување на едно од златните правила на лицата со инвалидност „Ништо за нас, без нас“ и истиот да биде во мобилна функција за интеграција на овие лица во општествените текови.
Општ преглед на состојбите на лицата со инвалидност во Република Македонија
Република Македонија поминува низ долг процес на транзиција во последните 17 години. Кумулативен ефект на транзиционата рецесија и социјално стресниот процес на транзиција најсериозно се одразува на маргинализираните групи, како што се лицата со инвалидност од различно етничко потекло кои се меѓу најранливите.
Образованието на децата со посебни образовни потреби во Република Македонија е регулирано со Закон за основното образование (Сл.Весник на РМ бр.103/08 од 19.08.2008 год.), Закон за средното образование (“Сл.весник на РМ” бр. 44/95, 24/96, 34/96, 35/97, 82/99, 29/02, 40/03, 42/03, 67/04, 55/05, 113/05, 35/06, 30/07, 49/07, 81/28 и 92/08), Закон за високото образование („Сл.весник на РМ“ бр.35/08, 103/08, 26/09 и 99/09), Закон за образование на возрасните (Сл.Весник на РМ бр.07/08) и Законот за ученичкиот и студентскиот стандард (“Сл.весник на РМ” бр.37/98 и 40/03).
Воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби претставува интегрален дел на едиствениот образовен систем и се планира врз идентични или многу слични определби и генерални принципи.
Врз статусот на овој вид образование влијаат општопознтите фактори, релевантни за секое образование (општествените, политичките, економските, културните), но и различните идеологии од што произлегуваат различни концепции и модели.
Демократските правци во светот, кои се се поизразени, мошне позитивно се рефлектираат и врз оваа област, што е воочливо преку бројните заложби како што се: рамноправност, интеграција, модернизација, перманентност на образованието и друго.
Без оглед на степенот на развиеноста и општественото уредување, земјите во светот се поангажирано и поорганизирано се мобилизираат за решавањето на проблемите на децата и лицата со посебни образовни потреби и задоволување на нивните специфични потреби.
Извесно е дека воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби во Република Македонија не се потпира врз долга традиција. Во развојниот период од шеесетина години преземени се следните активности:
– нормативно е регулиран флексибилен систем на воспитание и образование;
– создадена е мрежа на установи што ги задоволува постојните потреби;
– утврден е систем на финансирање;
– обезбеден е задолжителен тимски преглед од соодветни стручни комисии за секое дете пред упатување во соодветна институција;
– воспитно – обазовниот процес се реализира според наставни планови и програми кои содржат специфичности, со што не се доведуваат во прашање општите образовни цели.
Актуелната концепциска поставеност на воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби глобално може да се презентира како:
– крајната цел на воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби е иста или слична на оние од ,,редовната популација”;
– воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби организирано е во посебни установи и училишта, посебни паралелки при редовните училишта, како и во ,,редовните класови”, заедно со неговите врсници;
– задолжителноста на основното воспитание и бразование се однесува и на децата и младинците со посебни образовни потреби, освен за оние со умерени и тешки пречки во психичкиот развој за кои, исто така, е организиран воспитно – образовен процес, програмиран и адаптиран на нивните индувидуални можности и потреби;
– наставните планови и програми се адаптирани (модифицари, редуцирани, растоварени), во различна мера, согласно видот и степенот на попреченоста;
– законска и стручна заложба е што помасовно овие ученици да се образуваат во местото на живеење, што значи условите да се доближат до нив, а не тие до условите, во случаи кога тоа е можно;
– децата со посебни образовни потреби ги имаат истите права на образование како и другите, согласно своите интелектуални и други можности, амбиции и интереси.
Ваквата нормативна поставеност на воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби, е добра основа за негово понатамошно доградување и усовршување.
Ако се направи споредба со образовната политика за овие ученици, со развиените земји, може да се констатира дека, во глобала, многу нормативни решенија се идентични или многу блиски со оние кај нас.
Разликите се согледуваат во степенот и квалитетот на нормативното оживотворување, што се должи на економското и културното ниво, традицијата, предрасудите, како и низа останати фактори.
Појдовни основи за унапредување на Концепцијата за воспитание и образование на децата и младинците со посебни образовни потреби во Република Македонија
При изготвување на насоките за унапредување на Концепцијата, како пјдовни основи се третираат, искуството на развиените земји во светот, најновите научни сознанија, како и резолуциите на меѓународните тела и организации (УНЕСКО, ООН).
Од анализата на споменатите извори, а врз основа на општоприфатените принципи, може да се проектираат концепциските рамки на воспитанито и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби во нашата земја, притоа имајќи ги во вид светските трендови и евроинтеграциските процеси, како:
1. Законодавна интегрираност, односно непостоење на паралелни закони што ќе го регулираат воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби.
2. Инеграција на децата и младинците со посебни образовни потреби во сите сфери на општественото живеење, односно надминување секаков вид сегрегација, секаде каде што е тоа можно.
Предноста на таквата интеграција се аргументира со следното:
– децата и младинците со посебни образовни потреби не се изолирани од своите врсници, тие имаат можност да се доживеат као дел од одделението и колективот;
– училиштето се насочува кон создавање услови за најфлексибилен однос кон сите ученици, а особено кон оние кои имаат специфични воспитно – образовни потреби.
Движењето за инклузија се заснова на принципот на индивидуализација во програмирањето, пристапот во самиот процес на реализација, со што се обезбедува најоптимален развој во сите сфери за секоја индивидуа.
Воспитно- образовната инклузија не подразбира само физичко сместување на децата и младинците со посебни образовни потреби во редовното училиште, туку и вклучување во работата и животот на училиштето, што се постигнува со обезбедување на низа претпоставки. Паралелно со процесот на инклузија, потребно е да се развиваат адекватни служби што ќе обезбедат тимски приод при разрешувањето на проблемите во редовното училиште, вклучување дефектолог во училиштето, како и обезбедување на специфичните потреби, согласно тешкотиите со кои се соочува ученикот:
- соодветна опрема, посебно адаптиран простор, општи и посебни наставни средства;
- наставниците во редовните училишта треба да стекнат основни неопходни знаења за препознавање на тие деца и младинци и да се оспособат да им пружат соодветна помош во рамките на училиштето во соработка со останатите стручњаци од тимот, дефектологот во училиштето, како и стручњаци од релевантни установи и институции.
Доколку не се обезбедат наведените претпоставки, може да се случи децата и младинците со посебни образовни потреби да останат на маргините, односно таквиот статус драстично да влијаае и да доведе до нивна алиенизација и стигматизација.2
Денес во светот се среќаваат најразлични облици на надминување на сегрегационите облици на воспитание и образование на децата и младинците со посебни образовни потреби.
Во нашата земја процесот на инклузија на учениците со посебни образовни потреби се заснова на позитивните светски искуства адаптирани на нашиот национален контекст.
3. Во прилог на оживотворување на општата демократизација и хуманизација се погласно се потенцира општата заложба ,,образование за сите”, што значи примена на фундаменталното право на образование.
Принципот на образование за сите го признава правото на соодветно образование согласно можностите на децата и младинците без оглед на степенот на нивниот хендикеп или специјална потреба.
Имајќи во вид дека посебните потреби се од различен вид и степен, заложбата образование за сите не подразбира вклучување во воспитно – образовниот систем на децата со умерени и тешки пречки во развојот, кои не поседуваат способности за школско учење. Тоа, пак, не ја исклучува можноста и потребата од организирање соодветни модели на организирано специјално учење во функција на социјализацијата, напротив, тоа е општествена обврска, а нивно неприкосновено природно право.
4. Една од темелните интенции за кои се погласно и се поаргументирано се зборува во литературата и на сите стручни собири кои ја третираат оваа тематика е опфатот на децата со развојни проблеми и посебни образовни потреби со ран третман и предучилишно воспитание и образование.
Научната заснованост на раната детекција и опфатот на децата со развојни проблеми и посебни образовни потреби со соодветен третман и организирани форми на предучилишно воспитание и образование е елабориран во многу научни трудови, додека практиката тоа го докажала на терен.
Целта на раната интервенција (третман) се изразува во максималното развивање и користење на биопсихосоцијалните потенцијали во функција на компензирање на изгубениот орган (способност), во период од животот кога може пресудно да се влијае. Процесите на компензација не се насочени на директно надоместување на недостатокот (што често е незаменливо), туку на премостување на тешкотиите што се јавуваат како последица на недостатокот, односно супструктурата кај некои лица може да развие толку силен компензаторски механизам, така што станува импулс и обезбедува развој.
5. Со развојот на научната мисла, се појасно се истакнува неопходноста од интердисциплинарен или трансдисциплинарен приод во многу научни подрачја, зошто се согледува сложеноста на определени феноменомени и ограчиноста на можноста тоа да го проучува една наука (научна дисциплина).
Трансдисциплинарниот приод во дефектологијата има не само содржинско значење, туку тој стануваи значајно методолошко начело што произлегува од единственото правилно сфаќање на човекот воопшто. Практичната примена на ваквиот приод во дефектолошката практика ја обезбедува потребната рамнотежа во одмерувањето на видот и степенот на помошта во различни етапи од животот на децата , младинците и лицата со посебни образовни потреби, без ризик од пренагласување на некоја од нив.
Имајќи ги во вид моментните неповолни економски движења и состојби, што со сета сериозност го погодуваат развојниот свет, овој приод има поексплицитна примена во решавањето на посебните потреби на децата и младинците со посебни потреби (средства, кадар, финансии), што упатува на интерсекторска координација, што беше особено нагласена и на советувањето во Париз.
Досегашното искуство покажа дека е невозможно да се унапредува теоријата и практиката ако, пред се, не се применат научно засновани евалвации на секој сегмент на образованието и ако практичарите паралелно не се оспособуваат за трансфер на резултатите од научните истражувања во практиката. Без тоа не може да се очекува некој побитен напредок.
Видови попречености во развојот на децата и младинците за кои се организира посебно образование
Во Република Македонија во Законот за основно и во Законот за средно образование се оперира со терминот ученици со посебни потреби кои се вклучени во посебното образование, а тоа се деца и младинци со оштетен вид, оштетен слух, деца со телесен инвалидитет, пречки во психичкиот развој, проблеми во поведението, деца и младинци со аутизам, како и деца и младинци со комбинирани пречки (мултихендикеп).
- Деца и младинци со оштетен вид
Главна специфичност на развојот на децата и младинците со оштетен вид, особено со оние со тотално слепило е тешкото пореметување на визуелните и просторни претстави, ограниченост во движењето, до беспомошност во просторот. Сите останати способности кај слепото дете можат правилно да функционираат. Најизразената особеност на личноста на слепото дете е согледана во противречноста што постои помеѓу релативната беспомошност во просторот и способноста вербално целосно и адекватно да комуницира. Така, говорот и врз него заснованото комуницирање претставуваат основно средство за комуникација кај слепите деца
- Деца и младинци со оштетен слух
Децата и младинците со оштетен слух во физичка смисла се многу поадаптибилни од слепите деца и младинци.
Светот во човековата свест е првенствено претставен као визуелен феномен. Инерпретирано од биолошки аспект, оштетувањето слухот претставува далеку помал недостаток од оштетувањето на видот. Но, тоа кај човекот не е така. Лишено од говорот, лицето со оштетен слух е во поголема мера изолирано од општественото живеење, од социјалното искуство, отколку слепото лице.
Обучувањето на децата со оштетен слух се заснова на читање на говор од уста, т.е. врз способноста на децата да ја забележуваат и разбираат визуелната слика на говорот.
- Деца и младинци со телесен инвалидитет
Телесно инвалидните деца и младинци се оние коишто најмалку имааат потреба од некој вид на специфично образование. Тешкотиите во врска со нивното воспитание и образование претежно се од физичка природа (не можат да одат во училиште, да пишуваат, да работат). Кај нив потенцијална опасност претставува можноста да се изгуби психичката рамнотежа како последица на посебниот социјално – психолошки статус.
Затоа основна задача на воспитанието е да ги спречи појавите на таквите чувства како што е: инфериорност, самосожалување итн. што доста негативно би влијаело врз нивната социјализација.
- Деца и младинци со пречки во психичкиот развој
Воспитанието и образованието на овие деца и младинци создава најмногу проблеми затоа што од етиолошки аспект тие претставуваат мошне хетерогена категорија. Кај дел од нив е оштетен централниот нервен систем, најголем дел наследуваат скромен интелектуален потенцијал (хередидатарен фактор), но заедничка им е скромната можност за компензација и крајно ограничениот когнитивен развој.
- Деца и младинци со аутизам
Учениците со аутизам имаат квалитативни оштетувања на планот на вербалната и невербалната комуникација. Овие ученици имаат проблем во сферата на воспоставувањето на социјалната комуникација и соработка со потесното окружување и пошироко. Нивните активности се малубројни, додека сферите на интерес се многу ограничени.
- Деца и младинци со комбинирани пречки (мултихендикеп)
Воспитанието и образованието на овие деца и младинци има многу поголеми потешкотии, што е природно, ако се има во вид повеќекратното оштетување, како на пример (вид, слух, говор и други оштеувања). Сепак, треба да се напомене дека и лице со повеќекратни сериозни оштетувања може да има високи постигања на едукативен план, доколку интелектуално и ментално е супериорно и доколку соодветно и рано се започне неговото воспитување, рехабилитација и образование.
Организација на воспитанието и образованието на учениците со посебни образовни потреби
Воспитанието и образованието на децата и младинците со посебни образовни потреби скоро во целост ја следи шемата на редовното образование:
– посебно предучилиншно воспитание и образование;
– посебно основно образование;
– посебно средно стручно образование.
I. Посебно предучилишно воспитание и образование
Во рамките на предучилишното образование, во рамките на посебните основни училишта и посебните паралелки при редовните училишта, постојат подготвителни одделенија за деца со:
– оштетен вид;
– оштетен слух;
– пречки во психичкиот развој;
– телесен инвалидитет;
– хронично болни;
– аутизам.
II. Посебно основно образование
Во нашата земја постојат посебни основни училишта и посебни паралелки при редовните училишта во кои се едуцираат ученици со:
– оштетен вид;
– оштетен слух;
– пречки во психичкиот развој;
– аутизам;
– нарушено социјално однесување.
III. Посебно средно стручно образование
Посебното средно стручно образование се реализира во посебните средни стручни училишта за ученици со:
– оштетен вид;
– оштетен слух;
– пречки во психичкиот развој.
Но, не може да се каже дека образованиет и воспитанието на децата и младинците со посебни образовни потреби во целост е поставено на таква основа, што би можело со максимален можен ефект да ги остварува своите цели и задачи. Поради тоа, во последно време, се повеќе доаѓа до израз ме тенденцијата за отстранување на забележаните слабости и недостатоци, а особено:
– Изолираноста и автономизацијата во однос на општиот систем на воспитанието и образованието,
– Непотребното издвојување на дел од оваа популација од редовната и засиленото стигматизирање на специјалните установи, со организацијата, сместувањето и слично,
– Пренагласеноста на „специјалните“ и на сегрегативните мерки, постапки и обележја во целокупната работа и
– Недоволното вклучување на родителите и семејството во процесот на воспитанието, образованието и оспособувањето на овие лица.
Следејќи ги и настојувајќи да дојдат до израз современите аспекти на целите на образованието и воспитанието на овие ученици и тие да се реализират што е можно повеќе во рамките на редовните услови, се разбира според психофизичките можности и способности, во светот веќе поодамна, а кај нас во последно време, се започна со инклузивниот процес на образованието и воспитанието, односно вклучување на овие ученици во редовниот образовно-воспитен процес.
Во сферата на вработувањето на лицата со инвалидност во изминатиот период, со Законот за вработување на инвалидни лица (“Сл.весник на РМ” бр.44/00, 16/04, 62/05, 113/05, 29/07, 88/08, 161/08 и 99/09), се уредија посебните услови за вработување и работење на инвалидни лица: кога самостојно вршат дејност како трговец поединец, кога се вработени кај работодавец или имаат својство на работодавец, во државната администрација, единиците на локалната самоуправа, јавните претпријатија, установите, агенциите и фондовите и други државни институции, како и условите за основање и погодностите за работење на трговското друштво за вработување на инвалидни лица – заштитно друштво.
Со Законот, исто така, се овозможуваат низа мерки за подобрување на условите за вработување и работење на инвалидно лице, како што е доделување на неповратни средства за вработување на неопределено време на невработено инвалидно лице, адаптација на работното место на кое ќе работи инвалидното лице доколку таа е потребна и набавка на опрема според критериумите и на начин утврден со акт на министерот за труд и социјална политика, ослободување од даноци и обезбедување на средства за придонеси и финансиска поддршка во работењето. Како резултат на овие мерки, во ноември 2099 година само 2139 лица со инвалидност биле невработени од кои 722 жени, што е процентуално помалку во споредба со другите категории на граѓани.
Институционалната заштита на лицата со инвалидност се остварува преку мрежа на институции зависно од потребите на корисниците и нивната возраст и тоа:
– Завод за рехабилитација на деца и младинци – Скопје, за деца и младинци со умерена и тешка интелектуална попреченост;
– Установа за сместување на лица со тешка и длабока интелектуална попреченост – Специјален завод Демир Капија и
– Завод за заштита и рехабилитација Бања Банско – Струмица кој згрижува, негува, едуцира и рехабилитира лица со телесен инвалидност.
Согласно со Законот за социјална заштита (“Сл.весник на РМ”, бр.79/09) право на паричен надоместок за помош и нега од друго лице има лице над 26 годишна возраст, со умерени, тешки и длабоки пречки во менталниот развој лице со потешка и најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице, како и лице со трајни промени во здравствената состојба, на кое му е неопходна помош и нега од друго лице затоа што не може само да ги задоволува основните животни потреби, доколку ова право не може да го оствари врз основа на други прописи.
Правото на надоместок на плата за скратено работно време поради нега на дете со телесни или ментални пречки во развојот и со најтешки облици на хронични заболувања, утврдено со Законот за работните односи (“Сл.весник на РМ” бр. 62/05,106/08, 161/08 и 130/09),, се остварува во центрите за социјална работа. Правото се остварува од страна на родителите на детето со телесни или ментални пречки во развојот и со најтешки облици на хронични заболувања (доколку родителите се во работен однос).
Во август 2009 година, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, беше донесен Законот за употреба на знаковниот јазик (Сл. Весник на РМ бр.105/09). Со донесувањето на овој закон, односно со признавањето на знаковниот јазик како природно средство за комуникација меѓу глувите лица и други физички и правни лица кои имаат потреба од комуникација, се овозможува социјална инклузија на граѓаните на Република Македонија со потполно оштетен слух или тешко наглуви, со тоа што во во најголем дел овие лица ќе се ослободат од светот на тишината. Воедно, целта на Законот, е да се исполнат обврските од Препораката 1598 од 2003 год. за заштита на знаковниот јазик во државите членки на Советот на Европа и Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност на ООН.
Министерството за труд и социјална политика, односно Владата на РМ, донесе Стратегија за деинституционализација во системот на социјалната заштита (2008-2018).
Во соработка со невладиниот сектор, во процесот на деинституциоланизацијата, отворени се и функционираат 8 станбени единици за самостојно живеење со поддршка на лица со интелектуална попреченост во кои се сместени 28 лица од Специјалниот завод-Демир Капија.
Во 2009 година во Република Македонија функционираат 23 дневни центри за деца со умерена и тешка интелектуална попреченост и тоа во Крива Паланка, Берово, Битола, Гевгелија, Гостивар, Делчево, Кавадарци, Кичево, Куманово, Прилеп, Пробиштип, Скопје (лоцирани во населбата Железара и во населбата Топанско Поле), Тетово, Велес, Штип, Виница, Ресен и Крушево и 1 Дневен центар за деца заболени од церебрална парализа во Скопје (лоциран во населба Капиштец), Македонски Брод (Манастирец), Дебар, како и новоотворениот Дневен центар во Општина Чаир – Скопје во кои се опфатени вкупно 350 корисници, од кои дневниот центар редовно го посетуваат 78% од корисниците, нередовно (по неколку часови или денови во неделата) 15%, а истовремено се врши посетување на дневните центри и посебни паралелки во рамките на редовните училишта 7%. Во бројка од 350 корисници се опфатени и деца од дневниот центар за деца со церебрална парализа-Скопје, каде што со посебна програма има опфатено т.н. “флуктуирачка група” од 10 деца кои ги користат услугите на Дневниот центар од логопед, дефектолог и физијатар во одредени временски интервали и во одредено времетраење. Исто така, ова министерство учествува во финансирањето и на 4 дневни центри за возрасни лица со умерена и тешка интелектуална попреченост (во Скопје, Куманово, Охрид и Радовиш) кои се раководоени од националната инвалидска организација Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – Порака.
Во рамките на постојниот систем на здравствената заштита во Македонија, лицата со инвалидност ги користат истите права од здравствената заштита како и останатите граѓани во Републиката.
Но, покрај тоа постои и посебна организирана здравствена заштита за децата со развојни проблеми и посебни образовни потреби. За успешно реализирање на оваа здравствена заштита, работат 2 развојни центри (развојни советовалишта) и 2 специјализирани установи за ментално здравје ( по една од нив во Скопје и во Битола ) за рана детекција, дијагностика, третман и следење на функционалниот раст и развој на ризично родени деца.
Во 2008 година, исто така, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, беше донесен Законот за инвалидски организации. Со овој закон се уредува статусот, подрачјето на дејствувањето, финансирањето и сопственоста на инвалидските организации.
Со Законот за градење („Сл.весник на РМ“ бр. 130/09), во глава II како основи за барања за градбата, меѓу другите се и непречен пристап и движење до и во градбата. Во член 11 од Законот е утврено дека градба за јавни и деловни намени и градби со намена домување во станбени згради, како и градби со станбено-деловна намена мора да биде проектирана и изградена така што на лицата со инвалидност ќе им се овозможи непречен пристап, движење, престој и работа до и во градбата. Начинот на обезбедување на непречен пристап, движење, престој и работа на лицата со инвалидност до и во градбата ги пропишува министерот за транспорт и врски. Овој правилник стапува во сила по неговото објавување во Службен весник на Република Македонија.
Во рамките на популацијата со инвалидност во Република Македонија има лица со инвалидност кои се соочуваат со специфични бариери или доживуваат двојна дискриминација (пример жените и девојките со инвалидност, лицата со инвалидност кои имаат потреба од поголема поддршка, деца и младинци со посебни образовни потреби, стари лица со инвалидност и лица со инвалидност од малцинските групи имаат поголем ризик за исклучување и општо имаат пониски нивоа на учество во општеството, отколку другите лица со инвалидност).
Причини за ревидирање на постоечката Стратегија за изедначување на правата на лицата со инвалидност
На 24 декември 2001 година Владата на Република Македонија усвои Национална стратегија за изедначување на правата на лицата со хендикеп во Република Македонија („Службен весник на РМ бр.101/01“) која се засноваше врс темелно согледување, анализирање и укажување на потребата од донесување соодветни одлуки од Владата на Република Македонија за заштита, образование, рехабилитација, оспособување и вработување на инвалидните лица и тоа за:
– Превентивата, раната детекција, раната дијагностика и раниот третман;
– Предучилишното воспитание, основното образование, средното образование и високото образование за сите оние што е можно;
– Оспособувањето и вработувањето, семејниот, општествениот и културно забавниот живот;
– Обезбедување на услови (во семејства, центри за полудневно и целодневно згрижување, како и стационарно згрижување во установи со мали капацитети и во станови за живеење на мали групи на инвалидни лица) за сите оние инвалидни лица од потежок степен кои имаат потреба од таква помош.
Во Република Македонија се случија промени и потребни се нови стратегии, согледувања и препораки за понатамошен напредок на пристапот базиран на социјални и човекови права во однос на прашањата за инвалидноста во следниот период.
Стратегијата ги пренесува целите на Владата на РМ и насоките од меѓународните документи и позитивните законски прописи кои се однесуваат на правата на лицата со инвалидност, и се во однос на човековите права, недискриминација, еднакви можности како и заложбата за целосно учество на лицата со инвалидност во подготовката и во спроведувањето на оваа работна рамка за изедначување на правата и можностите на лицата со инвалидност.
Оваа ревидирана Национална стратегија е насочена кон обезбедување на сеопфатна работна рамка која е и флексибилна и прилагодлива со цел да ги обезбеди правата и да ги задоволи потребите на лицата со инвалидност, да послужи како мапа за креаторите на политики, да им овозможи да дизајнираат, прилагодуваат, рефокусираат и имплементираат соодветни планови, програми и иновативни проекти.
Во таа насока, следејќи ги заложбите на Владата на Република Македонија за почитување на човековите права и зацврстување на општество без дискриминација, придобивките од развојот на овој план низ ратификување на повеќе меѓународни документи кои недвосмислено ја определуваат припадноста на Република Македонија во кругот на демократските држави, се изготви Стратегија за изедначување на правата на лицата со инвалидност во Република Македонија, која е надградба на веќе постојниот документ Национална стратегија за изедначување на правата на лицата со хендикеп во Република Македонија.
Стратегијата се повикува на:
– Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност;
– Стандардните правила за изедначување на можностите на лицата со инвалидност;
– Универзалната Декларација за човековите права;
– Конвенцијата за правата на детето;
– Меѓународната конвенција за заштита на правата на сите работници, мигранти и нивните семејства; :
– Конвенција за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените;
– Декларацијата за правата на лицата со инвалидност, Декларацијата за правата на лицата со интелектуална попреченост, Декларацијата за социјален прогрес и развој;
– Принципите на заштита на лицата со ментално заболување и за подобрување и заштита на менталното здравје и други акти на Обединетите нации;
– Спогодбите и препораките прифатени од Интернационалното работничко движење, од образовно – научни и културни организации на ООН, Светската декларација за образование на сите луѓе, актите на Светската здравствена организација, Детскиот фонд на ООН, Светската програма на активности за декадата на хендикепираните лица (1983-1992 година), Европската конвенција за човекови права, Европската социјална повелба и ревидираната Европска социјална повелба, Акцискиот план на Советот на Европа за промовирање на правата и потполно учество во општеството на лицата со инвалидност, подобрување на квалитетот на животот на лицата со инвалидност во Европа 2006-2015 година.
Терминологија и значење
Термините употребени во ревидираната Национална стратегија го имаат следново значење:
– Инвалидност – Во преамбулата на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност инвалидноста произлегува од интеракцијата на лицата со инвалидност, со бариерите во опкружувањето и пречки коишто се рефлектираат во ставовите на општеството, а ја отежнуваат ефективноста и потполноста на учеството на лицата со инвалидност во системот.
– Лица со инвалидност – Во член 1 став 2 од Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, под поимот лица со инвалидност се сметаат оние лица со долготрајни физички, ментални интелектуални или сетилни нарушувања, кои во интеракција со различни пречки може да ја спречат нивната целосна и ефикасна застапеност во општеството на еднаква основа како и другите.
– Медицински пристап (модел) на инвалидноста – е индивидуален проблем, директно поврзан со болест, повреда или некое друго оштетување на здравјето што условува неопходност од медицинска помош и нега која ја даваат професионалци. Основниот начин на решавање на овој проблем според овој модел е лекување, рехабилитација и адаптација на личноста на постојната состојба, при што согледувањата на природата на инвалидноста се однесува исклучиво на поединециот, неговите физички, сензорни и интелектуални оштетувања.
– Социјалниот пристап (модел) на инвалидност претпоставува дека системските бариери, негативните ставови, сфаќања и исклучивоста од страна на општеството се детерминирачките фактори кои определуваат кој е лице со инвалидност а кој не е во општеството. Овој модел признава дека додека некои луѓе имаат физички, сензорни, интелектуални или психички различности кои понекогаш предизвикуваат индивидуално ограничување или попреченост, истите немораат да водат до инвалидност, освен доколку општеството не успее да превземе соодветна грижа и да ги вклучи луѓето без разлика на нивната индивидуална различност.
Овој модел не негира дека некои индивидуалните различности водат до ограничување или попреченост, но тие не смеат да бидат причина поединци или група на луѓе да бидат исклучени.
– Систем на оцена на специфични потреби –опфаќа:
1. Наод и мислење со оцена на специфичните потреби на лицата со инвалидност согласно со Правилникот за оцена на специфичните потреби на лицата со пречки во физичкиот или психичкиот развој и е во функција на давање на услуги на лицата со инвалидност и
2. Мислење и оцена за статусот на инвалидноста – вид и степен на инвалидноста, ограничување кое е во функција на признавање на правата на овие лица од областа на вработувањето, согласно со Законот за вработување на инвалидни лица.
– Достапност – согласно со правилото 5 од Стандардните правила на ООН за изедначување на можностите на лицата со инвалидност, Општите начела од Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност (член 3) и Самостојната одредба од Конвенцијата (член 9) е обврска на државите да ги преземат сите мерки за отстранување на физичките бариери, но истовремено и развој на стандарди и насоки кои треба да обезбедат достапност во сите сфери на општеството, земајќи ги во предвид социјалните, комуникациските и интелектуалните димензии на достапност.
Цели на Стратегијата
Стратешкa цeл којa овoј документ го поставува е унапредување на положбата на лицата со инвалидност до позиција на равмноправни граѓани кои ги уживаат сите права и одговорности.
Со Стратегијата се предвидува поддршка на организациите на лицата со инвалидност, нивна партиципација во донесување на одлуки по прашањата за лицата со инвалидност. Од Владата на Република Македонија формулирано е Национално координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во Република Македонија во кое партиципираат претставници на Националните инвалидски организации, министерства и институции надлежни за оваа област. Улогата на Националното координативно тело е во согласност со правилото број 17 од Стандардните правила за изедначување на можностите на лицата со инвалидност и членот 33 став (1) од Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност.
Осовременувањето и ревидирањето на стратегијата има заедничка цел:
– усогласување на сите политики на делување на подрачјето за заштита на лицата со инвалидност со домашните и меѓународни стандарди;
– следење и инкорпорирање на сите трендови заради овозможување на пристапност во сите сфери на живеење и дејствување на лицата со инвалидност.
– континуирано следење на развојот на меѓународните стандарди како начин на создавање на највисока стапка на современа заштита и пристапност до сите права и нивно реализирање без дискриминација.
– надградувањето на домашната правна рамка на подрачјето на заштита на лицата со инвалидност;
– создавање на условите за имплементација на законодавството и следење на неговата примена;
Креирањето и надополнувањето на веќе постојниот документ го бара не само новото време на живеење, туку сите ние, особено лицата за кои се однесува и е наменет, кои имаат неодложна потреба од инклузија и самоактуелизација како активни партиципиенти во системот во кој живеат и припаѓаат.
Задачи на Стратегијата
Задачи на Стратегијата се преку спроведувањето на акциските планови за реализација на Стратегијата на годишно ниво, да се дефинираат целите, мерките и активностите кои ќе придонесат за социјалното вклучување и пристапот кој е основан на база на човечки права за лицата со инвалидност да влијаат на подобрување на нивната положба.
Исто така, преку акциските планови треба да се дефинираат одговорностите на сите релевантни фактори кои се вклучени и да се специфицира временската рамка на реализиација.
Општата задача на оваа стратегија е до 2018 година да се постигне следново:
- Мултиресорски пристап за изнаоѓање на соодветни решенија за подобрување на човековите права, достапноста и вклучување на лицата со инвалидност;
- Развивање на ефикасна правна заштита, преку развивање и спроведување на планови за превенција и спречување на дискриминација врз инвалидните лица, како и планови за сензибилизација на општеството низ подигнување на свеста за негување на еднаквоста (член 5 од Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност);
- Достапност на услуги: социјални, здравствени и други услуги кои се базирани на правата и потребите за корисниците, а се во согласност со современите меѓународни прифатени стандарди за процена на инвалидноста и потребите;
- Развивање на политики, мерки и применети програми, особено во полето на обарзованието, вработувањето, домувањето, кои на лицата со инвалидност ќе им дадат еднакви можности и ќе ги поттикнат на самостојност, личен развој и активен живот во сите области;
- Достапност на лицата со инвалидност во севкупното општествено опкружување (достапност до јавен транспорт, информации, комуникации, услуги за јавноста) преку развој и спроведување на план за отстранување на бариерите и изградба на пристапни објекти и услуги;
- Обезбедување на стандарди за квалитетен живот и социјална сигурност.
Општи начела
Општите начела на оваа стратегија се преземени од Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност и тоа:
а. Почитување на вродено достоинство, индивидуална автономност, вклучувајќи и слобода на сопствен избор и независност на лицата;
Лицата со инвалидност имаат загарантирано право согласно со Конвенцијата на сопствен избор и донесување на одлуки кои се непосредно поврзани со нивниот живот и добра информираност.
б. Недискриминација;
Зајакнување на еднаквите можности за лицата со инвалидност во борба против секаков вид на дискриминација и маргинализација, со достапност до основните права, услуги и ресурси.
в. Целосно и ефикасно учество и вклученост во сите сфери на општественото живеење
Креирање и развивање на пристапни програми за сеопфатно вклучување за лицата со инвалидност во општествениот живот.
г. Почитување на разликите и прифаќање на лицата со инвалидност како дел од човековата различност и човечност во заедничкото живеење;
Системот за поддршка на лицата со инвалидност и прифаќањето на нивната различност, почитувањето на нивната конструктивност и придонес во општествениот систем се дел од општите вредности и треба да се одразуваат низ политиките на државата.
д. Еднакви можности;
Согласно со Уставот на Република Македонија член 9, утврдена е еднаквоста на сите граѓани пред Уставот и законите. Оваа начело ги регулира еднаквите можности на лицата со инвалидност за вклучување во сите сегменти на општествениот живот. Еднаквите можности подразбираат и недискриминација во однос на сите категории, вкучително и лицата со инвалидност.
ѓ. Пристапност;
Отстранување на секаков вид бариери, градење и негување на пристапност и еднакви можности за лицата со инвалидност.
е. Родова еднаквост;
Сензибилизација и вградување на родова рамноправност
ж. Концепт за децата со попреченост
Со потпишувањето на Конвенцијата за правата на децата се обезбедува децата со потешкотии во развојот да ги уживаат сите права и слободи амноправно со другите деца
Содржина на Стратегијата
1. Семејство и развој на личноста
Конвенцијата на ООН за правата на лицата со инвалидност ја истакнува важноста да се обезбеди соодветна поддршка со цел да им се овозможи на лицата со инвалидност да живеат независен и самоопределен живот во нивните семејства или во други уредувања за возрасни по нивен сопствен избор, стимулирајќи го независното живеење како основен квалитет на живот. Според тоа, предлогот е предизвиците кои се јавуваат околу обезбедување на соодветна поддршка за лицата со инвалидност и нивните семејства да се прифатат во позитивно светло на ниво кое ќе им обезбеди функционирање со пристап до услугите на заедницата за да ги остварат своите човекови права.
Посебна цел на оваа стратегија е да се зајакнат семејствата со лица со инвалидност низ системот на нудење и давање адекватна поддршка од соодветните институции.
Мерки:
1.1. Развивање на програми за поддршка на семејствата, мобилни сервисни услуги и служби кои ќе помогнат во интеграцијата на лицата со инвалидност во заедницата;
1.2. Промовирање на семејството како примарно, природно и најдобро опкружување за лицата со инвалидност преку примена на моделот на деинституционализација;
1.3. Редовно информирање на семејствата кадешто има лица со инвалидност за нивните права и обврски;
1.4. Развивање на програми за хабилитација и рехабилитација, примена на едукативни програми за родителите и нивно активно вклучување во истите;
1.5. Развивање на програми и активности за дополнителна поддршка на лица со инвалидност кои се самохрани родители, како и на семејства кои имаат два или повеќе членови со инвалидиност,
1.6 Развивање на програми за поддршка на згрижувачки семејства, кои згрижуваат деца без родители и без родителска грижа, а кои се со пречки во развојот.
Носители: Министрество за труд и социјална политика, Министерство за образование и наука и Министрество за здравство во соработка со Национален совет на ивалидски организации и други невладини организации.
2. Превенција
Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност (член 25) се фокусира лицата со инвалидност да добијат пристап до секакви здравствени услуги, како и услуги за спречување на зголемување на степенот на инвалидноста. Член 25 (б) од Конвенцијата предвидува државите да обезбедат соодветни здравствени услуги за лицата со инвалидност, вклучувајќи ја раната идентификација, дијагностика и соодветна рана интервеција и дизајнирања сервиси кои ќе ги минимизираат и превенираат можните идни компликации вклучувајќи ги децата и старите лица.
Посебна цел во областа на превенцијата е подигнување на нивото на свеста на заедницата за лицата со инвалидност, како и подигнување на свеста на лицата со инвалидност за нивните права, положба и потреби.
Мерки:
2.1. Континуирано информирање на јавноста за правата, положбата, потребите, како и за можностите на лицата со инвалидност;
2.2. Јавно образување и едукација низ дебати за инвалидноста и вклучување на перспективите за лицата со инвалидност во дискусии со теми од општ интерес;
2.3. Поддршка на програми за едукација на лицата со инвалидност во функција на обезбедување услови истите да ги знаат своите права, ја препознаваат дискриминацијата, ги познаваат механизмите на заштита и ги јакнат сопствените капацитети;
2.4. Континуирано образување и обучување на здравствените работници и медицинскиот персонал;
2.5. Поддршка на организации од граѓанскиот сектор кои ги промовираат еднаквите можности и се залагаат за општество без дискриминација.
2.6 Поддршка и на локалните и национални организации кои развиваат и даваат услуги за лицата со инвалидност преку дневни центри, клубови, сервиси за лични асистенти, СОС телефони и слично и нивно вмрежување;
Носители: Министерство за труд и социјална политика, Министрество за образование и наука и Министрество за здравство во соработка со Националниот совет на инвалидски организации и други невладини организации.
3. Здравствена заштита, хабилитација и рехабилитација
Овој дел се однесува на правата во врска со здравјето што е значаен предуслов во изедначувањето на можностите за лицата со инвалидност. Со цел да се опфатат здравствените права, ќе се применат сите аспекти на здравствените права дефинирани во Конвенцијата за правата на лица со инвалидност (член 25). Овој дел ја нагласува мошне значајната потреба лицата со инвалидност да имаат соодветен пристап до општите здравствени услуги. Стратегијата, исто така, ќе придонесе кон постепена, но задолжителна трансформација на системот за процена којшто ќе биде функционален и ќе се базира на способностите на лицата со инвалидност. Во овој дел, опфатена е темата рехабилитација каде што се нагласува важното начело соодветните услуги да се постават во рамките на заедницата. Во контекст на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност и нејзиниот најважен приоритет за вклучување на лицата со инвалидност во областа на услугите за рехабилитација во мерките се инкорпоририрани сегменти за рехабилитација од член 26 од Конвенцијата.
Посебна цел во областа на здравствената заштита, е применување на правата и потребите на корисниците во согласност со меѓународните докумнети за процена на степенот и видот на инвалидноста, како и раната детекција и интервенција.
Мерки:
3.1. Вклучување на локалната власт преку програми за рехабилитација и рехабилитација согласно со член 19 од Конвенцијата, кој се однесува на независно живеење и вклученост во заедницата;
3.2. Донесување на прописи за обезбедување ефективна здравствена заштита за лицата со инвалидност;
3.3. Програми за рана детекција, дијагностика и рана интервенција, основање на развојни центри, вклучувајќи ги и мајките во пред наталниот период од аспект на психо – социјална поддршка;
3.4. Едукација на здравствените работници и развивање на свеста за инвалидноста кај нив, како би можеле, користејќи го своето знаење и методи, во најголема можна мерка да бидат оспособени за задоволување на конкретните потреби на лицата со инвалидност;
3.5. Остварување и унапредување на правото на здравствена заштита, особено кај децата со инвалидност;
3.6. Развивање на ефективни програми за постигнување на инклузија и организирање на хабилитација преку сервиси во сите аспекти на здравјето, образованието и социјалните услуги;
3.7. Континуирани обуки и тренинзи (почетни и напредни) на професионалците кои работат на хабилитација и рехабилитација;
3.8. Оставрување на правото за користење на специфични помагала за корекција и компензација, нивно одржување и обезбедување на лекови и покривање на трошоците за набавка и одржување од средствата на здравственото осигурување
3.9. Програми за адекватна и квалитетна здравствена услуга а кои се однесуваат на сексуалното и репродуктивното здравје.
Носители: Министерство за здравство и Министерство за образование и наука во соработка со единици на локална самоуправа.
4. Достапност на услуги и помагала
Овој дел се однесува на услуги поврзани со лица со инвалидност и обезбедување на помошни уреди кои се наменети за олеснување на целосното учество на лицата со инвалидност во општеството, а се во согласност со член 20 (Лична мобилност) од Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност.
На лицата со инвалидност треба да им се овозможи достапност до целокупното општествено опкружување, како што се јавниот превоз, информации, комуникации и услуги наменти за јавноста.Ова ќе се реализира преку акциските годишни планови социјалниот модел кој достапноста не ја разбира како чин или состојба туку како слобода на избор на можности.
Овој проблем не се однесува само на физичките бариери, туку бара креирање на политика која развива системски решенија каде поимот достапност е само елемент од севкупното право на достапност и учество на сите граѓани, вклучително и лицата со инвалидност. Бариерите според социјалниот модел не се само архитектонски туку и информациско-комуникациски и социјално-економски.
Посебна цел: Доследно применување на прописите кои се однесуваат на задолжителна примена на стандардите за достапност.
Мерки:
4.1 Креирање на услуги засновани на задоволување на потребите на лицата со инвалидност за нивно потполно вклучување во личниот, семејниот, образовниот и професионалниот живот;
4.2 Поддржување на истражување, развој, производство и примена на нови информациско-комуникациски технологии и нивна достапност до лицата со инвалидност;
4.3 Развивање на механизми за достапност до информации и комуникации на лицата со инвалидност;
4.4 Државата преку својот правен систем да обезбеди развој, производство, снабдување и одржување на помагала за лицата со инвалидност;
4.5 Државата ќе донесе прописи со кои ќе се обезбеди физичка, информативна и комуникациска достапност за лицата со инвалидност, преку воведување на определени стандарди и прописи за отстранување на физичките и секаков друг вид на бариери;
Носители: Министрество за транспорт и врски, Министерство за информатичко општество, Министерство за труд и социјална политика и Министрество за образование и наука во соработка со сите други министерства и други органи на државната управа и управни организации.
5. Образование
Овој дел се однесува на образование на лица со инвалидност и промовира инклузивно образование. Во Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, во член 24 особено се претпочита инклузивното образование. Развивањето на политики и применети програми во областа на образованието, вклучувајќи го и предучилишното образование, треба да овозможат еднакви можности на лицата со инвалидност со што ќе ја поттикнат нивната самостојност, личниот развој и ќе им овозможат активен живот.Доближувањето на индивидуалните програми до секое лице со инвалидност ќе обезбеди максимум постигнување на резултати преку разумни прилагодувања на наставните програми кои треба да одговараат на потребите на децата со посебни образовни потреби. Истите критериуми ќе важат и за образованието на возрасните.
Посебна цел: Оставрување на правата на лицата со инвалидност на адекватно образование, преку еднакви можности за учење и развој за сите деца и младинци, како и за возрасните лица.
Мерки:
5.1 Развивање на програми за вклучување на децата во образовниот систем, вклучувајќи го и предучилишното образование;
5.2 Примена и унапредување на постојните законски регулативи со кои се дефинира полето за спречување на дискриминацијата во образовниот процес, опфаќајки ги фазите од основно, средно и високо образование;
5.3 Работата со учениците да биде индивидуализирана, насочена од дефектолозите и стручниот тим во училиштето, за што е потребно задолжително вклучување на дефектолози во редовниот систем на образованието како и во одделенијата за образование во локалната самоуправа.
5.4 Диференцијација и индивидуализација на наставата со што се овозможува насочување на учениците во согласност со нивните потреби и способности.
5.5 Обезбедување наставни програми за посовремени софистицирани занимања
5.6 Обезбедување на степен на образование кој овозможува вертикална проодност во образовниот систем;
5.7 Развивање на мотивациски програми наменети за родителите преку едукација која ќе даде придонес во подигањето на света за неопходноста и важноста на инклузивното обарзованието на децата со пречки во развојот;
5.8 Да се обезбеди обука на наставниот кадар, директорот и стручните соработници за поддршка и спроведување на инклузивното образование.
Носители: Министрество за образование и наука и единици на локална самоуправа.
6. Професионална и работна ориентација и вработување
Овој дел се однесува на значајни прашања од областа на изедначување на можностите за вработувањето на лицата со инвалидност. Актуелните стандарди предвидуваат дека необезбедувањето на соодветни услови претставува дискриминација, а дискриминацијата поради инвалидност мора да се забрани во поглед на сите прашања кои се однесуваат на сите облици на вработување, вклучувајќи ги и условите за регрутирање, ангажирање и вработување, продолжување на вработување, напредување во кариерата и здрави и безбедни работни услови. Овој дел се регулира со член 27 од Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност.
Исто така, постоечката законска регулатива во државата предвидува активности и можности за вработување за лицата со инвалидност.
Посебна цел: Обезбедување на еднакви можности за работа и вработување на лицата со инвалидност со развој и примена на системски решенија кои се засноваат на потребите и способностите.
Мерки:
6.1 Подигнување на нивото на знаење и компетенции на сите општествени актери непосредно вклучени во процес на креирање и примена на политиките за вработување на лицата со инвалидност;
6.2 Развој на стручно и професионално оспособување преку форми на обука, дообразување, стручно усовршување и други форми на учење низ работа на лицата со инвалидност;
6.3 Јакнење на мотивацијата на лицата со инвалидност, заради нивно вклучување во работниот процес низ промоција на принципот на активно живеење;
6.4 Јакнење на улогите и одговорноста на социјалните партнери заради сеопфатен пристап во областа на вработување на лицата со инвалидност;
6.5 Развивање и воспоставување на систем на информирање за вработување, како за лицата со инвалидност, така и за работодавачите;
6.6 Развивање на механизми за процена на работните способности и потреби кои се базира на меѓународни стандарди;
6.7 Развивање на модел на економија во склад со Активните мерки за вработување преку Оперативните планови за вработување на Владата;
6.8 Развивање на механизми и ресурси за професионална рехабилитација;
Носители: Министрество за образобвание и наука, Министрество за труд и социјална политика во соработка со Националниот совет на инвалидски организации и други невладини организации.
7 Социјална заштита
Овој дел се однесува на социјалната заштита, согласно член 19 од Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, како и членот 3 (Општи начела) кој предвидува спроведување на ефективни мерки за целосно вклучување на лицата со инвалидност во општеството. Член 19 го предвидува следново:
Државите потписнички на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност им го признаваат истото право да живеат во заедница, со право на избор еднаков како на другите, и ќе преземат ефективни и соодветни мерки за да им олеснат на лицата со инвалидност во целост да го уживаат ова право и нивната целосна вклученост во општесвото, вклучувајќи преземање мерки за да осигураат дека:
а) Лицата со инвалидност имаат можност да одберат место за свое живеење, со кого и каде ќе живее, под еднакви услови со другите и нема да бидат обврзани да живеат под определени аранжмани;
б) Лицата со инвалидност имаат пристап до спектарот служби за поддршка во своите домови, установите за сместување и локалната заедница, вклучувајќи персонални асистенти, неопходни заради поддршка на вклученоста во животот на лицата со инвалидност во своите локални заедници и спречување на изолација или исклучувања од општеството;
в) Услугите во локалната заедница што се на располагање за општата популација треба да бидат достапни под еднакви услови на лицата со инвалидност и во согласност со нивните потреби.
Посебна цел: Обезбедување на социјална сигурност и целосно уживање на истото право на лицата со инвалидност.
Мерки:
7.1 Обезбедување на лицата со инвалидност рамноправен пристап до соодветните служби, средства и други асистенции за задоволување на потребите врзани со инвалидноста.
7.2 Развивање на регулаторни механизми за квалитетни сервиси за лица со инвалидност;
7.3 Вклучување на лицата со инвалидност при изготвување и имплементација на програми за намалување на сиромаштијата
7.4 Обезбедување на еднаков пристап базиран на недискриминација на лицата со инвалидност до програмите за пензиско осигурување
7.5 Развивање на програми за домување и обезбедување на еданков пристап кон јавно финансираните социјално стамбени програми преку активните мерки за домување на Владата.
Носители: Министерство за труд и социјална политика, Министерство за здравство, единици на локална самоуправа во соработка со Националниот совет на инвалидски организации и други даватели на социјални услуги.
8. Домување, мобилност и пристапност
Домовањето, мобилноста и пристапноста се основни предуслови за спроведување на сите активности во секојдневното живеење на лицата со инвалидност и нивното вклучување во заедницата.
За сите овие подрачја се воочува потребата за развој на стандардите. Потребно е во сегментот на пристапноста да се градат собраќајници со спуштени рабници, раскрсници со звучни семафорски уреди, со тактилни површини за слепите лица, како и звучни и виузуелни најави во возилата на јавниот превоз, со можност слепото лице да користи куче-водич во сите средства на јавниот превоз и влез во сите градби за јавни намени.
Во градскиот и меѓуградскиот јавен сообраќај да се воведат адаптирани нископодни автобуси. Треба да се обрне посебно внимание за воведување на приспособени меѓуградски авотбуски линии. Неопходна е достапност на јавниот превоз на сите линии, пристапност на возниот ред и на возилата и обезбедување на давање јасни и достапни информации на терминалите и во возилата.
. Во периодот на спроведување на Стратегијата, една од најважните задачи треба да биде промовирањето на „Универзалниот дизајн“. „Универзалниот дизајн“ означува оформување на производите, опкружувањето, програмите и услугите, на начин да може да ги користат сите луѓе во најголема можна мера, без потреба од приспособување или посебно оформување
Посебна цел: Обезбедување на пристапност и достапност во сите сегменти на живеење.
Мерки
8.1 Да се воспостави опкружување пристапно за лицата со инвалидност со примената на начелата на универзалниот дизајн избегнувајќи на тој начин создавање на нови пречки,
8.2 Да се овозможи достапност на превозот за сите лица со инвалидност,
8.3 Да се развијат едукациски програми врзани со примената на Универзалниот дизајн,
8.4 Да се обезбеди пристап до информациите и комуникациите за сите лица со инвалидност,
8.5 Да се обезбеди примена на современите технологии,
8.6 Да се воспостави систем на помош при решавањето на станбеното прашање за лицата со инвалидност.
Носители: Министрество за транспорт и врски, Министрество за образовани и наука и Министерство за информатичко општество во соработка со единици на локална самоуправа,
9. Правна заштита и заштита од насилство и злоставување
Во согласност со начелата за недискриминјација, содржани во сите основни меѓународни документи на подрачјето на човековите права, како и начелото за еднаквоста, заживеано уште од Општата декларација за човековите права, Република Македонија и на подрачјето на заштитата на лицата со инвалидност се определила да ги гарантира овие начела со Уставот, но треба да ги спроведе низ законската регулатива во практика. Посебно внимание треба да им се посвети на жените со инвалидност и на децата со развојни проблеми и посебни образовни потреби поради нивната можна зголемена ранливост во општественото опкружување.
Од непроценилва важност е улогата на граѓанското општество, особено на организациите на лицата со инвалидност, како клучни фактори за поддршка. Основното човеково право на живот е универзална, но и национална придобивка. Во меѓународните стандарди подетално е разработена политиката на заштитата на лицата со инвалидност на ова подрачје, со превенција, се бара и подигнување на нивото на свеста на намалување на ризиците од злоставување со посветување посебно внимание на жртвите, особено кога станува збор за чувствителните групи – жените и децата.
Посебна цел: Остварување на човековите права и основните слободи врз рамноправна основа со другите лица
Мерки:
9.1 Да се овозможи поефикасен пристап на лицата со инвалидност до судството на рамноправна основа со другите лица;
9.2 Да се обезбеди за лицата со инвалидност заштита и остварување на човековите права и основните слободи врз рамноправна основа со другите лица;
9.3 Да се воспостави поефикасна заштита од сите облици на насилство и злоставување.
Носители: Министерство за правда и Министрество за труд и социјална политика, во соработка со Националниот совет на инвалидски организации и други даватели на социјални услуги.
10. Информирање, комуникација и подигнуавње на нивото на свеста
Основно начело на акцискиот план на Советот на Европа за промовирање на правата и целосно учество во општеството на лицата со инвалидност: подобрување на квалитетот на животот на лицата со инвалидност во Европа 2006-2015, должност е на општеството да им обезбеди на сите граѓани активна подршка за здравиот начин на живот, побезбедно опкружување, применета здравствена грижа, рехабилитација и подршка во заедницата, за во најмала можна мерка да ги чувствуваат последиците на инвалидноста. Обврска на секоја држава е да преземат соодветни мерки, уважувајќи ги потребите на лицата со инвалидност со кои би им се обезбедил и загарнтирал пристапот до информациите и комуникациите. Конкретно, тоа ги обврзува оние кои испраќаат инфомации да овозможат примање и проследување на информациите на лицата со инвалидност на она ниво на квалитет и на квантитет што им се овозможува на другите членови на општеството, а уважувајќи ги притоа специфичностите на нивните потреби. Нужно е со соодветни мерки да се поттикне информирањето на јавноста за објективно спознавање на инвалидноста и на нејзините последици, за начинот и посакуваниот квалитет на задоволување на потребите на лицата со инвалидност и за субјективните тешкотии што во секојдневниот живот на лицата со инвалидност се поттиканти со негативните ставови и неразбирање. На лицата со инвалидност мора да им бидат достапни оние комуникациски системи што тие може да ги користат (на пример:. телефонски преносители, системи за текстуална, аудио и видеокомуникација), додека во поглед на развојот и обликување на новите комуникациски и информативни системи потребно е да се консултираат лицата со инвалидност. Со тоа, во секодјневната практика, би се примениле европските стандарди за користење на новите инклузивни технологии за целосно учество на лицата со инвалидност.
Посебна цел: Обезбедување на достапност на примање и испраќање на информации, независност во комуницирање и полноправно учество во секојдневниот живот на лицата со инвалидност.
Мерки:
10.1 Да се обезбеди достапност на примање и испраќање на информации во согласност со специфичностите на потребите и можностите на лицата со инвалидност;
10.2 Да се зголеми независноста во комуницирањето и информирањето на лицата со инвалидност, а со тоа и самостојноста и квалитетот на животот воопшто;
10.3 Да се овозможи на лицата со инвалидност да ги остваруваат своите права и да учествуваат во секојдневниот живот на заедницата како полноправни активни членови на општеството.
Носители: Министерство за транспорт и врски, Министерство за информатичко општество во соработка со електронски и печатени медиуми и Национален совет на инвалидски организации и други невладини организации.
11. Учество во културниот живот
За да може лицата со инвалидност да учествуваат во културната дејност на рамноправна основа, државата треба да настојува да обезбеди услови во кои лицата со инвалидност ќе може да ги презентираат своите креативни, уметнички и интелектуални способности.
Поттикнувањето на дејствувањето на лицата со инвалидност поаѓа од подигнувањето на нивото на општествената свест за различностите и вредностите на нивните клултурни активности, како и поддршка за целосна независност во уметничкото и креативното изразување, но и обезбедување на финансиска подрршка на сите облици на културно дејствување. Со тоа сака да се постигне целосно остварување на правата на учесниците во сите аспекти на културниот живот.
Посебна цел: Остварување на полноправно учество на лицата со инвалидност во културно-забавниот живот.
Мерки:
11.1 Да се приспособат законските прописи поефикасно да се спроведува вклучувањето на лицата со инвалидност во културниот живот и активности;
11.2 Да се овозможи развој и афирмација на креативните можности на лицата со инвалидност и да им се овозможи рамноправно вклучување во културниот живот, заедно со други учесници;
11.3 Подршка на специфичната издавачка дејност во Брајова и во звучна техника за слепите лица;
11.4 Основање на Национална библиотека на слепите лица;
11.5 Систематски да се следи преку медиумите работата и достигнувањата на лицата со инвалидност во културата;
11.6 Да се овозможи пристап на лицата со инвалидност до установите во културата (музеи, галерии, театри, кина, концертни сали и друго), и следење на нивните програми со употреба на современи технички достигнувања;
11.7 Да се овозможи на лицата со инвалидност пристап и стручна информација, односно доживување на културното богатство;
Носители: Министрество за култура во соработка со единици на локална самоуправа..
12. Рекреација и спорт
Игрите, рекреацијата и спортот кај децата и младите со развојни проблеми и посебни образовни потреби, како и кај лицата со инвалидност, придонесуваат кон подобрување на нивната општа состојба на организмот, самопотврдување, социјализација и активно вклучување во општествениот и стопанскиот живот.
Од особено значење за спроведување на рекреативните и спортските активности за децата, младите, учениците и студентите и другите лица со инвалидност, е дејствувањето на националните инвалидски спортски федерации како спортски здруженија кои имаат добиено решение за дејност спорт од Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија, согласно Законот за спорт и Законот за инвалидски организации.
Во Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, во член 30 точка 5 се опишани соодветни мерки кои државите потписнички се обврзуваат да ги преземат во однос на учеството на лицата со инвалидност во културниот живот, рекреацијата, разонодата и спортот.
Во член 4 став 2 од Европската повелба за спорт усвоена 1992 година се вели; „Ќе се преземат мерки со кои на сите граѓани ќе им се обезбеди можност за учество во спортот, а кога се во прашање младите надарени лица, како и децата со пречки во развојот и лицата со инвалидност, ќе се преземат дополнителни мерки, преку кои на истите ќе им се овозможи таквите можности да ги практикуваат поефективно.“
Меѓутоа, во Република Македонија евидентен е недостаток на спортско-рекреативни објекти потполно прилагодени за пристап и спроведување на спортско-рекреативните активности на децата, младите и возрасните лица со инвалидност, во смисла на просторно уредување (надворешно и внатрешно), како и опременоста со специфични спортски реквизити.
Евидентен е и недостаток на посебни наставни програми за телесна вежба за децата, учениците и студентите со инвалидност во процесот на образованието, како и во воннаставната активност.
Посебна цел: Остварување на полноправно учество во игри и спортско-рекреативни активности на децата, учениците, студентите со инвалидност, како и овозможување на еднакви услови за спортување на врвните спортисти со инвалидност на домашни и меѓународни натпревари.
Мерки:
12.1 Да се овозможи на децата со пречки во развојот еднаква можност за учество во игри, разонода, слободни и спортски активности вклучувајќи ги тие активности и како дел од наставната програма;
12.2 Да се овозможи на лицата со инвалидност еднаква можност за учество во рекреативни, спортски игри и разонода;
12.3 Да се овозможи учество на лицата со инвалидност во редовните спортски активности во сите степени на спортување;
12.4 Да се осигура пристап на лицата со инвалидност до и во спортските, рекреативните и туристичките објекти;
12.5 Да се осигура можност за организирање, развој и учество во спортски и рекреативни активности наменети за лицата со инвалидност и во таа смисла да се обезбедат просторни, кадровски и материјални услови за организирано дејствување на организациите за планирање и спроведување на масовниот спорт, спортската рекреација на лицата со инвалидност на локално, регионално и државно ниво;
12.6 Да се обезбедат еднакви услови и можности за квалитетен тренажен процес, подготовки и учество на домашни и меѓународни првенства на врвните спортисти со инвалидност под еднакви можности и услови како и за врвните спортисти без инвалидност;
Носители: Агенција за млади и спорт, Министерство за образование и наука, единици на локална самоуправа во осработка со Национален совет на инвалидски организации и други невладини организации..
13. Информации и истражување
Соодветното прибирање и користење на податоци и статистики, како и други истражувања за лица со инвалидност, имаат голема важност во креирање на политиките и следење на состојбите. Вклучувањето на лицата со инвалидност во процесот на прибирање на податоци е мошне значајно, согласно со член 12 од Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност.
Согласно со член 31 од Конвенцијата на ОН се предвидува селедново:
Државите потписнички се обврзуваат да соберат соодветни информации, вклучувајки статистички и податоци од истражувања, за да овозможат формулирање и спроведување на политиката насочена кон оваа Конвенцијата.
Процесот на собирање и оддржување на овие податоци ќе биде:
а) Во согласност со правно основаните механизми на заштита, вклучувајки го законодавството за заштита на податоци, за да осигурат доверливоста и почитот кон приватноста на лицата со инвалидност,
б) Во согласност со меѓународно прифатените норми за заштита на човековите права и основни слободи и етички принципи при собирање и користење на податоци.
2. Собраните податоци во согласност со овој член, ќе бидат соодветно сегрегирани и ќе се користат за да им помогнат на државите потписнички да го оценат спроведувањето на обврските од Конвенцијата, да ги идентификуваат и да им посветат внимание на пречките со кои се соочуваат лицата со инвалидност во остварувањето на своите права.
3. Државите потписнички ќе преземат одговорност за дистрибуција на овие статистички податоци и ќе обезбедат истите да бидат достапни до лицата со инвалидност.
На нормативно правен план државата треба да обезбеди постоење на прописи, кои при прибирањето на статистичките податоци и пописот на населението треба да овозможат воочување на различните групи на лицата со инвалидност, како и прибирање на релевантни податоци за личниот, семејниот, социјално-образовниот и економскиот статус на овие лица.
На институционален план потребно е постоење на база на податоци. Овие информации треба да се однесуваат на севкупните животни услови на лицата со различен вид на степен на инвалидност.
Особено е важна размената на податоците меѓу институциите уредено со Протокол за соработка на меѓусекторско ниво (Министерство за труд и социјална политика, Министерство за здравство, Министерството за образование и наука).
Носители: Државен завод за статистика, Министерство за труд и социјална политика преку Завод за социјални дејности, Министерство за здравство, Министерството за образование и наука.
14. Учество во политичкиот и јавниот живот
Создавање можности за активно учество на сите граѓани во политичкиот живот е претпоставка на демократијата.
Вклучувањето на лицата со инвалидност во политичкиот живот не е отстапување на ранливата група, туку знак за политичка рамноправност на сите граѓани. Таа треба да биде видлива во остварувањето на бирачките права, можност за учество во политичките расправи, иницирање и обликување на граѓански иницијативи и олеснување на учеството во работата на претставничките тела на РМ. Со успешно воспоставување на партнертството на државата и невладините организации на лицата со инвалидност, ќе станат повидливи граѓани што се залагаат за своите права и барања на еднакви можности за учество во одлучувањето за важните прашања на јавната политика, за што ќе придонесат и јавните кампањи, тренинзите и образовните програми, што ќе се спроведуваат на национално и на локално ниво.
Посебна цел: Остварување на полноправно учество на лицата со инвалидност во сите облици на јавниот и политичкиот живот.
Мерки:
14.1 Имплементација на член 8 од Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, а се однесува на подигање на свеста и наложува земјите да преземат различни мерки, со цел да се подигне свеста за инвалидноста во различни контексти и имплементација на член 29 од Конвенцијата, а се однесува на вклучување на лицата со инвалидност во јавниот и политичкиот живот.
14.2 Промовирање на учеството на лицата со инвалидност во сите облици на јавниот живот и во сите процеси на политичкото одлучување на локално, регионално, национално и на меѓународно ниво;
14.3 Вклучување на лицата со инвалидност и на организациите на лицата со инвалидност во подготвувањето на мерките на јавните политики што се однесуваат на лицата со инвалидност;
14.4 Промовирање на учеството на лицата со инвалидиност во работата на политичките структури;
14.5 Да се зголеми застапеноста на лицата со инвалидност во претставничките тела на локалните самоуправи и на национално ниво;
14.6 Промовирање на учеството на жените, младите лица со инвалидност во политичкото дејствување на сите нивоа.
14.7 Да се обезбеди достапност и независност при гласање за лицата со инвалидност на локално и државно ниво.
Носители: Министерство за правда.
15. Меѓународна соработка
Уважувајќи ги потребите на лицата со инвалидност, како едни од најзагрозените, осебено чувствителни општествени групи и нивната застапеност со повеќе од 10% во општата популација, посебно внимание треба да се посвети на дејствување на меѓународно ниво, на воспоставувањето на контакти и развивање на сите облици на меѓународна соработка. За ова дополнително придонесува и процесот на усогласување на националното со законодавството на Европската унија и активно учествување на спроведувањето на Акцискиот план на Советот на Европа за имплементирање на правата и целосното учество во општеството на лицата со инвалидност:подобрување на квалитетот на животот на лицата со инвалидност во Европа 2006-2015.
Посебна цел: Следење на меѓународните прописи и размена на знаења и искуства од областа на правата на лицата со инвалидност
Мерки:
15.1 Поттикнување на соработката на телата на државната управа и организациите на граѓанското општество на меѓународно ниво, заради спроведување на меѓународните документи од посебен интерес на лицата со инвалидност;
15.2 Спроведување на меѓународна соработка, вклучувајќи ги меѓународните програми за развој, со пристапност на лицата со инвалидност;
15.3 Да се олесни меѓународната размена на информации, искуства, програми и најдобри примери од практиката на лицата со инвалидност;
Носители: Сите министерства и други органи на државната управа и управни организации кои се надлежни за спроведување на оваа Стратегијата.
16. Статистика и прибирање на податоци
За да се обезбеди примена и следење на правата на лицата со инвалидност во Република Македонија согласно со оваа стратегија и Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, потребно е надградување и осовременување на постојниот систем за прибирање и обработка на податоци, со посебни податоци за лицата со инвалидност.
За креирање на овој систем на податоци за лицата со инвалидност Државниот завод за статистика при пописот на населението ќе обезбеди посебен дел со податоци за инвалидноста на овие граѓани.
Носители: Државен завод за Социјална политика ,Завод за Социјални дејноости
17. Мониторинг и евалуација на Стартегијата
Имлементацијата на Стратегија ќе се следи преку мониторинг и евалуација од Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во Република Македонија, кое е задолжено да обезбедува механизми за координација во рамките на регулирањето и практикувањето на политиките кои директно или индиректно ги засегаат лицата со инвалидност, со цел поедноставување на акциите и мерките во одделни сектори и на одделни нивоа. За таа цел, Националното координативно тело по изготвување на акциските планови од посебните мерки, формира комисија која во рамките на ова тело преку мониторингот и евалуацијата ќе следи, истражува и ќе ги развива програмите за лицата со инвалидност, во согласност со меѓународните акти и меѓународна соработка, а е во согласност со Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност член 4 (3).
Владата на Република Македонија ги задолжува ресорните министерства во рамките на нивните законски овластувања да преземат мерки за спроведување на оваа стратегија.
Ресорните министерства се должни годишно, преку Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во Република Македонија да доставуваат Извештај до Владата на Република Македонија.
Исто така во делот на социјалната заштита, мониторинг и евалуација на Стартегијата ќе врши ЈУ Завод за социјални дејности кој во соработка со Министерството за труд и социјална политика и преку истото годишно ќе доставува Извештај до Владата на Република Македонија.
Стратегијата е изработена од работна група составена од членови на Министерство за труд и социјална политика, Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност на Република Македонија, Заводот за социјални дејности, Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, други инвалидски организации и институции, како и меѓународен и локален консултант поддржан од ГТЗ претставени преку:
– Проф. д-р Љупчо Ајдински, раководител на работната група за Националната стратегија при Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во РМ;
– Татјана Ристова-Димова, директор на ЈУ Завод за социјални дејности;
– Игор Мацкиновски, Министерство за труд и социјална политика;
– Бранимир Јовановски, претседател на Националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во РМ;
– Чедомир Трајковски, Национален совет на инвалидски организации на Македонија;
– Васка Камчева, ЈУ Завод за социјални дејности
– Елена Кочоска, Полио плус – движење против хендикеп;
– Ирена Милановска-Славевска, ПОУ „Златан Сремац“;
– Јасмина Трајковска, локален консултант;
– Мариане Шулце, меѓународен консултант.