Во рамките на одбележувањето на 15-ти Октомври – Меѓународниот ден на белиот стап – симболот на слепите лица, на 09.10.2015 година, Министерот за труд и социјална политика на Република Македонија г-дин Диме Спасов, заедно со претседателот на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија г-дин Жарко Селковски и градоначалникот на Општина Велес г-дин Славчо Чадиев, свечено го пуштија во употреба Дневниот центар за слепи лица во Велес.

Исто така, во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ – Велес, министерот г-дин Диме Спасов ја промовираше и поклони новата едиција аудио книги на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија, како дел од проектот „400 аудио книги за слепите лица во Македонија“. Оваа манифестација не случајно се одржува токму во библиотеката во Велес, бидејќи е единствена локална библиотека во Македонија која нуди литература за слепи, односно на Брајово писмо и во аудио формат.

На оваа свеченост беше промовирана и новата веб страна на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија – NSSRM.ORG.MK која покрај нејзиниот информативен карактер, нуди и нешто единствено во Македонија – онлајн аудио библиотека.