Денешниот значаен ден на слепиот човек 15-ти Октомври, Здружението на слепи лица на град Неготино свечено го одбележа со требина на кои беа  поканети повеќе гости, а од нив присуствуваа градоначалникот на Општина Неготино, претставник од Агенцијата за вработување, претставник од Центарот за Социјални работи, претставници од Евангелска Црква – Неготино како и секретарот од Општинскиот Црвен Крст и членови на Здружението на слепи лица на град Неготино.

Славењето на 15-ти Октомври како Меѓународен ден на белиот стап службено започнало во 1964година.

На иницијатива на многубројни Здруженија за рехабилитација, Конгресот во Америка, во 1964 година го овластил претседателот Линдон Б. Џонсон, 15-ти Октомври да го прогласи за ден на Белиот стап и тој почнал да се одбележува и во целиот свет.

На истиот датум, тој се одбележува и во нашата земја. Имено, белиот стап е симболот на слепите лица кој би им го олеснил движењето на слепите лица.

Белиот стап носи една силна порака, дека слепиот човек сака се движи самостојно со помош на белиот стап и дека сака да биде интегриран во ова современо општество.

Имено, сакаме и да надополниме дека Националниот Сојуз на слепи на Република Македонија е формиран во далечната 1946 година и речиси 70 децении дејствува како национална инвалидска организација која е една од најстарите институции во државата и една од ретките институции во државата која може да се пофали со 70 годишен јубилеј. Овој Национален сојуз е и единствен легитимен претставник на повеќе од 2.500 слепи и слабовидни лица на територијата на целата држава.

Националниот Сојуз на слепите ги застапува правата на лицата со целосно или делумно оштетен вид, преку своите 17 општински здруженија.

Помеѓу нив се вбројува и Здружението на слепи лица на град Неготино, кое постои над 50 години и во кое членуваат повеќе од 60 членови, од Неготино, Демир Капија и околните села.

Здружението на слепи лица на град Неготино има повеќе активност од кои се: игрите во Гол Бал, Атлетика, игри во Шах, женски семинари, а овде може да кажиме и дека организираме еднодневни екскурзии благодарение на Градоначалникот и Општина Неготино.

Исто така, благодарение на Градоначалникот и Општина Неготино, по повод 8-ми Ноември, денот на ослободувањето на општина Неготино, организираме турнир во игрите на Гол Бал.

Така, Здружението на слепи лица на град Неготино за прв пат го одбележа денот на Белиот стап 15-ти Октомври. Нека ова одбележување уште еднаш  не’ потсети и нека биде можност за слепите лица да се потврдат во поширокиот политички и општествен живот на сите нивоа, со цел подобар прогрес и напредок. Со надеж дека одсега секој ден ќе биде 15-ти Октомври и дека внииманието кое го добиваме на овој ден ќе го добиваме и секој нареден. Со надеж дека очите на јавноста ќе бидат вперени во нас секој ден.