Лого на НССРСМ

Минатата недела партнерската организација Елада за нас од Грција беше домаќин на интензивен и инспиративен петдневен тренинг на спроведување на проектот „Раскажување приказни надвор од видот“, финансиран во рамки на програмата Еразмус+. Цел на овој проект е да се подобри социјалната интеграција на младите со оштетен вид преку инклузивни игри со улоги (RPG’s) и методологијата „Театар во умот“.
Групна фотографија од обуката „Раскажување приказни надвор од видот“ во Грција, со учесници, проектен постер во средината и различни логоа на партнериПо воведните сесии за запознавање и пробивањето на мразот меѓу учесниците од првиот ден, веќе вториот ден од тренингот, тимот од партнерската организација во овој проект организира кратка работилница за присутните младински работници посветена на пишување проекти, со цел да се мотивираат и инспирираат овие млади луѓе за решавање на предизвиците на лицата со оштетен вид со некои идни проекти, а воедно и да се запознаат со начинот на кој функционира програмата Еразмус+.
Потоа на наредните сесии истиот тој ден беше претставен централниот продукт на овој проект, прирачникот „Инклузивно раскажување приказни“, кој претставува значаен ресурс за вклучување на лицата со оштетен вид во играњето RPG’s. Учесниците од Македонија и Грција активно дискутираа, споделуваа мислења и даваа корисни согледувања за подобрување на неговата финална верзија.
Третиот ден беше посветен на тестирање на инклузивните кампањи за игри со улоги (што опфаќаат 5 дополнителни продукти во рамки на овој проект), испробувајќи ги преку користење на системот Dread. Ова овозможи практично искуство и проценка на адаптациите потребни за поголема пристапност до игрите со улоги (RPG’s).
Четвртиот ден го одбележаа активности и сесии во форма на ден за отворено играње (Open Game Day), каде што учесниците имаа можност да се впуштат во игрите со улоги и да ги применат техниките кои ги стекнале за време на тренингот.
На петтиот ден учесниците ги сумираа стекнатите знаења и вештини како иновативните методи за прилагодување на RPG игрите за лица со оштетен вид, дадоа фидбек за инклузивните кампањи и остатокот од времето го искористија за вмрежување и создавање нови пријателства, кои со сигурност ќе придонесат за идни иницијативи од ваков вид.
Овде ја искажуваме нашата благодарност до сите учесници за нивната посветеност и енергија! Заедно продолжуваме со мисијата да создадеме поинклузивен свет преку моќта на раскажувањето приказни.