НССРСМ во рамки на проектот „Раскажување приказни надвор од видот“ (Storytelling Beyond Sight) објавува повик за сите свои членови и младински работници за учество на тренинг-курс во Солун, Грција, од трети до осми јули 2024 година.
Овој проект е во рамки на програмата Еразмус+ и негова цел е да го искористи раскажувањето приказни низ игра (role playing games) како начин за инклузија на лицата со оштетен вид со останатите луѓе во општеството.
На овој тренинг, преку интерактивни сесии и практични вежби, учесниците ќе научат како ефективно и ефикасно да го користат методот на игри со улоги во насока на инклузија на лицата со оштетен вид во општеството. Методот игри со улоги припаѓа во техниките на неформално учење и претставува одличен начин за социјализација помеѓу лицата со оштетен вид и останатите лица, за формирање нови пријателства, за намалување на стресот, за подобрување на вештините за решавање проблеми и критичко размислување, за подобрување на самоизразувањето и креативноста, како и за зајакнување на способноста за справување со проблеми со менталното здравје.
Сите заинтересирани за овој тренинг може да добијат повеќе информации со читање на документот со информации (infopack), додека пријавувањето е отворено до 25-ти јуни 2024, 15:00 часот, единствено преку пополнување на формуларот за учество на англиски јазик.
Патните трошоци, смештајот и храната се обезбедени преку проектот.
Ве повикуваме да го прочитате детално документот со информации и доколку сакате да учествувате да ја испратите вашата апликација. Селекцијата на учесници ќе се направи врз основа на утврдени критериуми и сите одобрени апликанти ќе бидат исконтактирани телефонски и по мејл за да се потврди нивното учество во проектот најдоцна до 28-ми јуни 2024.