Во рамките на одбележувањето на 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, Брајовата библиотека „Ратко Пајдаков“, која работи во склоп на Здружението на слепите лица на Општина Велес, на 07.12.2015 година, во склоп на манифестацијата „Велес – град на културата“, ги промовираше новите четири книги од македонски автори на Брајово писмо.

Во присуство на претседателот на НССРМ – г-дин Жарко Селковски, претседателката на нашето Здружение – г-ѓа Јадранка Лазаровска, претседателот на Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија – г-дин Душко Нешовски, претставници од Општина Велес, претставници од основните и средните училишта во Велес, наши членови, колеги, пријатели и медиуми, на присутните им се обрати секретарот на Здружението – Тони Пајдаков, кој во воведниот дел изрази јавна благодарност до градоначалникот на Општина Велес – г-дин Славчо Чадиев за обезбедувањето на Брајов печатар со што се создадоа услови за реализација на ваков вид на проекти.

Во претходните 15 години, нашето Здружение успеа да издаде 10 наслови на Брајово писмо, а по набавката на Брајовиот печатар, за две години издадовме нови 11 наслови, со што Брајовата библиотека „Ратко Пајдаков“ на своите читатели им нуди 21 наслов. Покрај Брајовите книги, во нашата библиотека има и 178 аудио книги, кои покрај тоа што можат да се изнајмат, се поставени на веб страната на Сојузот на слепите: nssrm.org.mk, книги кои може да ги преслуша секој посетител на сајтот. Реализацијата на проектот за издавање на четири Брајови книги целосно е финансиран од сопствени средства на Здружението.

Издавањето на Брајови книги нема само локален карактер. Тоа претставува проект од национално значење, бидејќи овие книги се ставени на располагање на сите слепи лица во Македонија. Од свој аспект, г-дин Коце Димов – претставник на Националната Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, го образложи значењето на издавањето на Брајови книги за слепите лица. Во своето излагање, служејќи се со силна метафора со која шестте Брајови точки ги спореди со шест факели, г-дин Димов истакна дека патот кон успехот на слепите лица е токму преку употребата на Брајовото писмо. Во своето обраќање, г-дин Димов даде краток хронолошки осврт на обезбедувањето на услови за печатење на Брајово писмо од осамостојувањето на Македонија до денес, со скромни почетоци во 1996 година, до современа Брајова печатница. Тој истакна дека темпото кое го наметна велешкото Здружение за издавање на Брајови книги е за почит и дека треба и понатаму да се продолжи со реализација на вакви проекти. Со договорот од Мароко помеѓу Светскиот сојуз на слепите и Светската организација за интелектуална сопственост, со кој земјите потписнички се обврзуваат издавачите да ги изработат сите пишани материјали во Брајова писмо, во аудио формат или електронска форма, во својот говор, г-дин Димов истакна дека интенција на Сојузот на слепите е Брајовото писмо да биде со закон прогласено за официјално писмо, по примерот на гестовниот јазик за глувите, со што еден од најгорливите проблеми на слепите – пристапот до информациите ќе се подигне на едно многу повисоко ниво.

Пред две години, Здружението на слепите лица на Општина Велес потпиша Меморандум за соработка со Локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес, и како резултат на таа соработка се отвори Брајово катче, со што оваа библиотека стана единствена локална библиотека која нуди книги со Брајово писмо и во аудио формат за слепи лица. За соработката и значењето, и како промотор на четирите Брајови книги, директорот на локалната библиотека г-дин Крајчев.

Тој истакна: денес претставуваме уште четири нови книги кои ќе ги додадеме на претходите седумнаесет. Денес ги промовираме „Песни“ од Коле Неделковски, „Белиот светец“ од Ристо Ѓ. Јачев, „Табакерата“ од Ѓорѓи Абаџиев и „Македонска крвава свадба“ од Војдан Чернодрински. Секоја од нив е дело кое гордо стои како драгоцен камен во круната на македонската книжевност, а од денеска стануваат достапни за уште многу наши сограѓани кои се жедни за книга. Нив им се посветени овие Брајови адаптации. Горд сум што сум дел, и како човек од културата, но и како човек пред се’ во еден вака благороден проект, но уште погорд сум на оние кои се директно заслужни за остварувањето на оваа насушна потреба на многу наши сограѓани, за кои сигурен сум наскоро ќе се отворат многу нови светови. Се надевам дека овој гест ќе биде забележан и следен од многу други двигатели на културниот живот во останатите градови ширум државата и дека уште еднаш Велес ќе биде пример за сите останати.Г-дин Крајчев додаде: како институција не застануваме овде, туку со сите напори ќе продолжиме да ја збогатуваме и нашата аудио колекција на книги, кои исто така се значајно доближување на светот на книгата до слепите лица. Со тоа, не само што ќе се обидеме да покажеме дека сме отворени како институција за слепите лица, туку сакаме да бидеме пример за останатите институции слични на нас во Македонија, час поскоро, да ги вклучат слепите лица во своето културно егзистирање, доколку тоа веќе не го направиле.Создавајќи дело на Брајово писмо се внесува светлина и надеж во животот на оние кои им е оневозможен дарот на видот. Создавајќи дело на Брајово писмо се создава уште еден читател. Создавајќи дело на Брајово збука се прави благородно дело. За крај можам да посакам што е можно повеќе вакви книги, и што е можно помалку луѓе на кои овие книги ќе им бидат потребни.

Согласно Меморандумот за соработка, и новите четири книги на Брајово писмо беа подарени на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ – Велес, како дел од Брајовото катче кое од година во година се’ повеќе расте.

Секретарот на Здружението на слепите лица на Општина Велес ја искористи оваа прилика да истакне уште еден проект комплетно поддржан од Општина Велес. Проект – пример за добро востановена практика. Овој месец излезе 72-риот број, односно одбележуваме 6 години постоење на звучното списание „Зрак“. Од локално списание, денес можеме да се пофалиме дека нашето списание прерасна во меѓународно, односно не е читано само во Велес, не само во Македонија, туку и во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска. Според реакциите на читателите, 6 години, секој месец нестрпливо се чека да на домашната адреса пристигне ЦД-то на кое ќе слушнеме нови интересни нешта, преку гласот на за нас добро познатиот Тоше – волонтер во Здружението на слепите лица веќе 40 години. Звучното списание „Зрак“ од оваа година може да го побарате и во локалната библиотека „Гоце Делчев“ како и на веб сајтот: nssrm.org.mk. Сигурни сме дека Општина Велес и понатаму ќе го поддржува овој проект на задоволство на слепите лица и дека за 4 години ќе го славиме 120-тиот број. Нека ни се множат.

На крајот, секретарот закажа нова средба следната година на која ќе бидат промовирани новите Брајови книги – дел од Брајовата библиотека „Ратко Пајдаков“ во Велес.

[Best_Wordpress_Gallery id=”30″ gal_title=”Veles2″]