По повод одбележувањето на 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, Здружението на слепите лица на Општина Велес настапи со конкретна акција – остварување на едно од основните човекови права – правото на достапност до информации, промовирајќи 4 нови наслови во аудио формат. Брајовата библиотека „Ратко Пајдаков“ и Брајовото катче при локалната библиотека „Гоце Делчев“, оваа година ги збогативме со 8 нови наслови: 4 Брајови и 4 аудио наслови. Денес библиотеката брои 38 Брајови наслови и 16 аудио наслови, во издание на Здружението на слепите лица на Општина Велес.

Искажуваме јавна благодарност на Општина Велес и Министерството за култура кои секоја година поддржуваат проекти за издавање на книги во достапен формат за слепите лица. Се надеваме дека оваа соработка ќе биде проширена и од други субјекти – пред се’ – бизнис секторот од целата држава.

Следејќи ги трендовите на модерниот живот, аудио книгата зема се’ поголем замав. За жал, поради темпото на живот, луѓето се’ повеќе се насочуваат кон слушање, отколку кон класично читање книги. Луѓето читаат, односно слушаат книги во автомобил додека патуваат, при рекреативни спортски активности, итн. Затоа, реализацијата на вакви проекти има големо значење не само за слепите лица, туку и за целата популација.

Иако проектот за онлајн аудио изданија започна со скромни очекувања, денес со гордост можеме да заклучиме дека очекувањата ни се повеќекратно надминати. За тоа зборува статистиката: Од почетокот на 2016 година, единствената онлајн аудио библиотека на Националниот сојуз на слепите на Македонија има скоро еден милион преслушувања, а оваа бројка секојдневно се зголемува. 364 илјади преслушувања од почетокот на оваа година до денес, само во последните 24 часа има 5000 преслушувања. Навистина сме горди на овие статистички бројки.

На почетокот на реализацијата на проектите за издавање на Брајово писмо и аудио формат, си поставивме цел дека ќе издаваме по 4 наслови годишно. Секоја година оваа бројка ја надминуваме. Пред нас си поставуваме повисоки цели: издавање на што поголем број на изданија на Брајово писмо и во аудио формат. Се’ додека постои парче хартија кое не е адаптирано на прифатлив начин за слепите лица, нашата мисија ќе ја сметаме за НЕ завршена. Не можеме сами, но заедно можеме многу!

[Best_Wordpress_Gallery id=”376″ gal_title=”Veles18″]