Здружението на слепи лица од Гевгелија организира еднодневна прошетка низ падините на Беласица. Членовите на здружението имаа можност да се дружат и да ги доживеат убавините на Колешинските Водопади.
Денот беше прекрасен и радоста од заедничкото дружење се чувствуваше уште за време на патувањето. По пристигнувањето до одреденото место пешачејќи се упативме до Колешинските Водопади. Иако сите екскурзијанти не успејаа да стигнат до водопадите, сепак секој на свој начин ја доживуваше природата. Некои се одмараа на клупите поставени покрај патеката, а најупорните стигнаа до водопадите и подоцна ни ги пренесоа нивните впечатоци. И ние, останатите, уживавме во богатството на природата: црцорењето на птиците, жуборењето на брзиот поток што се извиваше под патеката, милувањето на нашите лица од ветрето што ја носеше свежината од планината, чистиот воздух што го има само на вакви места. Така исполнети со позитивни емоции продолживме кон комплексот „Лебедово Езеро“. Овде помладите членови им се восхитуваа на животните од мини зоолошката градина: на еленот, срната и нивното срнче, на пони коњчињата, на магаренцата и на убавите и шарени големи коњи. А повозрасните уживаа во довикувањата на пауните, шлапкањето на крилјата од лебедите во водата, клокотот на воденичкото тркало и фонтаната сред езерото. За уште поголемо расположение се потруди и нашиот член, Драге Ангелески, кој со звуците од кавалот и гајдата нè натера да запееме сите предводени од Костадин, Венци и Елена. Песната се разлеа низ целиот комплекс.
Беше вистинска среќа да се биде дел од оваа група. Се вративме дома задоволни, исполнети со ведрина и со убави спомени.