Лого на НССРСМ

Врз основа на член 20 од Уставот на Република Македонија, член 5, 15, 18, 73 и 75 од Законот за здруженија и фондации (Сл. весник на РМ бр. 52/10) член 2, 9, 10, 17, 19 и 20 од Законот за инвалидски организации на РМ (Сл. весник на РМ бр. 89/08),  Собранието на Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија на седницата одржана на ден________ донесе :

 

СТАТУТ

НА НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА СЛЕПИ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

(ПРЕЧИСТЕН ТЕКСТ)

  1. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

Со овој Статут се уредуваат: името и седиштето, знакот и симболите, целите,  задачите, дејностите, облиците и начинот на дејствување, начинот на зачленување, исклучување и престанок на членувањето, правата, обврските и одговорностите на членовите, видот на органите и нивниот состав, начинот на избор и разрешување, траење на мандатот на членовите во органите и начинот на одлучување, застапувањето по закон, начинот на стекнување и располагање со средствата, начинот за донесување на финансиски и други извештаи, начинот на остварување на јавност и отчетност во работата, начинот на донесување, изменување и дополнување на Стаутот и другите акти, начинот на одлучување за статусни промени и престанок, начинот на донесување на планови и програми, постапување со средствата и имотот во случај на престанок, внатрешните организациони форми и други прашања од значење за работата на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија.

Член 2

Националниот сојуз на слепи на Република Северна  Македонија (во натамошниот текст Сојузот), е национална инвалидска организација на слепите лица на Република Северна Македонија која има за задача:

  • да ги претставува и застапува слепите лица и нивните интереси во комуникација со државните органи во Република Северна Македонија и на меѓународно ниво;
  • во согласност со прописите да предлага претставници на слепите лица во работните тела во државните органи, кои ги разработуваат прашањата во врска со слепите и другите лица со инвалидност;
  • предлага или именува претставници на слепите лица во органите на истородните домашни и меѓународни организации и здруженија.

Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија е доброволна, општествено хуманитарна организација на слепите лица на Република Северна Македонија.

Во Националниот сојуз на слепи на Република Македонија се здружуваат општинските, меѓуопштинските и градските здруженија на слепи лица – инвалидски организации, како колективни членови, а со тоа и слепите лица на целата територија на Република Северна Македонија, како индивидуални членови во еден заеднички Национален сојуз на слепи на Република Северна Македонија, заради остварување на заеднички интереси и потреби: социјални, образовни, културни, здравствени, економски, спортски и други потреби и интереси во согласност со законот.

Член 3

Националниот сојуз на слепи на Република Македонија е невладина организација која не може да врши политички активности или да го користи својот имот и средства за остварување на цели на политички партии.

Член 4

Програмата и дејствувањето на Националниот сојуз на слепи на Република  Северна Македонија не можат да бидат насочени кон насилно уривање на Уставниот поредок на Република Северна Македонија, потикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, или да презема активности поврзани со тероризам, да презема активности кои се спротивни на Уставот или законот и се повредуваат слободите и правата на другите лица.

Член 5

Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија е самостоен во организирањето и остварувањето на своите цели, интереси и активности утврдени со Статутот.

Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија своите права, должности и одговорности ги остварува согласно со Уставот на РМ, законите и Статутот.

Член 6

Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија е правно лице.

 

  1. ИМЕ, СЕДИШТЕ И СИМБОЛ

Член 7

Името на Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија гласи: НАЦИОНАЛЕН СОЈУЗ НА СЛЕПИ НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА (во натамошниот текст: Сојузот).

Скратена ознака на името на Национален сојуз на слепи на Република Северна Македонија гласи: НССРСМ.

Во односите со странство, Сојузот го употребува името на англиски јазик кое гласи: National Union of the Blind of the Republic of Northern Macedonia.

 

Член 8

Седиштето на Националниот сојуз на слепи на  Република Северна Македонија е во Скопје на ул. „Костурски херои“ бр. 46.

Националниот сојуз на слепи на  Република Северна Македонија се организира и дејствува на територијата на Република Северна Македонија.

Член 9

Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија има свој печат и штембил (меморандум) и амблем.

Печатот на Сојузот има облик на круг со пречник од 3,0 см во чија средина е вцртан амблем на Сојузот, а околу него во концентричен круг е впишан текстот на македонски јазик и кирилско писмо: Национален сојуз на слепи на Република Северна Македонија – Скопје.

Член 10

Штембилот на Сојузот има правоаголна форма со големина 60 по 25 мм во кој хоризонтално е испишан целосниот назив на Сојузот, а меѓу називот и седиштето се остава празен простор за впишување на бројот на актот и датумот на неговото издавање. На горниот дел на штембилот се наоѓа амблемот на Сојузот.

Штембилот може да биде заменет со печат, со печатена страница (меморандум), која ги содржи сите податоци како и штембилот.

Под текстот се наведува адресата на Сојузот и бројот на неговата регистрација кај надлежниот орган.

Член 11

Амблемот (симболот) на Сојузот има облик на круг во чија средина е вцртана отворена Брајова книга и раце на читател. Од отворената книга излегува факел, а од страните сончевите зраци.    Амблемот ги симболизира животот и работата на слепите лица.

Член 12

Во правниот сообраќај печатот и штембилот ги употребува Претседателот или лице овластено од него и истите задолжително се чуваат во деловните простории на Сојузот.

Ако има потреба од изнесување на печатот и штембилот од просториите, наредба за тоа дава Претседателот на Сојузот во писмена форма.

 

  1. ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ

Член 13

Цели на дејствување на Сојузот за достигнување на квалитет на животот на слепите лица се:

  • почитување на човековите права на слепите лица;
  • вклученост на слепите лица во општеството и учество во секојдневниот живот;
  • недискриминација на слепите лица;
  • поттикнување на слепите лица да се потпираат врз сопствените сили и способности;
  • доживотно учење и обуки за слепите и слабовидните лица;
  • автономност на слепите лица како корисници на услуги;
  • економска, социјална, здравствена и правна заштита на слепите лица;
  • социјална правда и социјална сигурност;
  • да ги открива, евидентира и вклучува во Сојузот слепите лица;
  • да дава помош на слепите лица и нивните семејства во остварување на законските права социјална, економска, здравствена и друга заштита;
  • да дејствува и работи на планот на унапредување и усовршување на системот на рехабилитација, образование, вработување и заштита на слепите лица;
  • да помага во снабдувањето на слепите лица со тифло-технички помагала;
  • да покренува иницијативи за сместување и згрижување на слепите лица кои немаат услови за сместување и живеење во семејството;
  • да покренува иницијативи за отстранување на бариерите во физичката и социјалната средина;
  • да дејствува на пристапност до информациите до слепите лица во соодветен формат;
  • да организира културно забавни активности и ги развива и помага сите видови на културно уметничко творештво на слепите лица;
  • превентивно да делува за спречување на слепилото;
  • да соработува со други организации во земјата заради остварување на целите;
  • да членува во сродни меѓународни организации;
  • да обезбеди просторни, материјални, кадровски и финансиски услови за работа на Сојузот и здруженијата – членки на Сојузот;
  • други цели утврдени со Програмата за работа.

Член 14

Во рамките на својата активност, Сојузот ги извршува следниве задачи:

  • ги утврдува интересите и ги застапува потребите на слепите лица на секое подрачје, кои се однесуваат на животот на слепите лица, придонесува за создавање свест во јавноста и влијае врз промените во полза на слепите лица;
  • планира, организира и изведува програми и проекти, кои им овозможуваат на слепите лица поактивно учество и помага во отстранувањето на попреченоста и поголема независност во животот (оспособување за самостоен живот и работа, превоз, снабдување со технички помагала, лична помош, нега, физичка помош, клубови, програми за деца и младинци со посебни образовни потреби, програми за стари, болни и изнемоштени слепи лица, програми за чување на здравјето и други рехабилитациони проекти, информативна, издавачка, културна, рекреативна активност и слично;
  • учествува во спречувањето и отстранувањето на бариерите во физичката и социјалната средина;
  • организира и спроведува активности за запознавање на слепите лица од областа на заштитата на здравјето, медицинска и социјална рехабилитација, воспитување, образование, оспособување, вработување, социјална заштита, култура и рекреација;
  • спречува и ублажува социјални и психички последици од инвалидноста;
  • ги оспособува слепите лица за самопомош и нивните блиски и други лица за живот и работа со слепи лица;
  • ги развива социјалните вештини на слепите лица и нивната информираност за различни подрачја на животот;
  • поттикнува активности на соодветни органи и организации за што поуспешно решавање на прашањата во врска со слепите лица;
  • учествува во изготвувањето на државните мерки и предлага прифаќање на закони, прописи и мерки на подрачјето на инвалидската заштита;
  • ги преставува, заштитува и почитува правата и интересите на државно и локално ниво;
  • обезбедува поддршка, создава можности за развој на самопомош и добротворност;
  • се поврзува со други инвалидски организации во земјата и во странство.

Сојузот може да извршува и други задачи, кои се определени во основачкиот акт на  Сојузот.

 

  1. ЧЛЕНУВАЊЕ ВО СОЈУЗОТ

Член 15

Национален сојуз на слепи на Република Северна Македонија го сочинуваат здруженија на слепите лица – инвалидски организации:

  • Здружение на слепи и лица со оштетен вид– Скопје
  • Здружение на слепи лица Куманово
  • Здружение на слепи лица на град Кичево
  • Здружение на слепи лица на град Прилеп
  • Здружение на слепи лица – Кочани
  • Здружение на слепи лица Охрид
  • Здружение на слепите лица на Општина Велес
  • Здружение на слепи лица на град Штип
  • Здружение на слепи лица Струмица
  • Здружение на слепи лица Битола
  • Здружение на слепи лица – Македонски Брод
  • Здружение на слепи лица на град Неготино
  • Здружение на слепите лица – Струга
  • Здружение на слепи лица Тетово
  • Здружение на слепи лица Гевгелија
  • Здружение на слепите лица на град Свети Николе и
  • Здружение на слепи лица на град Кавадарци

Проширувањето на членките е можно во согласност со Статутот, Законот за здруженија и фондации и Законот за инвалидски организации.

Во Сојузот може да се здружи само едно здружение на слепите лица кое е основано за една или повеќе општини.

Доколку некое Здружение на слепи – членка на НССРСМ го изгуби статусот на инвалидска опрганизација согласно Законот за инвалидски организации, му престанува членувањето во НССРСМ.

Член 16

Членувањето во Сојузот може да биде редовно, вонредно и почесно.

Зачленувањето на лицата како редовен член се врши исклучиво преку Здруженијата на слепи кои работат на територијата во која припаѓаат лицата според трајна адреса на живеење (во понатамошниот текст: матично Здружение на слепи) и се остварува врз основа на претходно поднесена пристапница и лекарско уверение за степенот на изгубениот вид.

Со зачленувањето во матичното Здружение на слепи, лицето станува член на Национален сојуз на слепи на Република Северна Македонија.

Член на Сојузот, преку матичното Здружение на слепи може да биде само слеп граѓанин државјанин на Република Македонија или странец со дозвола за постојан престој, кој има оштетување на видот над 91% со најдобра можна корекција на подоброто око.

Слепите граѓани ги остваруваат своите права и ги задоволуваат специфичните потреби во Здружението во зависност од остатокот на видот или неговото непостоење (потполно изгубен вид или апсолутно слепило).

Вонреден член може да биде секој граѓанин државјанин на Република Северна Македонија или странец со дозвола за постојан престој, кој може и сака со својата работа да придонесе кон остварување на целите и задачите на Сојузот, кој по предходна одлука на Извршниот одбор за прием за вонреден член, доброволно ќе пристапи кон Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија со потпишување на пристапница за вонредно членство.

Почесен член може да биде граѓанин – државјанин на Република Северна Македонија или странец, кој има посебни заслуги во остварувањето на целите и задачите и кој по претходна одлука на Извршниот одбор доброволно ќе пристапи кон Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија со потпишување на пристапница за почесно членство.

Член 17

Редовните членови ги имаат сите права, обврски и должности кои произлегуваат од Статутот и другите акти на Сојузот.

Вонредните членови имаат право да избираат и да бидат избрани во органите на телата, да учествуваат во активностите на кој ќе бидат повикани, а не можат да ги користат другите права кои произлегуваат од членството во Сојузот.

Бројот на вонредни членови во органите на управување на Сојузот неможе да биде поголем од 5% од вкупниот број на членови.

Почесните членови немаат право да избираат или бидат избрани, а можат да учествуваат на седници на органи на Сојузот и други активности на кој ќе бидат повикани и да им се доделуваат специјални признанија и награди, и не можат да ги користат другите права што ги имаат редовните членови.

Најмалку 95% од членовите на Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија се слепи лица.

Член 18

Членовите се должни да го почитуваат Статутот и другите акти на Сојузот, да постапуваат согласно интересите и да не преземаат никакви дејствија со кои се нарушува угледот на Сојузот.

Член 19

Членовите во Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија се класифицираат во три групи, зависно од оштетувањето на видот:

Група А – оштетување од 100%;

Група Б – оштетување од 99% до 97%;

Група Ц – од 96% до 91%

Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија има право да врши ревизија на документацијата на членовите во Здруженијата.

Член 20

Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија води регистар на членовите и евиденција на членовите на органите кој се ажурира најмалку еднаш на две години.

Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија ја гарантира анонимноста и заштитата на личните податоци на членовите.

 

Престанок на членување

Член 21

Членувањето во Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија престанува со истапување, исклучување или смрт.

Секој член може доброволно да истапи од членство во Сојузот.

Истапувањето се врши со писмена изјава од членот дека истапува од членство во Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија по што на членот му се враќа пристапницата со назнака „истапил“, а членот ја враќа членската легитимација.

Членството во Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија може да престане со исклучување во следните случаи:

  1. Ако членот не го почитува Статутот и другите акти на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија;
  2. Ако работи против интересите на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија;
  3. Ако стори повреда утврдена со Дисциплинскиот правилник на Здружението на слепи во кое членува.

Одлуката за исклучување ја донесува Здружението на слепи чиј член е лицето, во постапка утврдена со Дисциплинскиот правилник на Здружението.

Предлог за исклучување може да поднесе и Извршниот одбор на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија, а Здружението на слепи во кое членува лицето е должно да спроведе постапка и да одлучи по предлогот.

Член 22

Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија ќе постои се’ додека постојат најмалку две Здруженија на слепи лица кои се здружени во овој Сојуз.

 

  1. Организирање, управување и раководење со Сојузот

Член 23

Поради остварување на организациската поставеност, управувањето и раководењето со Сојузот, во оваа организација задолжително се избира и конституира:

– Собрание;

– Извршен одбор;

– Надзорен одбор.

Во органите на управување на Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија, слепите лица се застапени со најмалку 95%.

Во зависност од потребите на слепите лица и обемот на активностите, Извршниот одбор избира свои комисии.

Собранието, Извршниот одбор, претседателот и Комисиите можат да формираат работни групи кои подготвуваат стручни анализи и материјали. Поради поефикасно и професионално остварување на своите цели, интереси и активности, Сојузот основа стручна служба или пак повремено ангажира стручни лица или волонтери.

 

Собрание

Член 24

Собранието на Националниот сојуз на слепи на  РСМ е највисок орган на Сојузот.

Редовните седници на Собранието ги свикува претседателот по предлог на Извршниот одбор, најмалку еднаш годишно.

Ако Претседателот на Собранието, по одлука на Извршниот одбор не ја свика седницата на Собранието или пак одбие да свика вонредна седница кога за тоа има потреба, во рок од 14 дена, во тој случај вонредна седница на Собранието може да свикаат претставниците во Собранието со една третина од нивниот вкупен состав.

За да работи Собранието полноважно потребно е присуство на еден претставник повеќе од половината претставници од вкупниот состав.

Доколку не е потребно квалификувано мнозинство утврдено со овој Статут, тогаш Собранието одлучува со просто мнозинство од присутните претставници.

Гласањето и работата на Собранието по правило е јавно, доколку не се одлучи за некои работи да се одлучува со тајно гласање.

Член 25

Собранието на Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија:

– донесува Статут, програма и други акти;

– усвојува годишен извештај, насоки и план на работа;

– усвојува завршна сметка и финансиски план;

– одлучува за промена на целите и задачите на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија;

– одлучува за основање и укинување на членување на Здруженијата на слепи во Националниот сојуз на слепите на Република Македонија;

– одлучува за зачленување во домашни и меѓународни организации;

– избира органи на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија;

– одлучува за престанок на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија со двотретинско мнозинство од вкупниот број на претставници;

– дава предлог до матичното Здружение на слепи за престанок на членување за член во тоа Здружение на слепи;

– одлучува за други прашања кои не се во надлежност на другите органи и тела на Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија и

– врши други работи во согласност со Статутот и другите акти на Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија.

Член 26

Собранието на Сојузот го сочинуваат претставници од Здруженијата и тоа:

  • по 1 претставник од Здруженија на слепи лица – членки на Сојузот.

Претставниците на Собранието ги бираат здруженијата на слепите лица со мандат од 4 години, со можност за повторен избор.

Претставникот може да биде отповикан и пред истекот на мандатот од 4 години, поради несовесно вршење на функцијата преставник или поради нанесување штета на угледот на Сојузот. Претставникот може да биде разрешен со двотретинско мнозинство од вкупниот број на претставниците на Собранието на Сојузот, или со гласање на половината плус еден од вкупниот број на членови на Здружението доколку станува збор за вонредно Собрание во здружението, а доколку станува збор за редовно Собрание во Здружението согласно интерните акти во Здружението.

Поради деакумулација на функциите, Претседателот на општинското или меѓуопштинското здружение, член на Надзорен одбор на Здружение на слепи – членка на НССРСМ, неможе во истовреме да биде избран за претставник во Собранието на НССРСМ.

Вработени лица во Сојузот или Здруженијата на слепи – членки на Сојузот, немаат право да бидат членови на управните органи во Сојузот и Здруженијата – членки на Сојузот.

Поради заштита од фаворизирање на роднини и пријатели (непотизам), две или повеќе лица кои се во роднинска врска неможат да бидат во органите на управување на Сојузот или Здруженијата на слепи – членки на Сојузот.

Член 27

Собранието со двотретинско мнозинство одлучува за:

  • промена на Статутот на НССРМ;
  • распишување на вонредно Собрание на НССРМ;
  • прием на ново Здружение на слепи во НССРМ;
  • престанок на членување на Здружение на слепи во НССРМ;
  • зачленување во домашни и меѓународни организации;
  • верифицирање и исклучување на претставник во Собранието
  • престанок на постоење на НССРМ.

Извршен одбор

Член 28

Со одлука, Собранието го утврдува бројот на членовите на Извршниот одбор. Бројот на членовите во Извршниот одбор не може да изнесува помалку од 5 и не повеќе од 9 члена.

Собранието од својот состав ги избира членовите на Извршниот одбор на Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија со јавно гласање и мандат од четири години со можност за повторен избор.

Составот на Извршниот одбор задолжително треба да го сочинуваат повеќе од педесет проценти плус еден претставник од (групата А).

Извршниот одбор од своите редови избира претседател и потпретседател со времетраење на мандатот од 4 години. Претседателот на сојузот задолжително  треба да биде претставник од групата А.

Извршниот одбор може полноправно да работи и одлучува ако на седницата се присутни членови на Извршниот одбор за еден повеќе од половината од вкупниот број на членови на Извршниот одбор.

Член 29

Извршниот одбор:

– ги подготвува седниците на Собранието;

– ги извршува одлуките на Собранието на НССРМ;

– носи одлуки за спроведување на целите и задачите на НССРМ;

– ги утврдува предлог на Статутот и другите акти што треба да ги донесе Собранието;

– утврдува предлог на годишен извештај за работа, извештај за финансиското и материјално работење, програма за работа, извештај за потребни средства за спроведување на програмата на НССРМ;

– покренува иницијативи, донесува заклучоци и одлуки и поднесува предлози за воспоставување и унапредување на соработката со домашни и странски физички и правни лица во функција на остварувањето на целите, интересите и активностите на Сојузот;

– управува со работата и имотот;

– одговара за работата и управување со имотот;

-одлучува за издавање на имотот на сојузот под закуп;

– носи одлука за распределба на средствата;

– ги разгледува извештаите на Здруженијата на слепи – членки на Сојузот;

– дава предлог за распишување на избори во Здруженијата – членки на Сојузот;

– врши други работи согласно Статутот.

Член 30

Имотот и средствата на Сојузот може да се користат само за работа на Сојузот и остварување на целите утврдени со овој Статут.

 

Член 31

Седницата на Извршниот одбор ја свикува и со неа раководи Претседателот на Сојузот.

Писмен предлог за свикување на седницата на Извршниот одбор може да дадат и една третина од членовите на Извршниот или по одлука на Надзорниот одбор. Претседателот е должен во рок од 14 дена да свика седница на Извршен одбор, а доколку тој тоа не го стори, седницата ја свикуваат иницијаторите на предлогот.

Извршниот одбор одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните членови.

Член на Извршниот одбор се иззема од гласање за прашања поврзани со него, неговиот брачен другар или роднина во втор степен и прашања кои се однесуваат на некое право на лице врз кое тој има контрола или економски интерес.

За својата работа Извршниот одбор е одговорен пред Собранието на НССРСМ.

Комисии

Член 32

За поефикасно остварување на целите, интересите и активностите утврдени со овој Статут, Извршниот одбор основа:

  • Комисија за економско социјални прашања и вработување,
  • Комисија за образование,
  • Комислија за научно технички развој,
  • Комисија за култура и издавачко – информативна дејност,
  • Комисија за активност на слепите жени,
  • Комисија за спорт, рекреација и шах, и
  • Комисија за меѓународни односи.
  • Редакциски одбор.

 

Делокругот на работата на Комисиите произлегува од нивното име, а во врска со соодветните цели утврдени со овој Статут, како и со правилникот за овластувањата и начинот за работа кои го донесува Извршниот одбор.

Членовите на Комисиите треба да бидат стручни лица од соодветните области.

Членови на Комисиите може да бидат и граѓани кои не се членови на Сојузот.

Претседателот на Комисијата и нејзините членови ги именува Извршниот одбор со мандат во траење од 4 години.

Надзорен одбор

Член 33

Надзорниот одбор го следи спроведувањето на Статутот и програмата, се грижи за работењето и имотот, го контролира начинот на работењето на Извршниот одбор, поднесува извештај на Собранието најмалку еднаш годишно за финансиското и сметководствено работење, ја прегледува годишната завршна сметка и други акти на НССРМ и врши други работи утврдени со Законот и Статутот.

Доколку на Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија му се пренесени јавни овластувања, Надзорниот одбор најмалку еднаш годишно поднесува извештај за финансиско и сметководствено работење и до органот од кој се пренесени јавните овластувања.

Надзорниот одбор го сочинуваат Претседател и два члена што ги избира Собранието на НССРМ за време од 4 години со можност за повторен избор. Седниците на Надзорниот одбор ги свикува претседателот на одборот по потреба или по барање на другите два члена на Надзорниот одбор.

Членовите на Надзорниот одбор неможат да бидат членови на други органи врз чија работа вршат надзор.

Вработените во Сојузот или Здруженијата – членки на Сојузот не можат да бидат членови на Надзорниот одбор.

Надзорниот одбор е самостоен орган кој го избира Собранието.Членовите на Надзорниот одбор треба да бидат стручни лица од соодветна област од материјално-финансиско и канцелариско-архивско работење.

Одговорните лица во Сојузот и во службата должни се да овозможат на Надзорниот одбор да ја изврши контролата и несмее да го попречуваат пристапот кон документите и одговорните лица.

Член 34

Надзорниот одбор го известува претседателот, Извршниот одбор, Собранието и другите надлежни тела за утврдените недостатоци и за мерките кои се предлагаат за отстранување на недостатоците. Доколку субјектите на овој член не ги преземат потребните мерки за отстранување на наведените недостатоци, во тој случај Надзорниот одбор мора да ги извести надлежните државни органи да ги преземат мерките кои се во нивна надлежност.

Стручна служба

Член 35

Стручната служба на Сојузот ја основа Извршниот одбор со одлука.

Органот со посебен акт ја утврдува организацијата во службата и систематизацијата на работните места.

Одлуката за утврдување потреба за нови работници, распишување на оглас ги носи Извршниот одбор.

 

 

 

 

Претседател на Сојузот

Член 36

Претседателот ги свикува седниците на ИО, го предлага дневниот ред, раководи со текот на седницата, тој ги потпишува и се грижи за спроведување на одлуките и заклучоците на собранието и на ИО, презема соодветни мерки и активности.

Претседателот ја координира работата на службата во функција за остварување на правата и обврските.

Правата и обврските на раководителот на службата се утврдуваат со актот за организација на службата и сосистематизацијата на работата и работните места.

ИО донесува одлука за назначување на раководител на службата на Сојузот.

Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија го претставува и застапува Претседателот.

За вршење на определени работи претседателот може да овласти друг член на Извршниот одбор или друго лице да го застапува или претставува Сојузот во правниот промет.

Претседателот на сојузот носи одлука за прием на работник или престанок на работен однос на вработено лице во НССРСМ како првостепен орган самостојно, а по жалба одлучува Извршниот одбор.

Во правниот сообраќај печатот и штембилот ги употребува Претседателот на Сојузот или лице овластено од него и истите задолжително се чуваат во деловното седиште на Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија.

 

 

Член 37

Претседателот ги свикува седниците на Извршниот одбор, го предлага дневниот ред, раководи со текот на седницата, тој ги потпишува одлуките и заклучоците на Собранието и на Извршниот одбор и превзема мерки и активности за нивно спроведување.

Претседателот ја координира работата на службата во функција за остварување на правата и обврските.

Член 38

За својата работа претседателот одговара пред Извршниот одбор и Собранието на НССРМ.

Член 39

По потреба на Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија, Извршниот одбор може да поднесе барање за основање фондација, трговско друштво со ограничена одговорност или Акционерско трговско друштво.

Права и должности на претставниците во Собранието и телата на НССРСМ

Член 40

Функцијата претставник во Собранието започнува со денот на верификацијата на мандатот, при што своите права и должности тој ги остварува во согласност со овој Статут, општите акти на Сојузот и одлуките на Собранието.

Член 41

Претставникот има право и обврска да работи во Собранието и во телата во кој е избран. За својата работа претставникот е одговорен пред Собранието и пред здружението што го избрало, со тоа што тој е должен да поднесува извештај за својата работа до матичното здружение.

Член 42

Претставникот има право потполно да биде информиран за сите прашања за кои тој расправа и одлучува, должен е да учествува во измената на актите на Сојузот и да предлага унапредување на работата на Сојузот.

Има право да бара и да добие известување од претседателот за работите кои се важни за извршувањето на функцијата претставник.

Член 43

Функцијата претставник во Собранието и телата на НССРМ може да престане и пред истекот на мандатот од следните причини:

  • Поради смрт;
  • Ако со својата работа го крши Статутот и другите општи акти на Сојузот;
  • Ако одбие да ги спроведува одлуките и заклучоците, донесени од органите и телата на Сојузот;
  • И ако подолго време неоправдано не учестува во работата на органите и телата во кој е избран;

Предлог за отповикување и промена на претставник во Собранието, донесува Собранието на НССРМ со двотретинско мнозинство од вкупниот број на претставници на Собранието.

Одлука во прв степен за отповикување на претставник во Собранието и органите на НССРСМ донесува матичното Здружение – членка на НССРМ со просто мнозинство од гласовите на присутните членови на Собранието во матичното Здружение на слепите лица, кое го извршило изборот на овој претставник. Матичното Здружение на слепи писмено го известува Собранието на НССРМ за промената и причините за настанатата промена.

Доколку Собранието на матичното Здружение на слепи не го прифати предлогот за промена на претставникот во Собранието на НССРМ, тогаш во втор степен одлучува Собранието на НССРСМ со двотретинско мнозинство за престанок на функцијата претставник.

Доколку Собранието на НССРСМ не го прифати образложението на Здружението на слепи за промена на претставникот на тоа Здружение во Собранието на НССРМ, мандатот на новоизбраниот претставник нема да биде верификуван од страна на Собранието на НССРСМ.

Изборот на нов претставник, матичното Здружение треба да изврши во рок од 30 дена, по донесувањето на одлуката за отповикување или промена.

Јавност во работата

Член 44

По правило работата на органите и телата во Сојузот е јавна и се одвива на отворени седници.

Јавноста во работењето се остварува и преку поднесување на извештаи за работа, водење и испраќање на записници од одржаните седници до претставниците и здруженијата на слепи – членки на НССРМ.

 

Член 45

Информации за работата на Сојузот можат да се објавуваат во гласилата на Сојузот и други јавни гласила.

Одлука за потребата од издавање на сопствено гласило на Сојузот и други публикации, донесува Извршниот одбор на НССРСМ.

  1. Средства на Сојузот

Член 46

Сојузот управува, ги користи и располага со средствата во негова сопственост врз основа на одлуки на своите органи, а согласно со закон, овој Статут и другите општи акти на Сојузот.

Член 47

Сојузот се финансира од:

  • Буџетот на Република Северна Македонија од средствата од игри на среќа согласно одлука на Владата на Република Македонија за распределба на овие средства, за што доставува барање и програма до Министерството за финансии за тековната година;
  • Буџетот на Република Северна Македонија, врз основа на проекти со кои аплицира на оглас што го распишуваат надлжните министерства;
  • од подароци, легати, од фондации основани од Сојузот или други физички и правни лица, од акционерски трговски друштва или трговски друштва со ограничена одговорност основани од Сојузот;
  • издавање на имотот на Сојузот под закуп;
  • други извори утврдени со закон.

Сојузот од средствата што ги добива согласно став 1 алинеа 1 на овој член, ги финансира Здруженијата на слепите лица – инвалидски организации – членки на Сојузот, кои се доброволно здружени во Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија.

Член 48

Националниот сојуз на слепи на Република Северна  Македонија средствата за финансирање може да ги стекнува и од: чланарина, основачки влогови, доброволни прилози, донации, подароци (пари, добра, имотни права), завештенија, легати, дејности со кои се стекнува добивка, кирии, закупнини, како и приходи од инвенстиции, дивиденди, камати, заеми и други приходи во согласност со закон и со Статут.

Член 49

Сојузот ја составува финансиската документација за планирање, финансиско работење и годишно известување, така што посебно да се евидентни финансиските извори, трошоците за работење и за извршување на своите годишни програми.

Податоците се искажуваат во согласност со прописите за финансиското работење.

Годишниот извештај за работењето на Сојузот го разгледува и прифаќа Собранието на Сојузот.

Здруженијата на слепите лица – членки на Сојузот ги доставуваат годишните извештаи за работа на организациите (наративни и финансиски), до последиот ден во месецот февруари во тековната година за претходната година, на правните и физичките лица кои ги обезбедуваат средствата на Здружението, а потоа за употребата на тие средства Здружението го известува Националниот сојуз на слепите на РМ и други надлежни органи.

Сојузот доставува годишен извештај за работа со финансиски извештај до Националниот совет, а Националниот совет извештајот го доставува до надлежното министерство и донаторите на финансиски средства.

Материјално – финансиското работење на Сојузот се остварува согласно закон, други прописи, правилникот на Сојузот за материјално – финансиско работење и другите општи акти на Сојузот.

Наредбодател на извршувањето на финансискиот план и другите финансиски документи е Претседателот на Сојузот.

Во отсуство на Претседателот, наредбодател на вкупната финансиска документација е потпретседателот или друго лице одредено од Претседателот.

 

  1. Нормативни акти на сојузот

Член 50

Нормативни акти на Сојузот се Статутот и правилниците.

За најразлични прашања Сојузот покренува иницијативи, предлози и доставува барања:

  • до државните органи;
  • до установите и другите организации.

Член 51

Иницијатива за измени и дополнувања или донесување на нов нормативен акт на Сојузот, може да покрене било кој претставник, член на Сојузот или вработен во службата на Сојузот.

Предлог за донесување на Статутот или за негова измена и дополнување, се става на јавна расправа во траење од 30 дена.

Јавната расправа за другите нормативни акти трае 15 дена.

Извештајот од јавната расправа во однос на Статутот се доставува до Собранието откако претходно Извршниот одбор го утврдил нацрт Статутот.

Извештајот од јавната расправа во однос на другите нормативни акти се доставува до Извршниот одбор.

Член 52

Нормативните акти кои ги донесуваат органите на Сојузот, влегуваат во сила со денот на нивното донесување. Сите нормативни акти ги потпишува Претседателот.

Член 53

Постапката за изменување и дополнување на нормативните акти е иста како и за нивното донесување.

 

  1. Завршни и преодни одредби

Член 54

Со престанокот на Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија, целиот имот преминува во сопственост на здружението на граѓани кој е негов правен наследник, а ако такво нема тогаш имотот преминува во сопственост на Република Северна Македонија.

Сојузот престанува со работа, ако настапиле условите утврдени со Законот за здруженија и фондации, не дејствува во согласност со Член 3 и не ги исполнува задачите од Член 19 од Законот за инвалидски организации.

По престанокот со работа на Здружение на слепи – членка на Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија, правен наследник во тој случај е НССРСМ.

Член 55

По влегувањето во сила на овој Статут, Сојузот е должен да ги усогласи нормативните акти во рок од 30 дена.

Член 56

По донесувањето на овој Статут престанува да важи Статутот бр. 03- 52/1 од 10.03.2016 година.

Член 57

Овој Статут влегува во сила со денот на неговото донесување.

 

Претседател:

Жарко Селковски

 

Статут на НССРСМ од 11.02.2020 г. Статут на НССРСМ од 11.02.2020