Под покровителство на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија, а во организација на Здружението на слепите лица на Општина Велес, на 01.12.2018 година (сабота), во салата „Бели мугри“ во Велес, се одржа „Третиот републички квиз натпревар за слепи“.

Првото место го освои екипата на Штип, второто – Прилеп и трета беше екипата на Неготино.

На квиз натпреварот земаа учество 10 екипи на Здруженијата на слепи од Македонија и тоа: Скопје 1, Скопје 2, Велес, Неготино, Струга, Куманово, Кочани, Штип, Струмица и Прилеп.

Натпреварот се состоеше од две квалификациски и една финална игра.

Првата квалификациска игра ја сочинуваа екипите на: Велес (во состав: Горан Бошкоски и Сашко Митревски), Скопје 1 (во состав: Надица Јовановска и Благица Петровска), Прилеп (во состав Боро Николовски и Филип Арсов), Струга (во состав: Даниел Шикоски и Круме Крстаноски) и Куманово (во состав: Беркан Асановски и Христијан Ѓорѓевиќ). Првото место од оваа квалификациска група го освои екипата на Струга со освоени 65 поени, а екипите на Прилеп и Скопје 1 имаа ист број на поени, но по поставените дополнителни прашања, второто место го зазема екипата на Прилеп, трета беше екипата на Скопје 1. Четврта беше екипата на Велес со 47 поени и петта – екипата на Куманово со 38 поени. Во финалната игра се квалификуваа првите две екипи: Струга и Прилеп.

Втората квалификациска игра ја сочинуваа екипите на: Кочани (во состав: Славица Димитрова и Тоше Илиев), Штип (во состав: Иле Миленковски и Чедо Величковски), Струмица (во состав: Горанчо Мицев и Жанко Станков), Неготино (во состав: Тони Караев и Панчо Бојаџиев) и Скопје 2 (во состав: Адријана Прокопенко и Снежана Видиниќ). Првото место од оваа квалификациска група го освои екипата на Штип со 84 поени, второ место Неготино со освоени 64 поени, трето место – Кочани со 40 поени, четврто место – Струмица со 35 поени и петто – Скопје 2 со 32 поени. Во финалната игра се квалификуваа екипите на Штип и Неготино.

Финалната игра беше составена од екипите на; Струга, Прилеп, Штип и Неготино. Во изедначена борба на знаење се’ до самиот крај, првото место го освои екипата на Штип со освоени 80 поени, втора беше екипата на Прилеп со 76 поени. Струга и Неготино освоија 54 поени, но по поставените дополнителни прашања, третото место го освои екипата на Неготино, а четврта беше екипата на Струга.

Можеме слободно да заклучиме дека без исклучок – сите екипи покажаа солидно знаење, за што им честитаме. Факт е дека оваа активност станува се’ попопуларана кај слепите лица, пред се’ поради нејзиниот едукативно – забавен карактер.

Дипломите и наградите на трите првопласирани екипи им ги доделија претседателот на Националниот сојуз на слепите на Република Македонија – г-дин Жарко Селковски и претседателката на Здружението на слепите лица на Општина Велес – г-ѓа Јадранка Лазаровска.

Им благодариме на покровителите и волонтерите кои беа вклучени во организацијата и реализацијата на овој проект, за кој сме сигурни дека ќе продолжи и во иднина.

[Best_Wordpress_Gallery id=”304″ gal_title=”Veles14″]