Лого на НССРСМ

Едукативните статии на НССРСМ во новата 2024 ги започнуваме со споделување една нова дигитална алатка што ја конвертира (претвора) македонската кирилица во македонска брајова азбука на еден едноставен, но интересен начин. Алатката што ја споделуваме со вас е наречена „Универзален брајов конвертор“. Овој конвертор може да се користи и од страна на луѓе што гледаат, како специјални едукатори и рехабилитатори, наставници, образовни асистенти, родители на деца со оштетен вид итн., како и од страна на самите лица со оштетен вид. Доминантно неговата примена е едукативна, но може да се искористи и за други цели.

Како се користи „Универзалниот брајов конвертор“?

Алатката „Универзален брајов конвертор“ е многу едноставна за користење и за лицата со оштетен вид, и за лицата без оштетен вид. Во продолжение пишуваме како може да се користи во неколку чекори.

• Лицата со оштетен вид што сакаат да го користат „Универзалниот брајов конвертор“ за да се потсетат на брајовото писмо или да ги научат комбинациите од точки со кои се пишуваат македонските букви и интерпункција, откако ќе ја отворат алатката со вклучен читач на екран „НВДА“ треба:

1. Да ја притиснат комбинацијата ctrl+home за да го однесат курсорот најгоре во алатката;
2. Да го одберат македонскиот јазик во листата со јазици до којашто се стига со притискање на буквата ц на тастатурата;
3. Да го префрлат модот на читачот од мод за пребарување (browse mode) во мод за интеракција (focus mode), и да ги користат долната и горната стрелка за навигација низ листата со понудени јазици;
4. Откако ќе слушнат Macedonian – македонски, да стиснат на копчето таб за да слушнат: „пиши овде“;
5. Потоа со кирилична поддршка (шифт+алт) го внесуваат текстот што сакаат да биде конвертиран;
6. Потоа треба да притиснат уште еднаш на копчето таб, со што ќе се најдат во полето каде што е напишан текстот со брајово;
7. За да го читаат текстот напишан со брајово најдобро е прво да ја притиснат комбинацијата insert+p неколку пати за да направат читачот да ги чита сите видови симболи, а потоа со притискање на комбинацијата ctrl+home да го однесат курсорот на почетокот на симболите напишани со брајови точки. Остатокот од навигирањето се прави како и во секое друго поле за внесување текст, користејќи ги стрелките.

На пример, кога ќе навигираат низ ова поле акронимот нссрм, напишан со мали букви во полето со брајови знаци ќе биде испишан како ⠝⠎⠎⠗⠍.

• Лицата без оштетен вид алатката можат да ја користат на, за нив, вообичаен начин, со одбирање на македонски од листата со јазици и пишување на текст во првото поле за пишување. Текстот потоа графички ќе се прикаже и на македонско брајово писмо, коешто тие можат да го копираат и употребат за што и да им е потребно.

Кој стои зад „Универзалниот брајов конвертор“?

Харис стои во внатрешна тропска градина облечен во црно оделоДигиталната алатка „Универзален брајов конвертор“ за конвертирање од македонска кирилица во македонско брајово писмо е развиена како волонтерски проект на младиот Харис Мобреј од дистриктот Вашинктон од Соединетите Американски Држави. Неговите интереси вклучуваат лингвистика, програмирање, развој на веб и други глобални работи. За себе вели дека во слободно време работи за различни заедници низ светот за да им помогне во дигитализирањето на нивните јазици. Неговиот главен проект е да го распространи брајовото писмо и помеѓу заедниците што зборуваат јазици на кои не е развиено ова брајово писмо досега.

Наше видување

Универзалниот брајов конвертор е интересна дигитална алатка што има претежно едукативна примена, како што пишавме и на почетокот. Нас особено не радува што помеѓу другите јазици овој конвертор го вклучува и македонскиот јазик. Искрено се надеваме дека благодарение на неа и на ангажманот на просветните работници и стручните лица повеќе деца и лица со попреченост ќе научат активно да го користат брајовото писмо во нашата држава. Околу тоа како оваа алатка стигна до нас и повеќе за нејзиниот креатор и неговите идеи и планови за неа читајте го сајтот на НССРСМ, каде што следи интервјуто помеѓу Харис Мобреј и нашиот член Кристијан Лазарев.