Здружението на слепи и лица со оштетен вид Скопје и годинава го организираше веќе традицоналниот „Велигденски хепенинг“. Тргнувајќи од фактот дека во Здружението членуваат жени, членки од сите градски и приградски општини во Скопје, настојуваме секоја година манифестацијата да се одржува во различни општини. На тој начин сакаме секоја од учесничките да се покаже пред жителите во општината во која живее, пред своите соседи и познаници, а од друга страна и Здружението како интеграција на сите членови да воспоставува поблиска соработка со сите општини на град Скопје. Јавното презентирање на нашите членови на вакви манифестации, каде што на отворен простор може да се види што се’ можат да приготват, ги разбива предрасудите за способноста на нашите членови, кои исто како и сечулните жени индивидуално знаат да се снаоѓат во домашната кујна.
Секоја година се зголемува бројот на учесничките, но и вкупно приготвените јадења. Трпезата беше толку шаренолика и украсена со прекрасно изработените и декорирани јадења, што сите посетители со воодушевување коментираа и тешко се одлучуваа за тоа што треба да го купат. Комисијата исто така имаше тешка работа да одбере три најдобри изработки. За да нема пристрасност, и годинава комисијата беше составена од членови вработени во Општина Аеродром, Општина во која ја организиравме манифестацијата. До сега соработката со општините и црквите во чии простор ја презентираме трпезата се на ниво, и со задоволство ја прифаќат идејата за ваква заедничка манифестација. Иако работен ден, преубавата црква “Свети Илија“ на Велики четврток, годинава беше преполна со верници, кој по литургијата имаа можност да ја разгледат нашата трпеза, да купат од разните изработки и така да се припремат за најголемиот христијански празник, Велигден. Комисијата ги прогласи трите најдобри изработки, но поради тоа што сметаше дека објективно имаше многу од приготвените јадења кои по декорација би можеле да бидат на прво, второ или трето место, одлучи на сите учеснички да им додели пофалници за учеството на манифестацијата.
Поставената трпеза ја благослови отец Зоран, Општината се погрижи за медиумското покривање на настанот, а претседателката Петровска Благица на сите учеснички и членовите од комисијата, верниците кој се затекнаа тука, им го честита Велигден, им посака добро здраје, мир и спокој во душите.
Манифестацијата има хуманитарен карактер, и сите собрани средства од продадените изработки ќе се доделат на социјално загрозени наши членови, членови кои не се приматели на додатокот за мобилност, и додатокот за помош и нега од друго лице.
Здружението искрено се заблагодарува на градоначалникот на Општина Аеродром Г-дин Ивица Коневски и на неговите соработници за успешно реализираната активност.