Четврта година по ред, Здружението на слепите лица на Општина Велес организира час во основните училишта во градот на кој учениците од второ одделение, кои штотуку ја изучиле азбуката, се запознаваат со постоењето и примената на Брајовото писмо. Целта на овој проект е подигнување на јавната свест за подобро прифаќање на слепите лица во општеството.
На часот учениците се запознаа со историјата за потребата и настанокот на Брајовото писмо и неговиот творец – Луј Брај. Исто така, имаа можност да видат и допрат Брајова книга, како и преку игра, со дидактичките материјали кои ги обезбедуваме, самостојно да ги впишат своите имиња со Брајово писмо.
Восхитот на учениците беше евидентен и тешко е со зборови да се опише нивната возбуда, за што говори и фактот дека часот, по желба на учениците, беше продолжен. Им се заблагодаруваме на наставниците од основните училишта за покажаниот интерес за реализација на овој наш проект.