На самиот почеток од новата 2021 година, имаме одличен повод да одбележиме и еден многу значаен настан за слепите луѓе од целиот свет — роденденот на Луј Брај, човекот во чија чест од 2019-тата година се одбележува и светскиот ден на брајовото писмо.
Усовршувајќи го тактилниот систем за пишување и читање, овој слеп Французин од 1824 година па сѐ до денес за милиони и милиони слепи луѓе од целиот свет претставува основоположник на писменоста помеѓу слепите луѓе, па во тој поглед претставува еден наднационален светски просветител.
Благодарение на Луј Брај, ние слепите лица можеме да пишуваме, да читаме и да стоиме рамо до рамо со секој писмен човек на планетата. За брајовото писмо ќе следи цел серијал текстови во следниот период, затоа овде во чест на роденденот на Луј брај ќе се задржиме само на неговиот живот и дело.
Тој е роден на 4 јануари 1809 година, во малото село Кувре, петнаесет километри источно од Париз, Франција. Луј бил најмладиот член во семејството и живеел со својот татко Симон Рене, мајката Моника, двете сестри Моник-Кетрин и Мари-Селин, како и неговиот брат Симон. Семејството на Луј Брај живеело во мала камена куќа која постои и ден денес и е претворена во музеј/спомен-куќа.
Луј потекнувал од занаетчиско семејство и честопати го придружувал својот татко во работилницата. Еден ден во 1812 година, кога бил на тригодишна возраст играјќи се во татковата работилница Брај се обидел да исече парче кожа и го повредил десното око. Поради недостаток на лекови во тоа време, инфекцијата се проширила и на левото око, но не се знае дали видот на левото око го изгубил поради инфекција или симпатичка офталмија.
Неговите родители биле многу загрижени за неговата иднина, па правеле се за да му помогнат. Татко му му помогнал да ја научи француската азбука вдлабнувајќи ги француските букви на дрвени плочки. Така Луј со допирот на своите прсти ги научил стандардните печатени букви. Кога Луј го совладал читањето, научил и да пишува. На некој начин, токму таткото на Луј Брај бил оној што ги поставил темелите на првичното образование на својот син.
Почетоците на формалното образование на Луј биле во неговото родно место, во локалното училиште, каде што само преку слушање можел да се стекне со знаење. Со помош на локалниот свештеник, Брај на своја десетгодишна возраст, во февруари 1819 година бил запишан во кралскиот национален институт за слепи лица во Париз, каде што добил стипендија да го продолжи своето образование. Институтот се наоѓал во многу стара зграда во близина на реката Сена. Зградата била темна, влажна и со лоша вентилација, а условите за живот биле многу лоши (како храна се служело само леб и вода). Поради лошите услови што ги имале, како и недостатокот на храна и чиста вода за пиење, децата што претстојувале во Институтот многу често се разболувале од туберкулоза.
Луј Брај бил најмладиот ученик во институтот, но и покрај тоа тој многу брзо напредувал во учењето. Покрај учењето Брај се стекнал со знаење од областа на музиката, научил да свири на пијано, на виолончело и учествувал во училишниот оркестар.
Во Институтот наставата главно се одвивала усно, имало само мал дел книги со испакнати стандардни француски букви, кои слепите можеле да ги користат, а биле испечатени од основачот на Институтот, Валентин Ај.
Во 1821 година капетанот од француската наполеонова армија, Шарл Барбие, го посетил училиштето за слепи каде што учел Луј Брај, за на учениците да им го покаже неговиот ноќен систем за комуникација помеѓу војниците. Овој систем го инспирирал Луј да направи своја варијанта на овој тактилен систем за комуникација, којашто излегла многу поуспешна. Имено, Барбиеровата азбука била фонетска и не соодветствувала на францускиот етимолошки правопис, а притоа тактилните знаци биле преголеми за да се прочитаат без да се движи прстот.
Луј го упростил овој систем и од 12 точки го намалил само на 6, по две точки во 3 реда, што го олеснило пишувањето на овие знаци наспрема Барбиеровиот систем, дополнително читањето на брајовото писмо било многу побрзо поради поедноставеноста на знаците, а притоа со ова писмо можело да се пишуваат и броеви и интерпункциски знаци и ноти. Во 1824-тата година Луј Брај ја објавил својата прва верзија на брајовата азбука, по 5 години го додал кон неа и брајовото нотно писмо, а во 1837-мата година неговото брајово писмо го добило и второто издание.
Луј бил многу талентиран ученик и освојувал многу награди, но во периодот додека ја обмислувал својата брајова азбука, тој целосно се посветил на оваа работа, се откажал од натпреварите, а директорот на Институтот сведочел на честите заспивања на Луј со хартија и шило во рацете, заспивајќи од премореност.
Пред осумнаесеттиот роденден во својата осма година во училиштето за слепи лица Брај бил назначен за помошник учител што предавал граматика, аритметика, географија и музика.
Нешто подоцна, на свои 24 години, во 1833 година, Луј Брај, станал првиот слеп професор во светот, па од тогаш па наваму продолжила практиката, меѓу другите, слепите ученици да имаат и слепи наставници. Неговиот стил на предавање бил опишан како многу прецизен, јасенн, како и секогаш спремен да го повтори она што неговите ученици не го разбрале.
Во 1835 година, на 26-годишна возраст, кај Луј се појавиле и првите знаци на туберкулоза: слабост, кашлање, замор, како и искашлување крв од белите дробови. Оваа состојба, најверојатно е последица на лошите услови во училиштето во кое Брај престојувал 16 години.
Брајовиот систем за пишување од 6 точки сѐ уште не бил прифатен од тогашните власти, тие инсистирале да се користи стариот метод на пишување, но за среќа овој систем станувал сѐ попопуларен помеѓу учениците. Еден познат поет, го посетил училиштето за слепи и ги забележал лошите услови во кои престојувале учениците, па токму тој ја убедил државата да донесе одлука за изградба на ново училиште за слепи лица. Така пет години подоцна, било изградено ново училиште за слепи, а Луј Брај бил одлучен да создаде, совршено и ефикасно сретство за комуникација на слепите лица.
Во текот на следните години Брај ги подобрил брајовата азбука и нотите за музика и ги објавил првите книги на брајово писмо.
Заедно со својот пријател, за пишување на печатеното француско писмо тој развил и посебно помагало (рефиграф), со кое се вдлабнувале одредени точки во хартијата за да се напише стандардна печатена буква. Со рефиграфот слепите лица можеле писмено да комуницираат со своите пријатели и роднини, но им требало повеќе време да ги втиснат сите точки при пишување на печатените букви, одколку да се втиснат само точките од брајовото писмо.
На триесет години, здравјето му се подобрило, па му било понудено да работи како учител во едно кралско семејство, односно да биде личен професор на слеп принц. Навистина било примамливо да се живее во кралско семејство, со добри услови и поголема плата, но Луј Брај бил лојален на своите ученици и пријатели, па не ја прифатил понудата бидејќи не можел да им го сврти грбот на своите ученици и пријатели, а веројатно не прифатил и зашто неговата животна мисија за усовршување на брајовиот систем за пишување сѐ уште не била довршена. Во 1844 година, на 35- годишна возраст, Брај престанал да предава, поради влошување на неговото здравје, но тој продолжил со неговите добротворни активности, купувал книги за неговите сиромашни другари, како и опрема за пишување.
Луј брај починал на 43- годишна возраст во 1852 година. Погребан е на гробиштата во неговото родно место Кувре. Во јуни 1952 година, на стогодишнината од смртта на Луј, Франција го прогласила Луј Брај за национален херој, а неговите коски од неговото родно место Кувре биле преместени во Париз, во пантеонот, заедно со другите национални херои на Франција. Било одлучено неговите раце да се одделат од телото и да останат во родното место, а остатокот од коските биле погребани во пантеонот.
Во Париз, се одржала голема церемонија, каде што Присуствувале голем број на почитувани слепи лица од целиот свет. За ова познатата Хелен Келер ќе напише: „Брајовото писмо ми беше најскапоценото помагало од многу аспекти. Тоа го овозможи моето одење на колеџ, тоа беше единствениот метод со кој можев да прифаќам белешки на предавањата. Сите мои испитни тестови и есеи беа напишани во овој систем за пишување. Фигуративно, како што пајакот ја користи својата мрежа да го фати својот плен, така јас го користам брајовото писмо да ги фатам мислите во мојот ум.“
Она што ни го остави Луј Брај е непроценливо богатство, еднакво на делото на сесловенските просветители Кирил и Методиј, затоа сите ние, слепи од целиот свет, треба да го негуваме и почитуваме делото на Луј Брај преку изучување и активно користење на брајовата азбука.