Лого на НССРСМ

По повод одбележување на Светскиот ден на брајовото (тактилно) писмо — четврти јануари, Националниот сојуз на слепи на Република Северна Македонија преку онлајн-конференција му се придружува на остатокот од светот со цел одбележување на овој значаен ден за слепите луѓе од целиот свет.

Како Сојуз, сакаме уште еднаш да ја истакнеме потребата од континуирана квалитетна изработка на материјали во пристапни формати за лица со оштетен вид, потреба на чие остварување непрекинато работиме. Моментално во рамки на Сојузот во нашата држава функционираат Издавачко информативниот центар на Националниот сојуз на слепи на РСМ и Брајовата библиотека „Ратко Пајдаков“ од Велес како единствени субјекти што печатат ваква литература, којашто е од големо значење за сите лица со оштетен вид во државата.

До сега, во аудио и во брајов формат изработени се значителен број книги и тоа: опфатени се сите лектирни изданија, понатаму задолжителната школска литература во основното и во средното образование, а се печатат и повеќенаменски списанија.

Нашата мисија не завршува тука… Се дури има парче хартија кое не е испишано во пристапен формат потребата за наше постоење ќе биде оправдана.

Притоа, на овој ден упатуваме и апел до надлежните власти за што поскора ратификација и имплементација на Меѓународниот договор од Маракеш, склучен во Мароко во 2013-тата година, којшто на слепите лица им го дава основното човеково право — пристап до литература во соодветен формат. Во овој сегмент сакаме да ја искажеме важноста од хармонизација на законот за авторското и сродните права со светските трендови во поглед на издавањето на аудио и брајови материјали со што лицата со оштетен вид, но и лицата со некои други попречености би имале пристап до пишаниот збор како и сите луѓе без попреченост. Затоа што правото на читање и правото на пристап до информации во пристапен формат е основно човеково право.