Четворица коишто разговараат. Еден од нив е слепо лице.

Живееме во свет во кој говорот на телото понекогаш зборува многу повеќе од самите ние, бидејќи е визуелен, а луѓето примаат просечно околу 80 % од информациите по визуелен пат. Затоа и ние, лицата со оштетен вид, сакале — не сакале,добро е да се прилагодиме на овие општествени норми зашто така ќе се подобри интерактивноста и комуникацијата со луѓето што гледаат, а тоа, пак, ќе ни го олесни животот и ќе ни создаде нови пријателства, нови можности за вработување, нови можности за искористување на нашите потенцијали. Во таа насока е и денешната статија, во којашто ќе напишеме некои насоки што вие, како лице со оштетен вид, треба да ги следите ако сакате да го подобрите говорот на вашето тело.

 

1. Контролирајте го гестикулирањето со рацете

 

Доколку често ги користите рацете додека зборувате, обидетесе движењата да ги правите јасно и со конкретна цел. На пример, дополнувањето на вербалниот исказ кога нешто набројувате со „броење на прсти“ е добар говор на телото, но, ако само мавтате наоколу без да има поврзаност помеѓу движењата што ги правите и зборовите што ги кажувате, покажувате дека вашите мисли се испомешани и изгледате конфузно.

 

2. Скротете го танчерот во себе

 

Не префрлајте ја вашата тежина од една на друга нога додека зборувате. Таквото движење прави да изгледате неодлучно во очите на тие што ве гледаат во тој момент. Наспрема тоа стојте стабилно распоредувајќи ја тежината подеднакво на двете нозе, без грчење на некој дел од телото.

 

3. Одржувајте контакт со очите

 

Иако некој од слепите луѓе имаат целосно оштетен вид, а други се со оштетен вид што не им овозможува да го следат погледот на соговорникот, сепак и ние можеме да направиме нешто во однос на ова. За среќа, очите на соговорникот се веднаш над неговата уста! Па ако внимателно го слушате неговиот глас, вие, релативно лесно, може да се позиционирате со главата и телото, така што зборовите на соговорникот ќе доаѓаат право кон вас, односно неговиот глас ќе го слушате право пред себе.

 

4. Користете ги мускулите на лицето

 

Одамна некој рекол дека очите се огледало на душата, на што ние уште би додале дека лицето е рамката што го држи тоа огледало. Имаме дури 42 мускули на овој дел од телото што можат да ги покажат сите наши емоционални состојби, (среќа, радост, тага…)), нешто што понекогаш не сакаме да го откриеме пред другите, па затоа добро е да ги совладаме фацијалните експресии за да владееме со ситуацијата околу нас.

 

5. Стапот е за движење, а не фиџит спинер

 

Додека зборувате со некого, не играјте си со вашиот бел стап, клучевите или некој друг предмет што случајно се нашол во вашите раце. Тоа прави да изгледате нефокусирано. Најдобро е ако си стоите стабилно, со тежината подеднакво распоредена на двете нозе, рацете ви се спуштени надолу покрај телото и стапот го држите исправен покрај левата или десната ваша страна, држејќи го со раката некаде кон неговата средина, природно и опуштено, како тоа да е дел од вашата гардероба.

 

6. Не прекрстувајте ги рацете и нозете

 

Ако сакате луѓето да ви пристапат, никогаш не прекрстувајте ги рацете и нозете. Така изгледате незаинтересирани за надворешниот свет, затворени во себе и окупирани со сопствените работи. Затоа практикувајте вашите раце и нозе да не се допираат една со друга. Кога сте седнати, пак, прекрстените нозе и раце испраќаат сигнал дека се чувствувате срамежливо, па сакате да заземете што е можно помал простор. Затоа не правете го тоа. Важи и за девојки!

 

7. Исправете го грбот

 

Стојте и седете исправено. Секогаш кога ќе се запрашате себеси дали седите исправено, подисправете се и повлечете ги рамената назад. Овој потек не само што ќе ви ја олесни болката во грбот, туку ќе направи и да изгледате поуверливо за другите.

 

8. Држете ги рацете пред себе и надвор од џебовите

 

Ако сте седнати, држете ги дланките отворени и надвор од џебовите. Ако има маса пред вас, можете да ги ставите и таму. Ако стоите, пак, држете ги дланките отворени и паралелно по страните од телото, со рамената во исправена положба. Рацете зборуваат многу за луѓето затоа што со нив човек прави многу работи. Обично се вели дека, кога човек премногу ги крие рацете од соговорникот, тој прикрива и некоја мисла што ја има за него

 

9. Облечете се соодветно

 

Колку луѓе, толку вкусови на облекување ќе речат. Но внимавајте на облеката што ја носите. Нека биде чиста, испеглана и соодветна за настанот на кој се наоѓате. Во некоја од идните статии ќе направиме и подетална анализа за ова прашање.

 

10. Смејте се, смејте се, смејте се!

 

Има цел куп истражувања што покажуваат дека на веселите и насмеани луѓе многу почесто им приоѓаат отколку на луѓето со неутрална или смрштена фацијална експресија. Затоа искористете го ова силно оружје на најдобар можен начин.

 

11. Поправете го одот

 

Луѓето што се родени како слепи, многу често имаат од што на останатите им изгледа чудно. Ова не е најлошото нешто на светот, но ако сакате да им се допаднете на оние што ве наблјудуваат додека одите, а кога се движите со бел стап тоа се тон луѓе, поработете на вашиот од. Тоа најдобро може да го направите ако сте на отворено, со простор доволно широк за движење и имате пријател што ви е доволно близок за конструктивно да биде критично настроен кон вашиот од. Значи, потребен ви е добар пријател,, неколку заеднички прошетки и потоа перманентен напор за отстранување на непосакуваните елементи при движењето и резултатот ќе се појави.

 

12. Шегувајте се на сметка на оштетениот вид

 

Кога ќе ви се случи да се судрите со нешто или некого, направете некоја шега од тоа. „Конечно си ја измеривме силата еден со друг, зар не; Баш е забавно да ви ги шутнам пола предмети во канцеларијата, а вам да ви е срам да ме обвините за тоа; Понекогаш и големите романтики започнуваат со ненамерен судир, зарем не?; Опс, отиде половина плата на чистачката зашто ми го оставила ова јас да го дорасчистам“… Бидете опуштени и покажете им на оние околу вас дека не е крај на светот ако сте се судриле со нешто или со некого. Понекогаш дури е и неопходно да се судриме со нешто, посебно кога се движиме со бел стап. Тоа на оние што гледаат обично им изгледа како крај на светот, но не е така и наша е одговорноста да ги разубедиме, најчесто со некоја шега.

 

13. Направете привремен придружник од луѓето што ги среќавате

 

Речиси нема човек што ќе одбие да ви помогне. Но најголемиот дел од нив или не знаат како, па се повлечени или едноставно си ја „бркаат“ својата работа необрнувајќи преголемо внимание на вашето присуство. И во двата случаја најдобро е вие да бидете иницијатор ако ви е потребно помош. Најпрво, лоцирајте го оној што сакате да ви помогне. Потоа обратете се, бидете љубезни и делувајте смирено кога ќе ја барате помошта. Може да искористите дури и некоја шеговита реченица при барањето помош како: „Млада дамо/млад господине, ќе бидете ли љубезен/љубезна да ми помогнете да ја пронајдам масата за вечера“? Користете кратки и јасни реченици и вметнете го зборот „помош“. Обично луѓето се внесени во некоја сопствена мисла, па потребно е да се разбудат од таа нивна состојба со некој моќен збор како зборот „помош“.

 

14. Имајте го првиот збор од разговорот

 

Луѓето често мислат дека се успешни во некој разговор или расправија ако го имале последниот збор. Но предноста, како и во шахот, така и во разговорот секогаш е на страната на оној што ја започнува комуникацијата.

 

Значи, започнувајте ги разговорите први. Прашајте ги нешто, кажете им нешто на соговорниците. Доколку гледате дека ги интересира како функционирате или како се случило да го изгубите видот, бидете вие тој што ќе го скрши мразот и ќе ја отвори таа тема. Така вашите соговорници ќе бидат поопуштени и ќе воспостават поблиски односи со вас.

 

За крај, да нагласиме дека говорот на телото не е така едноставна работа за усвојување. Луѓето што гледаат го учат едни од други по пат на имитација, додека ние што не гледаме секое движење на телото треба да го усвојуваме како кога учиме нов странски збор. Потребно е да најдеме учител, некој што добро го владее говорот на телото и од него да научиме како се прави и какво е значењето на некоја гестикулација/мимика, а потоа, во присуство на таа личност, да го пробаме тоа и во комуникација со другите, по што ќе добиеме фитбек за успешноста и ќе пробуваме повторно и повторно, сѐ дури тоа не ни стане природно придружен елемент на нашиот вербален говор. Секако дека на почетокот тоа нема да биде идеално ниту пак природно, како што е и кога користиме странски јазик за прв пат, но со доволна упорност и посветеност, ние за релативно кратко време би можеле да го подобриме говорот на нашето тело.