Промотивна слика од Саливан плус.

Саливан+ (Sullivan +) е одлична апликација за сите луѓе со оштетен вид што имаат Андроид или иОС мобилен телефон. Оваа апликација претставува софтверско помагало за луѓето со оштетен вид, кое што го подобрува нивниот живот. Апликацијата ја користи камерата на мобилниот телефон и своите моќни алгоритми за да му помогне на лицето со оштетен вид.

 

Само со една направена слика преку оваа апликација, корисникот може да добие информации за предметите или луѓето што се на сликата, како и за текстот што е фотографиран.

Апликацијата користи режим на вештачка интелигенција, што прави таа самата да знае што е тоа што ве интересира на сликата и сакате да го дознаете, по што токму тоа ви го кажува на глас преку звучникот од вашиот телефон.

 

За што точно се користи Саливан+?

 

■ За читање текстови. Да, оваа апликација може да ви помогне да ги прочитате текстовите брзо и едноставно. Само го земате документот што сакате да го прочитатe (писмо, фактура, па дури и цела книга), ја поставувате на масата, го земате телефонот в раце, го местите околу 30 сантиметри над документот и кликате на копчето сликај (capture). За само неколку секунди вашиот телефон ќе го прочита целиот текст што се наоѓа на тој документ, фактура или сликнатата страница од вашата омилена книга. Ова може да го направите неограничен број пати, со што веќе нема да постои документ или книга што е непристапна за вас.

 

■ Ако ве интересира што има на некоја фотографија што ја имате во вашиот телефон или на социјалните медиуми што ги користите, можете многу лесно со помош на Саливан+ да ги дознаете тие информации, така што преку опцијата сподели (share) ќе ја испратите таа слика до Саливан+, по што одличните алгоритми на оваа апликација ќе ви кажат што точно има на сликата, колку луѓе се, нивниот пол, нивната возраст и слично.

 

■ Ако живеете сами или сакате да бидете независни од другите кога ја одбирате облеката, Саливан+ може и овде да ви помогне. Во апликацијата има мод за препознавање на бои, така што потребно е само да ги сликнете маицата или фустанот што сакате да ги носите тој ден и Саливан+ за неколку секунди ќе ви каже каква е нивната боја.

 

■ За оние што имаат целосно оштетен вид и немаат перцепција за светлина, вклучените светла може да претставуваат прилично незгодна работа, посебно ако мислиме дека тие се згаснати, а всушност не се. Саливан+ може и за ова да биде од корист, затоа што има мод за препознавање на осветленоста во просторијата, така што може да ви каже дали просторијата е темна и светлото е згаснато, односно ролетните се спуштени или не. Оваа функција е достапна само на телефоните со сензор за светлина.

 

■ Оваа апликација им помага и на слабовидните корисници, затоа што во неа има вградено дигитална лупа. Значи користејќи го зумот на вашата камера, оваа функција ви омозможува да ги зголемите или намалите предметите што ве опкружуваат, но и да го промените контрастот на боите.

 

Главни функции на апликацијата

 

  1. Режим на вештачка интелигенција,
  2. Препознавач на текст,
  3. Препознавач на лица,
  4. Опишувач на околината,
  5. Препознавач на боите,
  6. Препознавач на осветленоста,
  7. Дигитална лупа.

 

Оваа апликација е бесплатна и може да се преземе со кликање на овој линк за Андроид и  овој линк за Ајфон.

 

Какво е нашето мислење за Саливан+?

 

Апликацијата има едноставен интерфејс на англиски јазик, но поддржува читање кирилица. Според тестирањата што ние ги направивме, доколку осветленоста е добра и документот е на соодветната оддалеченост од телефонот, модот за препознавање текст од слика функционира одлично. Модовите за препознавање на предмети и луѓе од околината исто така е солиден и прилично концизно, со една реченица, го опишува она што ве опкружува. Останатите модови работат како што е и дадено во описот погоре, со тоа што осветленоста, квалитетот на камерата и начинот на кој е направена фотографијата можат да го збунат алгоритмот и да се добие неточен опис, затоа треба да се внимава на овие 3 недостатоци кога се прави фотографијата. Сепак, сѐ на сѐ, оваа апликација е одлично софтверско помагало за човек да си прочита што пишува на некое пакетче храна, да види која книга ја држи во рацете, да провери што има на некоја слика што одамна ја има сликано и сл. Тоа што е бесплатна ја прави и уште подобра, така што ние топло ви препорачуваме барем да ја преземете и да ја испробате.