Слика од раце коишто се движат над точките од брајовото писмо

Меѓународниот ден на Брајовото писмо се слави на четврти јануари во чест на раѓањето на креаторот на Брајовото писмо, Луј Брај. Создавањето на Брајовото писмо на почетокот од деветнаесеттиот век за милиони слепи и луѓе со оштетен вид во тоа време значело забрзано приклучување на оваа мала група луѓе кон останатиот писмен дел од човештвото.

 

Патот до воспоставување на четврти јануари како Меѓународен ден на Брајовото писмо

 

Овој систем на пишување е наречен „Брајово писмо“ според неговиот создавач, Луј Брај. Тој бил Французин кој го изгубил видот како дете кога случајно си го прободел окото со шилото на својот татко во неговата работилница. Од неговата 10-годишна возраст тој отишол на училиште во Кралскиот институт за слепи деца и млади во Франција, каде што го научил Барбиеровиот систем на тактилно пишување и читање, по што го креирал и усовршил својот Брајов систем на пишување и читање со само 6 точки, којшто денес е попознат како  Брајово писмо.

 

Различните видови тактилни писма што се користеле во 19 век

 

Всушност, во осумнаесеттиот и посебно во деветнаесеттиот век постоеле повеќе вида тактилни системи за пишување и читање. Некои од нив како Муновото писмо или Хајовото писмо биле направени така што класичните букви од латинската азбука биле испапчувани, по што можеле да се прочитаат со прст. Други како Барбиеровиот систем за пишување и Њујоршкото точковно писмо користеле 8 до 12 точки, а некои, пак, како никтографското писмо осмислено од Луј Карол  користеле комбинации од точки и цртички… Луј Брај научил дел од овие методи за пишување и од нив ја прифатил тактилноста како начин за пренос на информации, но ја отфрлил комплексноста. Тој сфатил дека постоечките тактилни системи за пишување се неефикасни и неефективни поради сложеноста и големината на буквите што ги правела тешки за препознавање со само еден допир. Оваа комплексност правела тактилните книги да бидат премногу скапи поради бавноста во нивната изработка, како и тешки за читање. Поради ова Брај својот систем за пишување и читање го засновал само на 6 точки, распоредени во 3 реда и две колони, и со нивно комбинирање тој ги направил знаците за сите букви од латинската азбука, интерпункциските и правописните знаци, а смислил и начин за пишување на броеви и музички ноти. Практично најголемите заслуги што слободно можеме да му ги припишеме на Брај се едноставноста и интуитивноста на Брајовото писмо. Ова се две карактеристики што  го прават ова тактилно писмо да ги истисне од употреба сите други тактилни писма што се користеле во осумнаесеттиот и деветнаесеттиот век и од почетокот на дваесеттиот век да стане единствено тактилно писмо што го користат милиони слепи луѓе низ целиот свет.

 

Неговата значајност по речиси 200 години од создавањето на Брајовото писмо беше препозната од страна на Генералното собрание на Обединетите нации (UNGA). Па така, во ноември 2018 година, роденденот на Луј Брај, 4 јануари беше прогласен за Меѓународен ден на брајовото писмо. Следствено на тоа во 2019-тата година беше одбележан првиот Меѓународен ден на Брајовото писмо.

 

Брајовото писмо во Македонија

 

Во нашата држава Брајовото писмо се употребувало од почетокот на дваесеттиот век од страна на оние млади слепи луѓе што учеле во Училиштата за слепи во соседството (во Земун во денешна Србија, односно во Софија, денешна Бугарија). Поактивна употреба кај нас ова писмо доживува од средината на дваесеттиот век по отворањето на Државното училиште за деца и млади со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје. Практично во втората половина од дваесеттиот век ова писмо има најмногу познавачи и корисници, додека последните две децении со дигитализацијата и употребата на аудио-читачите, како и со избрзаната инклузија на учениците со оштетен вид неговата употреба е загрозена зашто сѐ повеќе млади слепи луѓе наместо да читаат брајови книги слушаат аудио книги и наместо Брајовото писмо, како алатка за читање и пишување ги користат компјутерите и  паметните мобилни уреди. Сепак, ова не значи дека Брајовото писмо кај нас веќе ја има завршено својата задача. Напротив, во иднина со заеднички сили, НССРСМ, Училиштето за деца и млади со оштетен вид, МТСП, МОН и сите останати надлежни институции треба да соработуваат и да ги обезбедат неопходните ресурси и средства за и ова писмо, онака како што е предвидено со членот 24 од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, да биде уште еден алтернативен начин на пишување и читање достапен за идните генерации деца, млади и возрасни со оштетен вид во нашата држава.