Лого на НССРСМ

По успешно комплетираниот прв дел од проектот, којшто опфаќаше фаза на истражување и развој на прирачник за методот на социјализирачка нарација преку улоги и развој на адаптирани инклузивни кампањи, преку спроведување тренинг за младински работници и лица со оштетен вид во Грција, па сѐ до вториот дел на проектот и спроведувањето на 3 локални настани (еден во Кавадарци и 2 во Скопје), проектот „Раскажување приказни надвор од видот“, поддржан од програмата Еразмус+ полека дојде до последниот негов јавен настан – Фестивал на играта (Game Festival).

Овој настан, во траење од 2 дена се случи на 15 и 16 ноември и беше посетен од стотина млади луѓе од Македонија и Грција, со и без оштетен вид, со што го продолжи инклузивниот карактер на проектот, а дополнително поради дводневноста овозможи поголем временски простор за интеракција и социјализација помеѓу нашите две таргет-групи.

Тек на фестивалот

Прв ден
Луѓе стојат пред панел ѕид, демонстрирајќи материјали за инклузивни RPG сесииПрвиот ден започна со претставување на проектот „Раскажување надвор од видот“ со цел оние присутни кои првпат се среќаваа со проектот да ги разберат главните цели и идеја на проектот, а и да разберат дека позади овој проект стои програмата на ЕУ, Еразмус+.

Покрај тоа, презентацијата опфати и споделување информации за предизвиците со кои младите лица со оштетен вид се соочуваат во секојдневниот живот, како и начините на кои раскажувачките игри со улоги можат да придонесат за нивна социјализација и интеграција.

Во рамки на првиот ден од Фестивалот, проектниот тим од Националниот Сојуз на Слепи на Република Северна Македонија ги претстави подготвените материјали за олеснување на играњето наративни игри со улоги за слепи и лица со оштетен вид. Ова вклучуваше презентација на специјално прилагоден прирачник за играње и водење игри, кој на пристапен начин ги опишува правилата, како и 5 примери за кампањи дизајнирани да бидат подеднакво возбудливи и пристапни за сите.
Група луѓе, вклучувајќи лица со оштетен вид, се вклучени во разговор додека младински работник прегледува брошури и материјалиДополнително, во рамки на првиот ден од Фестивалот беше даден и преглед на помагалата што можат да се користат за олеснување на играњето, како што се абакус за следење на резултатите, мобилни апликации што звучно ги изговараат резултатите од коцките и џенга како алтернативен метод за одредување на исходи во играта.

По воведните сесии, беше одржан краток говор во кој беа споделени искуства од спроведување на локалните настани со лица со и без оштетен вид. Во говорот беше истакнато дека овој метод придонесува многу за социјална инклузија на лицата со оштетен вид во општеството и создава длабоки пријателства меѓу учесниците за кратко време.

На овој говор и претходните презентации се надоврза и панел-дискусија во која учесниците разговараа за начините на кои заедницата на луѓе што играат раскажувачки друштвени игри може да помогне во подобрување на инклузијата на лицата со оштетен вид, како и за материјалите што им се потребни за полесно учество во игрите. Дискусијата отвори значајни теми за идните чекори во подобрување на пристапноста на овој метод.

По панел-дискусијата, следеше интерактивна работилница во која учесниците изработија маски што подоцна беа користени во играта што следеше, како и во играта за наредниот ден, со цел да се создаде повпечатливо искуство.
Денот заврши со игра на тема хорор мистерија, во која учесниците беа целосно ангажирани. Комбинацијата на интерактивни елементи и динамична приказна создаде незаборавно искуство за сите присутни.

Втор ден

Вториот ден од Гејм фестивалот беше целосно посветен на играње, исполнет со авантури, мистерии и незаборавни моменти. Игрите се одвиваа во повеќе групи во различно време, овозможувајќи им на сите учесници да се впуштат во магичниот свет на раскажувачкото дружење.

Темите на авантурите беа разновидни, покривајќи магичен свет и хорор мистерија. Групите повторно беа составени од учесници со и без оштетен вид, создавајќи инклузивна атмосфера во која сите можеа да дадат свој придонес. Оваа комбинација поттикна нивно меѓусебно запознавање и градење нови пријателства.
За време на игрите се користеа сите достапни помагала, вклучувајќи апликации за фрлање коцки со звучни ефекти и гласовно соопштување на нумеричката вредност, абакус за следење на карактеристиките на ликовите и џенга како алтернативен начин за одредување на исходот на одредени ситуации. Ова им овозможи на лицата со оштетен вид целосно да учествуваат и да уживаат во играта без никакви ограничувања. Дополнително, маските што беа изработени претходниот ден во рамките на интерактивната работилница се користеа за да се создаде подлабоко искуство и реалистичност на авантурите.

На крајот на денот, едно беше јасно – игрите не само што создадоа возбудливи моменти, туку и поттикнаа вистинска инклузија и поврзаност меѓу учесниците. Лицата со оштетен вид стекнаа нови познанства, споделија свои искуства и активно учествуваа во заедничката авантура, веќе неколкупати во рамки на овој проект докажувајќи дека раскажувачките друштвени игри со улоги можат да бидат моќна алатка за социјална инклузија. На крајот од вториот ден исто така можеше позитивно да се заклучи дека и заедницата на играчи на игри што се базираат на раскажувачкиот метод може да биде отворена, пристапна и инклузивна за сите, без разлика на нивните способности.