Ајфон 12 Предна и задна страна

Пред 11 години, со говорната програма војсовер (VoiceOver), Apple станува првата компанија што во своите уреди вградува опции за пристапност за слепи и слабовидни лица. Оваа говорна програма е од големо значење за слепите и слабовидните лица бидејќи до тогаш на пазарот за телефони не постои друг бренд на телефон чиј екран на допир е пристапен на исто ниво како што биле ајфоните. Нивната говорна програма е толку револуционерна што за брзо време и телефоните што работат на андроид добиваат нивна говорна програма (screen reader) наречен Токбек (Talkback), за кој ќе зборуваме во некоја наредна статија. Во оваа статија ќе се фокусираме на iOS  и неговите опции за пристапност за слепи и слабовидни лица.

Опции за пристапност за слепи лица

Кога станува збор за слепите лица, најважниот елемент при користење на некаков дигитален уред претставува говорната програма. Покрај тоа, како помошна алатка, иОС уредите имаат и вградена брајова тастатура за лицата кои што ја познаваат Брајовата азбука.

Говорна програма VoiceOver

За слепите лица на iOS телефоните постои Војсовер, вградена говорна програма што го изговара секое нешто што ќе се допре со прстот на екранот. Треба да нагласиме дека оваа говорна програма за сега нема поддршка за компјутеризиран синтетски глас на македонски јазик, туку текстовите што се напишани со македонска кирилица ги презема компјутеризираниот глас за руски јазик, при што гласовите како љ, њ, џ, ќ и ѓ не се изговараат воопшто, додека останатите зборови имаат руски нагласок. За да ја видите целосната листа со сите јазици што ги поддржува VoiceOver, притиснете тука.

Скриншот од опциите на VoiceOver

Говорната програма војсовер му овозможува на слепото лице да ги користи ајфон и другите iOS уреди со помош на гестикулации (gestures) што се малку изменети и надополнети од стандардните гестикулации за свајпање и тапкање што ги прават луѓето што немаат оштетен вид. Со оваа апликација слепото лице може да се движи низ целиот интерфејс на телефонот, да се движи низ текст, да управува со веб-страници, да пишува и едитира текст во полиња за пишување, да се движи низ останатите мобилни апликации и општо кажано да прави сѐ она што може да го прави видниот корисник, само на малку модификуван начин.

За да видите како функционира Војсовер, погледнете го видеото овде.

Брајова тастатура

Брајовата тастатура (Braille Screen Input) им овозможува на слепите лица, корисници на iOS уредите,  да пишуваат со помош на брајовото писмо наместо на стандардниот начин на пишување на обичната тастатура.

Раце како го држат телефонот во позиција за пишување со брајовата тастатура

Алтернативен начин на држење на телефонот за пишување со брајовата тастатура

Најмногу се користи за пишување, односно во полиња за текст, каде што корисникот може да едитира она што пишува надоврзувајќи се на брајовата тастатура со VoiceOver.

Дополнителна функција на брајовата тастатура е можноста за управување на целиот ајфон само преку брајово писмо. Поконкретно, корисникот може да ја вклучи тастатурата на почетниот екран, и да го управува целиот телефон, вклучувајќи и навигирање низ веб страници, со пишување на команди на брајовата тастатура за побрзо движење низ телефонот.

Опции за пристапност за слабовидни лица

За слабовидните лица, коишто немаат потреба од користење на говорната програма, iOS нуди уште неколку други алатки за подобрување на пристапноста и олеснување на користењето на самите уреди.

Зголемување на екранот

Една од најосновните функции на Ајфон за слабовидни лица е вградената лупа за зголемување на екранот (Zoom). Кога таа ќе се вклучи, корисникот може да зумира делови од екранот за подобро да може да гледа што пишува, или пак може да се зумира целиот екран со цел полесно да може да види слика. Оваа опција може да се намести да се пушта со одреден шорткат, односно да се вклучува по желба само она време кога на корисникот му е потребна.

Скриншот од опциите за Zoom

Големина на текстот

Опцијата Големина на текстот (Display & Text Size) исто како лупата, е наменета за слабовидни лица. Оваа функција дозволува менување на големината на текстот и позадината со цел да се олесни читањето на текст на самиот екран без да се користи дигиталната лупа. Опцијата има неколку нивоа на помагање, односно може да се намести текстот во апликациите да биде поозначен-поголем, болдиран, да се намали интензитетот на светли бои, да има висок контраст на бои помеѓу текстот и позадината, или да се наместат филтри на боја за позадината што им помага на оние што не можат да разликуваат одредени бои.

Скриншот од опциите за Display and Text Size

Изговор на обележаното

За тие што се слабовидни и можеби имаат проблеми да гледаат во екранот подолго време, можат да ја активираат опцијата Изговор на обележаното (Spoken Content) којашто помага на слабовидните лица така што можат да обележат дел од екранот што после преку шорткат, VoiceOver го чита на глас. Ова работи со каков било елемент на екранот, текст или елементи од веб страница како линкови, копчиња, наслови, итн. Дополнителна функција на опцијата е можноста да се namesti VoiceOver да чита сѐ по ред на екранот од одредена обележана точка на екранот па надолу, што помага при долги текстови или веб страници.

Скриншот од опциите за Spoken Content

Накратко ова се главните функции што ги имаат ајфоните и другите уреди што работат на платформата iOS. За некои од овие функции во иднина ќе пишуваме подетални насоки за тоа како тие се користат, затоа не заборавајте да ја посетувате оваа веб-страница почесто.